text size
Сенатот на Парагвај во петокот го разреши претседателот Сантијаго Пења од функцијата, драматичен пад што го отвора патот за евентуално покренување кривични обвиненија против него поради неговата наводна улога во пропаѓањето на голема банка.
Сите 44 присутни сенатори гласаа за разрешување на Пења, еден ден откако долниот дом на Конгресот едногласно ја поддржа постапката за негово отповикување. Подоцна, на Пења му беше одреден домашен притвор.
Пења, клучен сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, понуди да поднесе оставка под сè поголем притисок поради неговите врски со „Уено банк“ (Ueno Bank SA), комерцијална банка што се затвори претходно неделава. Јавното обвинителство во четвртокот соопшти дека отворило кривична истрага против Пења, кој имал удел во матичната компанија на банката, „Групо Васкез“ (Grupo Vázquez), пред да се повлече од инвестицијата минатата година.
Прочитај повеќе
Криптоскандалот со аргентинскиот претседател се проширува со обвинувања против неговата сестра
Политичката прашина околу улогата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи во криптоскандалот го насочи вниманието кон неговата најблиска советничка и чуварка: неговата сестра.
19.02.2025
Како да се отплетка корупциската мрежа на Орбан: почнете со зебрите
Шеснаесетгодишното владеење на Орбан ја претвори унгарската економија во џиновска машина за протекции и клиентелизам
08.05.2026
Како корупцијата го прогонува военото раководство на Украина
Последните настани покажуваат дека битката против високата корупција е сè уште далеку од завршена
29.11.2025
ЕСГ може да биде брана за високата корупција и иселувањето на младите од регионот
Социјалните и работните услови најмногу влијаат врз одлуката на младите да заминат.
25.06.2025
Со тоа што гласаа за разрешување на Пења наместо да ја прифатат неговата оставка, законодавците му го ускратија доживотното место во Сенатот без право на глас, кое Уставот им го дава на поранешните претседатели. Тој статус ќе му обезбедеше широк имунитет од кривично гонење.
Потпретседателот Педро Алијана во петокот положи заклетва како нов лидер на земјата. Алијана, кој остана на функцијата по гласањето за негово отповикување во четвртокот, ќе го доврши мандатот на Пења, кој истекува во август 2028 година.
Случајот со „Уено банк“ прерасна во најголемата политичка криза во Парагвај откако Конгресот во 2012 година го разреши тогашниот претседател Фернандо Луго по смртоносен судир меѓу полицијата и селани без земја.
Регулаторите рано во вторникот ја презедоа контролата врз „Уено банк“ и ги замрзнаа заштедите на милиони Парагвајци, меѓу кои и пензионери. Тоа предизвика протести низ земјата, каде што приближно секој трет жител имал депозит во банката, додека централната банка почнува да им ги враќа парите на штедачите со средства од фондот за осигурување на депозити.
Државните депозити во банката нагло пораснаа од нула на повеќе од 800 милиони долари годинава, односно само за 3 години откако Пења ја презеде функцијата во 2023. Тој, исто така, лично избра поранешен раководител на „Уено банк“ да ја предводи централната банка на земјата. Тоа го насочи вниманието на јавноста кон блиските врски и слабиот надзор во време кога банката растеше брзо и без контрола.
Првиот човек на централната банка, Карлос Карваљо, поднесе оставка неделава. Мигел Васкез, кој беше сопственик на „Уено банк“, беше уапсен пред неколку дена.
Падот на Пења
Разрешувањето на Пења веројатно ќе стави крај на политичката кариера обележана со менување на партиската припадност и со метеорски подем, поттикнат од неговиот сојуз со поранешниот претседател Орасио Картес, претседател на владејачката партија „Колорадо“ и еден од најбогатите бизнисмени во Парагвај.
Пења се зачлени во партијата додека беше министер за финансии во владата на Картес, кој беше на власт од 2013 до 2018 година. Откако загуби на внатрепартиските избори за претседателски кандидат во 2017 година, пет години подоцна ја обезбеди партиската номинација и победи на изборите во 2023 година.
Харизматичниот Пења десетици пати патуваше во странство за да се сретне со странски лидери и да привлече инвеститори. Администрацијата на Трамп воспостави блиски врски со неговата влада, која беше наклонета кон бизнисот, а американскиот претседател на самит во Вашингтон во февруари го пофали како „млад, згоден тип“.
Во соопштение пред гласањето, Амбасадата на САД во Парагвај изрази солидарност со народот на земјата и ги повика властите да го зачуваат мирот и да ги почитуваат демократските институции. Во соопштението Пења не беше спомнат по име.
Критичарите често тврдеа дека Пења е марионета на Картес. Но во последните месеци тој се разиде со поранешниот претседател, со што дополнително се подели партијата „Колорадо“.
Картес во четвртокот јавно повика на разрешување на Пења, со што почна брзата постапка за отповикување што доведе до неговиот пад.