Стана некаков вид натпревар. Секое утро маж ми и јас се будиме и ги споредуваме резултатите за спиењето: неговите од часовникот „самсунг“ (Samsung), а моите од прстенот „оура 4“ (Oura Ring 4). Или му честитаме на оној што бил „подобар“ таа ноќ или заедно ја проколнуваме одлуката да останеме будни до доцна и да гледаме Нетфликс (Netflix) епизода по епизода
Го посакав прстенот „оура“ за мојот 36. роденден во октомври. Почнав повеќе да се грижам за здравјето и мислев дека уредот што се носи ќе ме мотивира повеќе да се движам и подобро да спијам, по една деценија работа што започнуваше во 4 часот наутро, во телевизиска редакција со висок стрес.
За мене, прстенот е мотивација, главно затоа што ја имам таа милениумска особина да ми требаат само петки во дневникот.
Прочитај повеќе
Би дале ли 500 долари за паметен прстен што го надгледува вашето здравје
Прстените „оура“, кои потсетуваат на малку поголеми венчални прстени, станаа популарни благодарение на нивниот дискретен дизајн и долгото траење на батеријата, а корисниците велат дека се поудобни од паметните часовници. Што носи новата керамичка верзија?
06.10.2025
Не е лесно да се живее здраво!
Зад трендовите со суплементи, капки за очи и паметни душеци, магични таблети и велнес-стартапи, оваа приказна потсетува дека најсилниот „трик“ за здравје и понатаму е старомоден: сон, движење, исхрана.
16.11.2025
Колку „тежи“ фитнес индустријата и кои се новите трендови?
По пандемиските нарушувања и инфлаторните притисоци, 2024 година означи враќање кон оперативна нормализација и стратешка еволуција.
08.07.2025
Цвета бизнисот со виртуелно вежбање: Како да го одбереме вистинскиот тренер?
Пандемијата засекогаш го промени фитнесот.
13.04.2025
Се фатив себеси како одам на прошетка на паузата за ручек само за да добијам активност над 90 поени - „оура“ оценува до 100, и како на забави, го заменувам шампањот со минерална вода, затоа што сфатив дека алкохолот сериозно ги влошува бројките за мојот сон. (Освен за новогодишната ноќ, по која прстенот, како и кај многу корисници на Редит (Reddit), на 1 јанауари покажа катастрофални резултати.)
Експертите за ментално здравје предупредуваат дека премногу податоци за здравјето може да создадат непотребна анксиозност.
И не сум единствената што се опседнува со овие метрики. Уредите за следење на здравјето ни ги зазедоа прстите и зглобовите, нудејќи информации за сè - од чекорите и сонот, преку хормоналното здравје, до варијабилноста на срцевиот ритам и показателите за кондиција и отпорност на стрес.
Авторката го споделува сопствените информации за стрес од апликацијата Оура | Sarah Rappaport
Истражување на „Паркс“ (Parks Associates) од 2024 година покажа дека речиси половина од американските домаќинства поседуваат уред што се носи. „Оура хелт“ (Oura Health Oy), финскиот производител на мојот прстен, во септември се доближи до процена на вредноста од околу 11 милијарди долари и има продадено повеќе од 5,5 милиони прстени.
Индустријата на уреди што се носат вклучува доминантни производи како часовник „епл“, кој беше лансиран во 2015 година и по обемот на продажба секоја година од 2019 наваму ја надминува целата швајцарска индустрија за часовници. „Епл“ не објавува податоци за бројот на продадени часовници, но истражувачката куќа ИДЦ (IDC) процени дека до крајот на 2025 година тој број надминал 321 милион.
Тука се и уредите на „Гармин“ (Garmin) и „Фитбит“ (Fitbit). Белезиците „вуп“ (Whoop) дури беа користени за време на Рајдер-купот (Ryder Cup) во септември, кога на пренос во живо беше прикажуван пулсот на секој голфер, вклучувајќи го и Џастин Томас, чиј пулс за време на еден стресен удар изнесувал 130 отчукувања во минута. (Тоа е нормално при физичка активност, но е покачен во други околности.)
Уште една грижа повеќе
Можат ли уредите што се носат навистина да ни помогнат да живееме подолго и поздраво? Експертите велат дека, во вистински раце, информациите што ги собираат овие уреди, како следењето на срцевиот ритам, можат да спасат живот, особено кога станува збор за откривање неправилни отчукувања што бараат медицинско внимание. Попроактивниот пристап кон сопственото здравје често е добра работа.
Но лекарите стравуваат дека преоптовареноста со податоци и засилениот фокус на цела низа здравствени метрики може да имаат спротивен ефект, создавајќи нови извори на стрес што го креваат крвниот притисок и влијаат врз сонот.
Прстенот „оура 4 керамик“ е поотпорен на пот и гребаници од претходниот модел. Тој беше лансиран во октомври минатата година и е нешто поскап, со цена од 500 долари Oura Health Oy
Теа Галагер, клинички психолог во медицинскиот центар „Лангон“ при Универзитетот во Њујорк, забележува такви реакции кај своите пациенти, од кои многумина имаат многу напорни кариери.
„Мораме да ја контролираме оваа технологија за таа да не ни го преземе животот“, вели таа. „Имав пациент со здравствена анксиозност што не можеше да престане опсесивно да ја следи варијабилноста на срцевиот ритам. Му реков да се оддалечи од паметниот уред.“
Галагер ги споредува овие уреди со вагата. Некои луѓе немаат проблем да се мерат. Други нездраво се фиксираат на телесната тежина. Таа препорачува, наместо да се заглавите во лавиринтот на „Гугл“ (Google), да се обратите кај лекар ако имате прашања. Добар совет, ако ме прашате мене.
Авторката и новинарка Бека Кеди, чиј сектор е технологијата, повеќе од десет години тестира уреди што се носат. Кога не ги рецензира, тие често ѝ претставуваат предизвик. Уредите имаат тенденција да ѝ ја засилат анксиозноста, што таа го поврзува со својата историја на нарушувања во исхраната.
„Не мислам дека на крајот помага“, вели Кеди, која живее во Лидс, Англија. „Го сакам фитнесот и сфатив дека кога престанав да го следам тренингот, ми се врати многу повеќе уживање. Мислам дека на просечниот човек не му требаат толку многу податоци, постојано.“
Секако, сè е индивидуално. Овие уреди со години добиваат одлични критики, а „оура“ особено има познати обожаватели како Џенифер Анистон и Гвинет Палтроу.
Гвинет Палтроу е обожавателка на прстенот „оура“ | Lauren Justice/Bloomberg
Како нова корисничка на прстенот „оура“, ми беше фасцинантно да ги забележувам промените во сопствениот срцев ритам. Тој се зголемува кога ќе се изнервирам додека се возам со лондонското метро. По стресен состанок во канцеларија, ја отворам апликацијата и гледам пораст на пулсот. Во моментов е 72 отчукувања во минута додека го пишувам ова, што е во нормалниот опсег од 60 до 100 за здрави возрасни лица во мирување.
Во 2018 година Грегори Маркус, заменик-шеф за истражувања во кардиологијата во УЦСФ (UCSF Health), беше коавтор на една од првите студии што покажаа дека часовникот „епл“ може да детектира неправилности во срцевиот ритам, односно атријална фибрилација. „Епл“ не го финансираше истражувањето. Тој вели дека многу технолошки гиганти имаат алгоритми за толкување електрокардиограм што „главно се многу прецизни ако срцевиот ритам е нормален“.
„Отчитувањата од овие уреди што се носат може да бидат навистина корисни“, вели Маркус. Но тој предупредува дека постои реален ризик од лажно позитивни наоди за атријална фибрилација. „Тоа може да предизвика многу анксиозност и тестирања до кои инаку не би дошло.“
Лекарот од Сан Франциско вели дека неговите пациенти често се загрижуваат кога ќе забележат дека пулсот значително им опаѓа за време на спиењето, што е сосема нормална појава. Неговото едноставно решение: не носете часовник додека спиете.
Прстен „самсунг галакси“, претставен минатата година, е сличен на прстените „оура“| Nathan Laine/Bloomberg
Имате избор
Раководителите на технолошките компании тврдат дека овие уреди што се носат не се дизајнирани да создаваат стрес. „Прстенот намерно е тивок - без светла, звуци или вибрации, а апликацијата се фокусира на јасни насоки врз основа на трендови, наместо на предупредувања во реално време или осудување“, вели Холи Шелтон, главна директорка за производи во „Оура“.
„Ако следењето на податоците некогаш стане премногу, сосема е здраво да направите чекор назад. ‘Оура’ ќе биде тука кога ќе бидете подготвени.“
Сепак, тешко е да им се сврти грб на овие уреди, со оглед на нивната цена. Ако вложите 349 долари во уред со месечна претплата од 5,99 долари, како што е „оура“, сакате да добиете вредност за своите пари.
Почнав да забележувам дека мојот уред ме поттикнува да бидам поактивна кога сум одморена и здрава, но дека се чувствувам полошо кога не сум.
На неодамнешен трансатлантски лет уредот едвај ги регистрира како обична дремка моите два часа и 32 минути сон за време на ноќниот лет. Апликацијата ми додели „катастрофален“ резултат за сон - само 32. Го гледав пулсот како ми се зголемува додека се нервирам поради лошиот сон, а потоа уште повеќе затоа што и самиот пулс ми расте. Така самата се вовлеков во она што Галагер го нарекува „круг на пропаста“. Не ми требаше прстен за да знам дека не се чувствувам најдобро.
Сега си дозволувам пауза од постојаниот бран негативни податоци во реално време и го оставам прстенот „оура“ на ноќната масичка кога не ми е добро. Го ставам повторно на рака дури кога телото, а не статистиката, ќе ми каже дека сум повторно во ред.