text size
Германскиот канцелар Фридрих Мерц повика на создавање паневропска берза како дел од поширокиот напор за да им се помогне на компаниите да се справат со конкуренцијата од САД и од Азија.
„На европските фирми им е потребен доволно широк и длабок европски пазар на капитал за да можат подобро и побрзо да се финансираат“, рече Мерц во денешното обраќање пред парламентот во Берлин, во пресрет на самитот на Европската Унија следната недела.
Конзервативниот лидер ги цитираше извештаите на поранешните италијански премиери Марио Драги и Енрико Лета, кои ја истакнаа потребата од итни чекори за затворање на јазот во растот на продуктивноста со глобалните конкуренти и го повтори своето разочарување од фактот дека компании како „Бионтек“ (BioNTech SE), со седиште во Мајнц, одлучуваат да котираат на берзата во Њујорк.
„Клучно за иднината на нашата земја и на сите земји во Европа е да ги исполниме овие задачи со обновена енергија“, им рече Мерц на пратениците во Бундестагот.
„Станува збор за наш просперитет и за тоа дали Европа за неколку години ќе остане играч во глобалната економија или ќе стане играчка на големите економски центри во Азија и во Америка.“