Лидерите на Европската Унија усвоија декларација за поддршка на Украина и порачаа дека ЕУ е посветена на обезбедување поддршка за оваа земја. Доналд Трамп продолжи да потпишува уредби, овој пат на хартија се најде онаа за создавање стратегиски резерви на биткоин и други дигитални валути. Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано, пред објавувањето на конечните податоци за БДП на еврозоната.
ПОЛИТИКА
Декларација за поддршка на Украина
Дваесет и шест лидери на Европската Унија усвоија декларација за поддршка на Украина на вонреден состанок во Брисел, додека унгарскиот премиер Виктор Орбан одби да го потпише документот. Во текстот на декларацијата се наведува дека ЕУ е посветена на обезбедување воена и финансиска поддршка за Украина, но се дефинирани и условите за постигнување мировно решение. Истовремено, Европската Унија ќе почне да мобилизира стотици милијарди евра за одбрана, со цел да создаде нова безбедносна архитектура, имајќи предвид дека САД ја намалуваат својата безбедносна улога на континентот.
ЕКОНОМИЈА
ЕЦБ: Се приближува крајот на намалувањето на каматите
Европската централна банка (ЕЦБ) ги намали каматните стапки по шести пат од јуни минатата година и навести дека фазата на намалување на каматите можеби се приближува кон крајот поради ладењето на инфлацијата. Па така, каматната стапка на депозити е намалена за четвртина процентен поен, на 2,5 отсто, како што предвидуваа речиси сите економисти анкетирани од „Блумберг“. Официјалните лица истакнаа дека монетарната политика станува значително помалку рестриктивна. Истовремено, претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, повтори дека креаторите на политиката нема да ветуваат однапред одреден правец на движење на каматните стапки, бидејќи околностите „драматично“ се менуваат од ден на ден.
БИЗНИС
Експлодира Старшип на „Спејс екс“
Ракетата на „Спејс екс“, Старшип, експлодира за време на својот осми пробен лет, што е уште еден неуспех за компанијата на Илон Маск, и тоа за помалку од два месеца откако последната мисија заврши со експлозија. Па така, само неколку минути откако ракетата беше лансирана од јужен Тексас, двата дела на ракетата се разделија како што беше планирано. Засилувачот Суперхеви потоа се врати на Земјата, каде што го фатија џиновските механички раце од лансирната кула. Од друга страна, вселенското летало Старшип почна да се врти, по што експлодира, а контролата на мисијата на крајот го загуби контактот со леталото.
Bloomberg
Биткоинот падна повеќе од пет отсто по уредбата на Трамп
Тензиите во криптоиндустријата повторно испливаа на површина, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја потпиша долгоочекуваната уредба за создавање стратегиски резерви од биткоини и други дигитални валути. Иако таквиот потег првично наиде на добри реакции од криптосекторот, биткоинот во подоцнежното тргување падна дури 5,7 отсто, на 86.946 долари.
Прочитајте повеќе: Биткоинот потона откако извршната наредба на Трамп го разочара пазарот
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано, пред објавувањето на конечните податоци за БДП на еврозоната за последниот квартал од минатата година. Според прелиминарните податоци, економијата во тој квартал пораснала по стапка од 0,9 отсто на годишно ниво, што е непроменето во однос на третиот квартал од 2024 година.
САД
Истовремено, американските фјучерси се тргуваат претежно во зелено, пред објавувањето на новите податоци од пазарот на трудот, но и обраќањето на претседателот на Фед, Џером Пауел, на еден форум за монетарна политика. Креаторите на политиката ќе се состанат на 18 и 19 март, а се очекува каматните стапки да останат на стабилно ниво.
Bloomberg
Азија
Акциите во азиско-пацифичкиот регион претежно се во пад, бидејќи неизвесноста околу американските царини ја зголеми неизвесноста на пазарот. Најголем пад регистрираат акциите во Австралија и во Јапонија, кои ослабеа за повеќе од 1,5 отсто.
НАФТА
Нафтата беше на пат за најголем неделен пад од октомври, бидејќи царините на американскиот претседател Доналд Трамп против главните трговски партнери доведоа до волатилност и неизвесност на глобалните пазари. Брентот се тргува под 70 долари за барел, ВТИ (West Texas Intermediate) е близу 66 долари. Трговската политика на Трамп и мерките за одмазда кон одредени земји, вклучувајќи ја и Кина, ги потресоа пазарите, а американската сурова нафта оди кон седмиот неделен пад, што е најдолга серија од декември 2023 година.
Bloomberg