Цената на нафтата драстично падна во средата, откако беше објавено дека резервите на нафта во САД се на највисоко ниво во последните десет месеци.
Глобалниот репер брент се тргува за нешто над 87 долари за барел, откако падна за три отсто во средата, додека вест тексас интермедиејт (ВТИ) е близу 83 долари. Резервите на сурова нафта во САД се зголемија за 2,7 милиони барели минатата недела, достигнувајќи највисоко ниво од минатиот јуни, додека показателите за побарувачката за гориво паднаа.
Слабите американски податоци го засенија влијанието на геополитичките тензии на Блискиот Исток додека трговците очекуваат одговор на Израел на неодамнешниот напад од Иран. Во моментов има премија од 5 до 10 долари за барел, но доколку не дојде до ескалација, цените би можеле да паднат, велат од „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group).
Во центарот на вниманието се и американските санкции против Венецуела. Администрацијата на претседателот Џо Бајден повторно воведе рестрикции за венецуелската нафта, што може да влијае на протокот на нафта од јужноамериканската земја. Во исто време се наѕираат и нови санкции за иранската нафта, кои се дел од пакетот што го објавија републиканците во Претставничкиот дом, а за кој треба да се гласа кон крајот на неделава.
Вредноста на нафтата и натаму е доста повисока во однос на почетокот на годината, бидејќи намалувањето на понудата на членките на ОПЕК+ и геополитичките ризици на Блискиот Исток и Русија влијаеја на растот на цената. Зголемувањето ги поттикна шпекулациите дека нафтата може да се врати на 100 долари за барел, иако растот сега е ослабен, а некои пазарни показатели, вклучувајќи ја и временската рамка, укажуваат на нешто помалку строги услови.
Цени:
- Брентот за јунско порамнување поскапе за 0,3 отсто, на 87,54 долари за барел, во 13.38 часот во Сингапур.
- ВТИ за испорака во мај се зголеми за 0,2 отсто, на 82,85 долари за барел.