ПОЛИТИКА
Барние се откажа од зголемување на даноците
Партијата Национално обединување на Марин Ле Пен изнесе понатамошни барања за измени на Законот за буџетот на француската влада за 2025 година, откако францускиот премиер Мишел Барние се откажа од плановите за зголемување на данокот на електрична енергија. Претседателот на Национално обединување, Жордан Бардела, го повика Барние да се откаже од плановите за намалување на надоместокот за лекови, да воведе мораториум на сите нови или повисоки даноци, да помогне во зајакнување на конкурентноста на малите и средните претпријатија и да ги индексира пензиите врз основа на инфлацијата почнувајќи од 1 јануари.
Да потсетиме, администрацијата на Барние се соочува со ризик да биде соборена во наредните недели бидејќи опозициските пратеници се закануваат дека ќе се обединат во гласањето за недоверба кон нејзините фискални планови. Левицата вети дека ќе поднесе таков предлог веќе следната недела, што ја става судбината на владата во рацете на Националното обединување, бидејќи тие ќе ги дадат одлучувачките гласови.
ЕКОНОМИЈА
„Каматните стапки треба да бидат на ниво што стимулира раст“
Членот на управниот совет на Европската централна банка (ЕЦБ), Вилерој де Галхау, порача дека нема потреба ЕЦБ повеќе да ја ограничува економијата и дека можеби дури ќе треба да ги доведе каматните стапки на нивоа што стимулираат раст. Вилерој исто така рече дека намалувањето на каматите во декември е сигурно и дека официјалните лица треба да ги остават отворени опциите во однос на брзината и големината на попуштањето на монетарната политика во наредните месеци.
НАФТА
ОПЕК+ го одложи состанокот за 5 декември
Организацијата ОПЕК+ го помести состанокот за ограничување на производството на нафта за 5 декември. Секретаријатот на ОПЕК соопшти дека причината за поместувањето на состанокот е неможноста за присуство на неколку министри. Сепак, да потсетиме дека организацијата во минатото ги поместуваше состаноците кога ѝ беше потребно повеќе време за да постигне договор. ОПЕК ќе одлучува дали да продолжи со планираното зголемување на производството на нафта, а делегатите рекоа дека се разгледува одложување на тој потег поради презаситеност на пазарот.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат мешано. Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија со добивки, а трговците денеска очекуваат податоци за инфлацијата во еврозоната.
САД
Американските берзи вчера беа затворени поради Денот на благодарноста. Доларот ослабе во однос на главните валути, а индексот на јачина на доларот се движи кон својот прв неделен пад во два месеца.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие се тргуваат мешано. Регионалниот индекс и акциите во Јапонија бележат загуби, додека акциите во континентална Кина и Хонгконг тргуваат со добивки. Јапонскиот јен порасна на највисоко ниво во повеќе од еден месец во однос на доларот, зајакнувајќи над границата од 150 јени за долар, бидејќи податоците за инфлацијата во Токио ги надминаа процените.
Акциите во Кина зајакнаа поради шпекулациите дека Пекинг ќе обезбеди поголема поддршка за економијата на клучниот состанок за политиката во декември.