Американските ЕТФ-ови што инвестираат во биткоин се на пат да го забележат најлошиот месец по одливот на средства од нивното лансирање пред две години.
Инвеститорите во јуни повлекле повеќе од 4,1 милијарди долари од 13-те фонда, што е најголем нето-одлив откако тие почнаа да се тргуваат во јануари 2024 година, покажуваат податоците од „Блумберг“. Само од фондот ИБИТ на „Блекрок“ (BlackRock Inc.), кој управува со најголем обем средства, се повлечени околу три милијарди долари.
Американските биткоин ЕТФ-ови се на пат кон рекорден месечен одлив
Одливот на средства доаѓа во период кога и самиот биткоин се движи кон најлошиот месечен резултат од јуни 2022 година, кога банкротираше низа криптокомпании, што кулминираше со пропаста на ФТ Икс на Сем Бенкмен-Фрид. Токенот овој месец изгуби повеќе од 18 отсто од вредноста и се движи околу 60.000 долари, откако минатата недела падна под тоа ниво.
„Обемот и времетраењето на овие одливи покажуваат дека традиционалните инвеститори и понатаму се претпазливи“, наведуваат аналитичарите на компанијата за пазарна аналитика „Гласнод“ (Glassnode) во неодамнешен извештај. Тие додаваат дека, за разлика од претходните корекции на биткоинот кога инвеститорите купуваа ЕТФ-ови, овој пат тие ја намалуваат својата изложеност.
Биткоинот се движи кон најлошиот месец од јуни 2022 година
Покрај спот-фондовите, под притисок се најде и компанијата „Стратеџи“ (Strategy), поранешен „Микростратеџи“ (MicroStrategy), која е еден од најголемите корпоративни сопственици на биткоин. Последната распродажба почна откако компанијата продаде биткоини во вредност од 2,5 милијарди долари од своето портфолио, чија вкупна вредност изнесува околу 50 милијарди долари. Продажбата беше релативно мала, но имаше силно симболично значење за пазарот.
„Дополнителен притисок создаде и падот на приоритетната акција СТРЦ (STRC) на ’Стратеџи’, која минатата недела загуби 24,67 отсто и се спушти на 74,57 долари“, изјави Тони Сајкамор, аналитичар во „ИГ Австралија“ (IG Australia). „Распродажбата беше поттикната од растечките стравувања дека компанијата можеби ќе мора да продаде дел од своите биткоини за да ги намири достасаните конвертибилни обврзници и обврските за исплата на дивиденда.“
Биткоинот во понеделникот околу 8:30 часот по лондонско време се тргуваше околу 60.000 долари, што е повеќе од 50 отсто под неговиот врв достигнат во октомври минатата година.