Во вторникот стапија во сила американските царини кон Кина, додека царините кон Мексико и Канада се одложени. Прво, во понеделникот беше објавена веста за одложување на царините кон јужноамериканската држава, додека до доцна вечерта по европско време се чекаше Доналд Трамп да го заврши разговорот со канадскиот премиер Џастин Трудо. Да потсетиме, станува збор за царини од 25 проценти, кои се одложуваат за 30 дена.
ПОЛИТИКА
Започна трговска војна меѓу двете најголеми сили
Американските царини на стоката од Кина од 10 проценти стапија во сила во вторникот, по што официјален Пекинг веднаш возврати. Имено, Кина најави мерки за одмазда, односно серија нови царини на американски производи и започнување истрага против „Гугл“ (Google).
Со тоа, како што оценува „Блумберг“ (Bloomberg), повторно е започната трговска војна меѓу двете најголеми светски економии. Кина најави царини од 15 проценти на увозот на јаглен и течен природен гас, како и царини од 10 проценти на нафтата и земјоделската опрема од САД. Официјален Пекинг, како што е соопштено, ќе отвори истрага и против „Гугл“ поради наводно прекршување на антимонополските прописи.
Одложени царините за Канада и за Мексико
Американскиот претседател се согласи да ги одложи царините кон Канада и Мексико за еден месец, откако двете земји се согласија да преземат построги мерки во борбата против миграцијата и трговијата со дрога на границата. Трамп и Трудо во посебни објави на социјалните мрежи пренесоа дека е постигнат договор, и тоа само неколку часа пред да стапат во сила обостраните царини.
САД, според најновиот договор, добија многу отстапки од канадската влада. Така, меѓу другото, беше соопштено дека Канада ќе ги означи наркокартелите како терористи и ќе им се приклучи на САД во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и перењето пари. Повеќе детали открива новинарот на „Блумберг“.
Да потсетиме и дека американскиот претседател сугерираше дека сака да склучи договор со Украина за пристап до ретките земни метали на таа земја, што е услов за продолжување на американската помош на Киев во војната против Русија.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат во црвено, откако Кина најави контрацарини на производите од Америка. Да потсетиме, денеска стапија во сила новите американски царини од 10 проценти на кинеската стока, по што следуваа контрамерките на официјален Пекинг. Да потсетиме и дека Трамп ѝ се закани на Европската Унија со потенцијални царини, што, според агенцијата „Фич“ (Fitch Ratings), може да ги загрози перспективите за европскиот раст.
САД
И фјучерсите на американските индекси се тргуваат со загуби, по обновувањето на трговската војна меѓу двете најголеми светски економии. Па така, фјучерсите на индексот S&P паднаа за 0,2 проценти, а фјучерсите на Nasdaq за 0,3 проценти.
Азија
Во азиско-пацифичкиот регион акциите се тргуваат претежно во зелено. Па така, берзите во Јапонија, Хонгконг и во Австралија се во зелено, додека единствено акциите во континентална Кина се тргуваат со загуби.
Цената на нафтата продолжува да паѓа
По ескалацијата на трговските тензии меѓу Америка и Кина, нафтата ВТИ (WTI) поевтини за 1,9 проценти, на под 72 долара за барел, додека брентот е близу 75 долари.