Извршниот директор на Светскиот економски форум (World Economic Forum - WEF), Борге Бренде, поднесе оставка од функцијата откако во јавноста се појавија документи што покажуваат дека имал контакти со осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн.
Светскиот економски форум соопшти дека Бренде се повлекува „по внимателно разгледување“ и по завршување на внатрешната истрага за неговите односи со Епстајн. Според соопштението на копретседавачите Андре Хофман и Лари Финк, истрагата утврдила дека „нема дополнителни грижи надвор од она што било обелоденето“.
Нов сет на документи од т.н. „документи за Епстајн“ покажа дека Бренде во 2018 и 2019 година договарал средби со Епстајн во неговиот дом во Њујорк. Епстајн беше уапсен во 2019 година во САД под обвинение за сексуална трговија со малолетнички и почина во затвор истата година.
Прочитај повеќе
Истрага против директорот на Светскиот економски форум, бил гостин кај Епстајн
Тежок скандал ја погоди организацијата само неколку дена по завршувањето на самитот во Давос.
05.02.2026
Бренде, поранешен министер за надворешни работи на Норвешка, претходно изјави дека бил „целосно несвесен за минатото и криминалните активности“ на Епстајн, но призна дека требало да направи потемелна проверка. Во неговата оставка не се споменуваат ниту Епстајн ниту истрагата.
Функцијата извршен директор во Светскиот економски форум е оперативна позиција и е одвоена од претседателската улога што со години ја извршуваше основачот Клаус Шваб. Организацијата изминатата година се соочуваше со сериозни турбуленции, откако Шваб се повлече по обвинувања за финансиска недоличност. Подоцна, по спроведена истрага, тој беше ослободен од одговорноста.
Во меѓувреме швајцарскиот бизнисмен Алоис Цвинги ќе ја извршува функцијата вршител на должноста извршен директор и претседател, додека Одборот на доверители ќе го води процесот за избор на траен наследник.
Ова не е прв случај високи норвешки јавни личности да се најдат во контекст на документите поврзани со Епстајн. Обелоденувањата поврзани со поранешниот премиер на Норвешка, Торбјорн Јагланд, дипломатот Терје Род-Ларсен и принцезата Мете-Марит предизвикаа јавни реакции во Норвешка.
Случајот повторно го става под лупа Светскиот економски форум - организација позната по годишниот самит во Давос, кој годинава за првпат се одржа без неговиот основач на чело.