text size
„Иуте Македонија“ успешно ја реализираше својата прва корпоративна обврзница на домашниот пазар на капитал, обезбедувајќи го целиот износ од три милиони евра за рекордни четири дена. Од компанијата велат дека со тоа, јавната понуда е целосно затворена, а „исклучителниот интерес од инвеститорите претставува силна потврда за довербата во компанијата, нејзиниот стабилен бизнис модел и долгорочната стратегија за раст“.
По добиеното одобрение од Комисијата за хартии од вредност, „Иуте“ издаде петгодишна корпоративна обврзница во вкупна вредност од три милиони евра со фиксна годишна каматна стапка од 8,5 проценти. Во рамки на јавната понуда беа пласирани 30.000 обврзници со номинална вредност од 100 евра, достапни за физички и правни лица.
„Довербата е најскапиот и највредниот капитал на финансиските пазари. Интересот што го видовме за оваа емисија е силна потврда за довербата што инвеститорите ја имаат во ‚Иуте‘, нашите резултати и начинот на кој го водиме бизнисот. За нас, ова претставува важен чекор во понатамошното унапредување на финансиската структура на компанијата и создавање дополнителен простор за одржлив раст и развој“, изјави Нина Мојсова Ќосева, директорка на Секторот за финансии во „Иуте Македонија“.
Прочитај повеќе
„Иуте пеј“ доби лиценца за издавање електронски пари и платежни услуги во Македонија
Финтек-компанијата „Иуте пеј Македонија“ доби официјална лиценца од Народната банка за издавање електронски пари и давање платежни услуги.
09.07.2025
Од компанијата велат дека иако емисијата од три милиони евра претставува околу пет проценти од вкупната актива на компанијата, нејзиното значење е далеку поголемо од самата вредност.
„Како прво излегување на ‚Иуте Македонија‘ на домашниот пазар на капитал преку јавна понуда на корпоративни обврзници, ова претставува историски и стратешки чекор во понатамошната диверзификација на изворите на финансирање и зацврстување на позицијата на компанијата во финансискиот сектор“, наведуваат од компанијата.
Оттаму додаваат дека успешната реализација на емисијата испраќа силен позитивен сигнал и до македонскиот бизнис сектор.
„Таа покажува дека домашниот пазар на капитал може успешно да поддржи растечки компании и отвора нови можности за инвеститорите, придонесувајќи кон подлабок, поактивен и поразвиен инвестициски екосистем во земјата“, велат од компанијата.
Со оваа емисија, „Иуте Македонија“ не обезбеди само нов капитал за раст, туку постави и значаен репер за развојот на корпоративното финансирање и пазарот на капитал во Македонија.