Кинеските автомобили минатиот месец за првпат сочинуваа повеќе од 10 отсто од вкупната продажба во Европа, бидејќи купувачите масовно се насочуваат кон модели кои нудат подобра опрема и перформанси за помалку пари.
Хибридните и плагин хибридните модели, како теренецот МГ С9 (MG S9), им помогнаа на кинеските производители да достигнат удел од 11 отсто на европскиот пазар, покажуваат податоците на „Датафорс“ (Dataforce). Кинеските производители остварија речиси 25 отсто удел во продажбата на нови хибридни автомобили, додека истовремено е забележан раст на побарувачката и за нивните целосно електрични модели.
Кинеските производители, како што наведува аналитичарот Џулијан Лицингер од „Датафорс“ , навреме препознале дека европските купувачи сè уште не се подготвени за целосен премин кон електрични возила и побрзо ја приспособиле својата понуда од повеќето западни конкуренти. „Најсилниот адут, сепак, е односот цена-квалитет: кинеските брендови на купувачите им нудат значително повеќе за истите пари“, наведува тој.
Прочитај повеќе
Кинеските електрични автомобили создаваат завист кај Американците
Кинеските брендови ги освојуваат американските потрошувачи на социјалните мрежи, поткопувајќи ги напорите на САД да ги држат подалеку од нивниот пазар.
13.06.2026
Кинескиот луксуз во центарот на вниманието на Саемот за автомобили во Торино
Саемот за автомобили во Торино во 2025 година собра повеќе од 50 глобални производители, но најголемо внимание од посетителите и медиумите привлекоа кинеските брендови како што се БЈД, „Донгфенг“ и „Гили“...
01.10.2025
Bloomberg
Кога се споредуваат два теренски модела со седум седишта, купувачите на кинескиот модел МГ С9 остваруваат заштеда и добиваат повеќе коњски сили во споредба со моделот „фолксваген тајрон“ (VW Tayron), наведува Лицингер, со напомена дека квалитетот на овој автомобил воопшто не заостанува.
Производителите, како БЈД (BYD) и САИК (SAIC), агресивно навлегуваат на европскиот пазар за да најдат излез за вишокот автомобили на кинескиот пазар. И покрај големите попусти и брзото воведување нови модели, продажбата во Кина нагло опаѓа бидејќи личната потрошувачка слабее под притисок на кризата на пазарот на недвижности и нестабилниот пазар на труд.
Европската Унија се обидува да ги заштити домашните производители како „Фолксваген“, „Стелантис“ (Stellantis) и „Рено“ (Renault), но дополнителните царини воведени во 2024 година се однесуваат само на целосно електричните возила од Кина. Поради пониските бариери, хибридите и плагин хибридите бележат побрз раст од целосно електричните возила.
Кинеските компании користат домашни субвенции, вклучително и неповратни средства, евтино земјиште и поволно финансирање, што значително ги намалува нивните основни трошоци за работење.
Тие исто така имаат корист и од државната поддршка во Европа. Во Германија, владата започна нова програма за субвенционирање на возила со нулта емисија на штетни гасови, вредна три милијарди евра (3,4 милијарди долари). Покрај електричните возила, овие субвенции, кои може да изнесуваат и до 6.000 евра за домаќинства со пониски приходи, важат и за плагин хибриди и автомобили со продолжувачи на досегот.
Од воведувањето на државните субвенции, најголем профит во Германија остварија кинеските брендови, особено МГ и БЈД, пишува економскиот неделник ВВ (WirtschaftsWoche), повикувајќи се на податоци од лобистичката група на авто-дилери ВАД. Весникот наведува дека МГ и БЈД забележале просечен раст на продажбата меѓу 50 и 75 отсто.
Bloomberg
Европските производители на автомобили се соочуваат со потешкотии во транзицијата кон електрични возила, а многу од нив бараат ублажување на целите на Европската Унија поврзани со емисиите на јаглерод диоксид (CO2), бидејќи потрошувачите сè уште се неодлучни кога станува збор за скапите електрични автомобили, особено поради нерамномерно развиената мрежа на полначи.
„Политиката на Европската Унија строго да ги регулира домашните производители на автомобили на сите нивоа, додека истовремено (сè уште) не ги оданочува странските производители кои немаат иста база на регулаторни трошоци, го дава токму оној ефект што би можел да се очекува“, наведе аналитичарот на „Ситигруп“ (Citigroup), Харалд Хендриксе, во својот извештај. „Европската Унија мора да ја заштити сопствената автомобилска индустрија, исто како што го направи тоа со европскиот челик.“
Европската Унија размислува и за проширување на царините на кинеските хибриди, објави во мај германскиот весник „Ханделсблат“ (Handelsblatt).
Низа нови, силни конкуренти дополнително ја отежнуваат позицијата на европските производители на автомобили. Високите цени на енергијата и работната сила, забавениот домашен пазар, американските царини и падот на продажбата во Кина значително го намалуваат профитот. Компанијата БМВ (BMW) минатата недела соопшти дека поради тоа годинава би можела да оствари едвај некаква заработка од производството на автомобили.
Во Велика Британија, која не воведува посебни царини, брендовите како БЈД, МГ, „Омода“ (Omoda) и „Џеку“ (Jaecoo) доживуваат вистинска експанзија. Моделот „џаку 7“ (Jaecoo 7 SUV) на компанијата „Чери“ (Chery Automobile) беше четврти најпродаван модел во Британија во мај, што помогна уделот на кинеските производители на автомобили да порасне над 16 отсто.
Иако кинеските компании се најуспешни во Велика Британија, Италија и Шпанија, тие почнаа да освојуваат позиции и во Франција и Германија. Истовремено, тие ги забрзуваат чекорите кон воспоставување сопствена производствена мрежа во Европа, во момент кога нивните европски конкуренти се борат со вишок производствени капацитети.