На Волстрит растечките стравувања од вештачката интелигенција продолжуваат силно да ги удираат акциите на компаниите што ризикуваат да се најдат на погрешната страна од овие промени – од мали производители на софтвер до големи фирми за управување со богатство.
Најновата распродажба избувна во вторникот, кога алатка за даночна стратегија, лансирана од малку познатиот стартап „Алтруист“ (Altruist Corp.), ги турна акциите на „Чарлс Шваб“ (Charles Schwab Corp.), „Рејмонд Џејмс Фајненшл“ (Raymond James Financial Inc.) и ЛПЛ (LPL Financial Holdings Inc.) надолу за 7 отсто или повеќе.
За дел од овие акции тоа беше најдлабокиот пад од колапсот на пазарите за време на трговската војна во април. Но, наедно, беше и само најнов пример за менталитетот „прво продавај, па поставувај прашања“, кој брзо се вкорени додека на пазарот излегуваат нови производи финансирани со стотици милијарди долари вложени во вештачка интелигенција, поттикнувајќи страв дека технологијата може да преврти цели индустрии.
Прочитај повеќе
Волстрит се приклучува на еуфоријата за кинеските акции поврзани со вештачка интелигенција
Еуфоријата за кинеската вештачка интелигенција стигна и до Волстрит, каде што водечки банки гледаат силен раст и профитабилност кај новите технолошки ѕвезди.
пред 21 час
Потрошувачката на ВИ-компаниите е споредлива со изградбата на железничката инфраструктура во 19 век
Со капитални вложувања споредливи со историски инфраструктурни бумови, технолошките компании ја менуваат економската слика во трката за доминација во ВИ.
08.02.2026
Кои се саудиските сестри милијардерки што ги поврзуваат Волстрит и Ријад
Сестрите Олајан пораснале во време кога на жените во Саудиска Арабија не им било дозволено да возат и морале да имаат машки старател дури и за да добијат пасош.
08.02.2026
Омилените тргувања на Волстрит се уриваат, се продлабочува пазарната распродажба
По оптимизмот на почетокот на годината, Волстрит влезе во остар пресврт: акциите, биткоинот и благородните метали паѓаат, а стравот од преценетите пазари расте.
06.02.2026
„Секоја компанија што има каков било ризик од потенцијално нарушување се продава неселективно“, вели Џон Белтон, менаџер на фондови во „Габели“ (Gabelli Funds).
Акциите на компаниите за управување со богатство паѓаат поради стравувања од ризикот од ВИ
Нова алатка за даночна стратегија од стартапот „Алтруист“ изврши притисок врз секторот
Bloomberg
Напредокот на вештачката интелигенција во изминатите неколку години беше во прв план на Волстрит, при што технолошките акции ја предводеа трката. Како што растот ги туркаше цените на акциите до рекордни нивоа, постојано се поставуваше прашањето дали станува збор за балон што само што не пукнал или за почеток на бум на продуктивност што ќе ја преобликува корпоративна Америка.
Но од почетокот на минатата недела низа лансирања на производи поврзани со ВИ предизвикаа јасна и нагла промена. Наместо да се фокусираат на избор на победниците, инвеститорите сега брзо се обидуваат да избегнат да останат сопственици на која било компанија што има и најмал ризик да биде заменета.
„Немам поим што следува“, изјави Вил Рајнд, извршен директор на „Гранитшерс“ (GraniteShares Advisors).
„Наративот лани беше дека сите веруваме во вештачката интелигенција, но ја бараме нејзината практична примена“, рече тој. „А како што постојано откриваме случаи на употреба што изгледаат сѐ помоќно и сѐ поубедливо, тоа сега води кон нарушување.“
Софтверската индустрија веќе подолго време е под притисок од стравувања поврзани со вештачката интелигенција. Минатата недела тие пошироко се префрлија и на други сектори, кога нови алатки од „Антропик“ (Anthropic PBC) предизвикаа длабок пад на акциите во софтверскиот сектор, финансиските услуги, управувањето со средства и правните услуги.
Истите стравувања во понеделникот ги погодија и акциите на американските осигурителни брокери, откако онлајн пазарот „Иншјурифај“ (Insurify) претстави нова апликација што користи ЧетГПТ (ChatGPT) за споредба на цените за автоосигурување. Во вторникот акциите на компаниите за управување со богатство беа следната жртва, повлечени надолу од производот „Хезел“ (Hazel) на „Алтруист“, кој им помага на финансиските советници да ги персонализираат стратегиите за клиентите.
Извршниот директор на „Алтруист“, Џејсон Венк, рече дека дури и самиот бил изненаден од обемот на реакцијата на берзата, која избриша милијарди долари од пазарната вредност на низа инвестициски фирми. Сепак, според него, тоа испраќа силен сигнал за конкурентската закана што ја претставува неговата компанија.
„На луѓето им станува јасно дека оваа архитектура што ја користиме за да го изградиме ‘Хезел’ може да ја замени која било работа во управувањето со богатство“, изјави тој во интервју. „Обично тоа се работни места што ги извршуваат цели тимови. А сега ќе се извршуваат со вештачка интелигенција, практично за 100 долари месечно.“
Компании за вештачка интелигенција како „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ веќе направија значителен пробив во софтверското инженерство со производи што им помагаат на програмерите да го поедностават процесот на пишување и отстранување грешки во кодот и сега се движат и кон други индустрии.
Сепак, остануваат голем број прашања за тоа како ќе биде прифатена технологијата. Банкарската индустрија, на пример, во минатото периодично се соочувала со предизвици од криптовалути, електронски услуги и други технологии, кои, на крајот, направиле малку за да ја нарушат нејзината доминантна позиција.
Белтон, менаџер за фондови во „Габели“ (Gabelli Funds), е меѓу оние што се скептични за тоа како Волстрит премина од грижи за балон со вештачката интелигенција кон стравувања дека таа е на прагот да наруши огромни сегменти од економијата.
„Во секоја индустрија ќе има победници и губитници“, рече Белтон. Но, како што додаде, „едно општо правило е дека технолошките нарушувања обично се одвиваат побавно отколку што се очекува“.
Повлекувањата може да го одразуваат и општото чувство на вознемиреност поради тоа колку силно пораснаа акциите во изминатите неколку години, поттикнати од бумот на трошење за ВИ и изненадувачки отпорната американска економија. Тоа ги растегна вреднувањата и ги направи инвеститорите чувствителни на стравувања од пресврт.
„Доволно е само да се појави навестување за нешто што пазарот го доживува како донекаде негативно, и акцијата ќе падне за 10 отсто — на начин што никогаш не би се случил на пазар што не се тргува на ова ниво“, рече Вил Рајнд од „Гранитшерс“.
За Рос Гербер, извршен директор на „Гербер Кавасаки“ (Gerber Kawasaki), вознемиреноста околу губитниците од ВИ што стресе делови од пазарот изминатата недела е прерана. Според него, сè уште е премногу рано да се каже какви точно ќе бидат последиците.
„Можеме да се обидуваме да проценуваме како ќе изгледа светот за пет години со ВИ, но едноставно не знаеме“, рече тој. „Пазарите се обидуваат да донесат вакви одлуки додека сè уште сме на самиот почеток на оваа рана фаза.“