Геополитички тензии, трговски неизвесности и природни непогоди ги обележуваат светските случувања денеска. Додека светот со напнатост се осврнува на можноста за продолжување на трговското примирје меѓу САД и Кина, инвеститорите со внимание ја очекуваат одлуката на американските Федерални резерви (Фед) за каматните стапки.
Во меѓувреме, „Епл“ (Apple) прави изненадувачки потег во Кина, а пазарите осцилираат под притисок на мешани сигнали од економијата. Денот го обележа и природна катастрофа. Силен земјотрес на рускиот полуостров Камчатка предизвика предупредувања за цунами по должината на Пацификот.
Во продолжение следува преглед на најважните настани од светот на економијата, бизнисот и пазарите.
ЕКОНОМИЈА
Неизвесно продолжувањето на трговското примирје меѓу САД и Кина
Американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја донесе конечната одлука за продолжување на трговското примирје со Кина, кое истекува на 12 август, соопштија американски официјални лица.
Претходно, главниот трговски преговарач на Кина, Ли Ченганг, изјави дека двете страни на преговорите во Стокхолм се договориле да го продолжат царинското примирје, но не наведе дополнителни детали. Малку подоцна американскиот министер за финансии Скот Бесент порача дека „кинеските колеги донеле малку преран заклучок“.
Фед ги задржува каматите на 4,25–4,5 проценти?
Американските Федерални резерви денеска ќе донесат одлука за каматните стапки, која ќе ја трасира идната монетарна политика на институцијата. Инвеститорите пред сè ќе ги анализираат изјавите на Џером Пауел, во потрага по каков било сигнал дека Фед се приближува кон намалување на каматните стапки.
Се очекува креаторите на политиките, по петти пат по ред, да ги задржат каматните стапки на непроменето ниво, односно во распон од 4,25 до 4,5 проценти.
ММФ: Трговските шокови го забавуваат растот
Светската економија ќе продолжи да слабее и ќе остане ранлива на трговските шокови, иако покажа извесна отпорност на царините на претседателот Трамп, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во ажурираните прогнози, ММФ предвидува забавување на светскиот раст на 3 проценти во 2025 година, од минатогодишните 3,3 проценти, поради нарушувања предизвикани од настојувањата на американскиот претседател да ја реструктурира глобалната трговија. Сепак, најновите проекции се нешто подобри во однос на оние од пред три месеци, кога за годинава беше предвиден раст од 2,8 проценти.
БИЗНИС
„Епл“ затвора продавница во Кина
Компанијата „Епл“ (Apple) соопшти дека затвора една продавница во Кина поради сè поголемите проблеми на кинескиот пазар на паметни телефони. Ова е првпат „Епл“ да затвори една од своите малопродажни локации во Кина откако во 2008 година ја отвори својата прва продавница таму. Повеќе детали открива новинарот на „Блумберг“.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции утрово се во зелено, продолжувајќи ја растечката тенденција од претходниот ден.
Акциите во Данска во вторникот го забележаа најголемиот еднодневен пад годинава, откако акциите на „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk) паднаа, бидејќи производителот на лекови за слабеење повторно ги намали проекциите за профит за годинава.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските акции бележат добивки, во очекување на одлуката на Фед за каматните стапки.
Потсетуваме дека претседателот Трамп не престанува со повиците за намалување на каматните стапки и критиките кон првиот човек на Фед. Тоа го коментираше и демократската сенаторка Елизабет Ворен, која тврди дека токму Трамп е виновен за повисоките каматни стапки.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, и тие се во зелено, додека трговците очекуваат продолжување на трговското примирје меѓу САД и Кина. Регионалниот индекс на акции MSCI порасна за 0,4 проценти, предводен од акциите на технолошките компании.
ДРУГО
Силен земјотрес ја погоди Русија, издадено предупредување за цунами
Западниот брег на САД и земјите од Пацификот се подготвуваат за цунами по силниот земјотрес на далечниот исток на Русија.
Имено, земјотрес со јачина од 8,8 степени по Рихтер ја погоди утринава Камчатка, поради што се издадени предупредувања за цунами во Јапонија, Канада, Калифорнија, Хаваи, Индонезија и Нов Зеланд.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...