Американскиот и израелскиот државен врв се состанаа за да ја разгледаат ситуацијата во Појасот Газа, технолошкиот гигант „Алфабет“ (Alphabet) ги разочара инвеститорите, а во Европа растат надежите дека ќе се заобиколат санкциите на САД.
ПОЛИТИКА
Трамп: Америка е подготвена да го преземе Појасот Газа
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД треба да ја преземат контролата над Појасот Газа, кој е разорен од војна, и дека Палестинците треба да бидат преселени во други земји.
Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа изјави дека САД сакаат економски да го развијат тоа подрачје за Газа, како што рече, да стане „нова ривиера на Блискиот Исток“.
Претседателот на САД дури не ја исклучи и можноста за распоредување американски трупи за да го обезбедат тоа подрачје, наведувајќи дека ќе „го направат тоа што е неопходно“.
БИЗНИС
Пад на акциите на „Алфабет“, потфрли сегментот на услуги од облак
На корпоративен план, акциите на „Алфабет“ паднаа за повеќе од девет проценти во електронското тргување, бидејќи приходите од услугите од облак беа под очекувањата на аналитичарите.
Истовремено, вкупните приходи во четвртиот квартал од минатата година достигнаа 81,6 милијарда долари, додека аналитичарите предвидуваа 82,8 милијарди долари. „Алфабет“ најави и капитални трошоци од 75 милијарди долари во 2025 година, што е далеку повеќе од 58 милијарди долари, колку што очекуваа аналитичарите.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат мешано, пред објавувањето на податоците за индексот ПМИ (PMI) за услужниот сектор на еврозоната.
Потсетуваме, европските берзи го завршија тргувањето во вторникот со добивки, откако Трамп прекуноќ реши да го одложи воведувањето на царините за Канада и за Мексико. Токму тоа ги поттикна очекувањата дека и Европа би можела да ги избегне царините.
САД
Од другата страна на Атлантикот, фјучерсите на американските индекси претежно бележат загуби.
Американските берзи го завршија тргувањето вториот ден од неделата со добивки, додека инвеститорите продолжија да ги проценуваат потенцијалните последици од новата трговска војна меѓу Кина и Америка.
И монетарната политика на Федералните резерви (Фед) е во фокусот на инвеститорите. Па така, претседателката на Фед во Сан Франциско, Мери Дали, изјави дека американската економија е во добра позиција и дека централната банка не мора брзо да реагира на мерките што ги воведе администрацијата на претседателот Трамп.
Азија
Во азиско-пацифичкиот регион акциите ги намалија првичните добивки бидејќи меѓу инвеститорите преовлада претпазливост поради растечките трговски тензии меѓу двете најголеми светски економии. И кинеските акции започнаа тргување со загуби, откако пазарите на капитал повторно започнаа со работа во средата, по празникот на лунарната Нова година.