text size
Американските власти ја укинаа забраната за полетување на национално ниво по четиричасовниот прекин што предизвика нарушувања на илјадници летови и остави патници заглавени низ целата земја, при што се очекува доцнењата да продолжат и во текот на викендот.
Федералната администрација за воздухопловство (ФAA) во петокот ги запре летовите откако преоптоварување со податоци ги онеспособи комуникациите и радарите за контрола на воздушниот сообраќај, соопшти агенцијата, во инцидент што ја откри кревкоста на клучната американска воздухопловна инфраструктура.
Забраната за полетување беше укината во петокот навечер во 20:15 часот. Авиокомпаниите сега се соочуваат со предизвикот повторно да ги воспостават своите редовни распореди по прекинот, при што доцнењата и откажувањата потенцијално би можеле да се прошират низ целиот систем додека авиопревозниците работат на враќање на авионите и екипажите на нивните позиции.
Прочитај повеќе
Светот им се врати на телефоните и факс-машините поради колапсот на „Мајкрософт“
Банки и брокерски куќи останаа без клучни комуникациски услуги, трансакциите доцнат, а трговците се принудени повторно да работат преку телефон и факс.
пред 19 часа
Најголем дефект во поновата историја на „Мајкрософт“, проблемот тешко се санира
Што се случува и кога ќе се врати нормалното функционирање?
пред 23 часа
Не е јасно колку време ќе биде потребно за воздушниот сообраќај во земјата да се нормализира. Авиокомпании како „Американ Ерлајнс“ и „Џетблу“ предупредија на доцнења и во сабота, додека официјалните лица изјавија дека системите што ја поддржуваат контролата на воздушниот сообраќај ќе се вратат во нормала пред Денот на благодарноста, на крајот од месецот.
„Нашите прекинувачи, нашите рутери, всушност беа преоптоварени со податоци и престанаа да работат“, изјави секретарот за транспорт Шон Дафи на прес-конференција во Белата куќа. „И не треба да кажам дека престанаа да работат. Тие почнаа да ни даваат неконзистентни податоци од тие рутери. И поради тоа, го исклучивме системот.“
Реткиот прекин на национално ниво, само трет ваков случај во историјата на САД, се случи во време кога ФAA се соочува со застарена инфраструктура за контрола на воздушниот сообраќај и зголемен притисок за модернизација на своите системи. Агенцијата првично нареди сите летови што требаше да полетаат да останат приземјени на неопределено време, повикувајќи се на вонредни околности и безбедносни причини.
Според податоците на сервисот за следење летови „Флајтавер“ (FlightAware), до 22:30 часот по њујоршко време, околу 8.200 летови биле откажани, а сличен број летови доцнеле при пристигнување, заминување и во рамките на САД.
„Ќе ни биде потребно извесно време да го расчистиме она што се случи попладнево“, рече Дафи, додавајќи подоцна: „Мислам дека повторно ќе бидеме во функција и оперативни кога ќе влеземе во периодот на најинтензивни патувања за време на Денот на благодарноста.“
Дефект на системот
Клучни делови од опремата, кои веќе работеа над својот капацитет и се мачеа да се справат со оптоварувањето, беа преоптоварени во петокот, според брифингот на ФАА, за кој на „Блумберг“ му раскажале лица запознаени со случајот. Дефектот предизвикал верижна реакција и влијаел врз основата на стариот телекомуникациски систем на ФAA, кој обработува гласовни и податочни информации што ги користат контролорите на воздушниот сообраќај и пилотите, изјавиле тие лица.
Сепак, биле погодени конкретни локации, а компанијата „Л3 Харис“ (L3Harris Technologies Inc.), која управува со постарата телекомуникациска мрежа и помага во нејзиното одржување, добила задача да ја утврди причината за преоптоварувањето со податоци, изјавиле лицата. Американската компанија од воздухопловната и одбранбената индустрија не одговорила на барањето за коментар надвор од редовното работно време.
Секретарот за транспорт се обиде да ги увери патниците дека е безбедно да се лета - инсистирајќи дека САД го имаат „најбезбедниот систем во светот“ - иако не можеше да ја исклучи можноста за сличен прекин на системот за контрола на воздушниот сообраќај во иднина.
„Дали токму оваа работа повторно ќе се случи? Не знам дали токму ова сценарио ќе се повтори“, рече тој.
Шон Дафи, секретар за транспорт на САД (лево), и Марквејн Малин, секретар на Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS), за време на прес-конференција во Белата куќа.
Bloomberg
Секретарот за внатрешна безбедност Марквејн Мулин им изјави на новинарите дека ФAA „внесува корекции во системот“ и дека новата технологија го „преоптоварува постариот систем“.
Дафи претходно во петокот изјави дека проблемот со комуникациите ги погодил сите центри за контрола на воздушниот сообраќај, кои управуваат со авионите што летаат на големи височини. ФAA го припиша нарушувањето на привремен телекомуникациски прекин, иако точната причина сè уште се истражуваше.
„Имавме повеќе од 3.500 авиони во воздух“, им рече Дафи на новинарите. „Сите тие реагираа, и последниот пат кога проверив, имавме помалку од 400 во воздушниот простор, бидејќи сите слетуваа безбедно, а ние се справивме со ситуацијата користејќи ги нашите добро познати процедури што ги применуваме кога ќе се случат вакви инциденти.“
Дафи изјави дека контролорите имале „повремена комуникација и повремена радарска покриеност“, што им овозможило безбедно да ги приземјат авионите.
Администрацијата на Трамп бара од Конгресот 50 милијарди долари итно финансирање за да помогне во ажурирањето на националниот систем за контрола на воздушниот сообраќај, изјави Дафи.
„Не можам да градам работи ако немам пари“, додаде тој.
Мулин претходно изјави дека нема ништо што укажува на тоа дека прекинот бил предизвикан од сајбер-напад или од инцидент поврзан со неконтролирана вештачка интелигенција.
Прекинот следува по уште два други прекини на воздушниот сообраќај на национално ниво. Во 2023 година, системот на ФAA со безбедносни известувања до пилотите и диспечерите имаше прекин во работата, додека претходниот прекин се случи по терористичките напади на 11 септември 2001 година.