text size
Тешко е да се оспори дека Светското првенство не беше успешно, дури и по преседанот кога американскиот претседател Доналд Трамп интервенираше и го доведе во прашање интегритетот на турнирот.
Откако Шпанија во неделата ја освои својата втора титула светски првак, победувајќи ја Аргентина со 1:0 по продолженијата, најпрофитабилниот спортски настан успешно ги надмина сите пречки што му се најдоа на патот. ФИФА во соопштението објавено по завршувањето на турнирот ги зголеми очекувањата за приходите во четиригодишниот период за околу две милијарди долари, над претходната проценка дека Светското првенство ќе донесе околу девет милијарди долари.
Повеќе од 15 милиони луѓе вкупно ги посетија стадионите и навивачките зони за време на турнирот, што го прави ова Светско првенство најпосетено досега, и покрај рекордно високите цени на влезниците. Гостинските навивачи и репрезентациите ги пофалија американските домаќини, што претставуваше добредојдена промена во однос на сè понегативниот став кон Соединетите Американски Држави (САД) поради царините, војната со Иран и имиграциската политика, поради која на еден африкански судија и на дел од сопствениците на влезници им беше оневозможено доаѓањето на турнирот.
Прочитај повеќе
Англија ја победи Франција во спектакл на кој беа дадени 10 голови
Натпреварот за бронзениот медал, кој двата тима го дочекаа по болни полуфинални порази, донесе вистински спектакл со 10 голови и победа на Англија од 6:4.
19.07.2026
Аргентина ја налути Британија со прославата по победата, се бара истрага
Прославата со транспарент за Фолкландските Острови предизвика бурни реакции во Велика Британија, која бара ФИФА да отвори истрага.
16.07.2026
Дали традиционалната телевизија го губи Светското првенство?
Некои натпревари од СП беа достапни на Јутјуб и Тикток, привлекувајќи помлада публика.
16.07.2026
„Ферплејот е мртов“ - жестоки реакции од Белгија против ФИФА и Трамп
ФИФА ја поништи суспензијата на Фоларин Балогун по апел од Доналд Трамп, а Белгија и УЕФА реагираат жестоко , оценувајќи дека е нарушен ферплејот.
06.07.2026
Како да се освои Светското првенство
На прв поглед, одговорот е едноставен - треба да имате најдобри играчи, добар селектор, малку среќа на ждрепката и голман што во четврт-финалето ќе одбрани пенал. Но добра генерација ретко доаѓа сама од себе.
03.07.2026
САД попуштија пo критиките: Иран доби дополнителен ден пред решавачкиот меч
По жестоките реакции и најавите за жалба до ФИФА, САД направија отстапка за Иран пред клучниот натпревар на Светското првенство.
24.06.2026
Сепак, опседнатоста на ФИФА со пари и моќ несомнено фрли сенка врз она што инаку беше празник на фудбалот. Најголем пример за тоа беше интервенцијата на Трамп во корист на суспендираниот американски репрезентативец и нетранспарентниот процес на одлучување кој на крајот ги исполни желбите на претседателот на САД.
Инцидентот со Балогун
Во неделата, на капитенот на Шпанија и играч од средниот ред, Родри, пехарот од Светското првенство му го врачија претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и Доналд Трамп. Двајцата беа исвиркани од публиката за време на церемонијата, а осудите дополнително беа засилени со еден настан кој особено го привлече вниманието.
За време на елиминациската фаза, Трамп го повика Инфантино и побара од ФИФА на Фоларин Балогун, кој доби суспензија од еден натпревар поради црвен картон на мечот против Босна и Херцеговина, да му биде дозволено да настапи за репрезентацијата на САД во осминафиналето против Белгија.
Дисциплинската комисија на ФИФА набрзо ја суспендираше таа казна на една година, што беше одлука без преседан и му овозможи на американскиот напаѓач да игра и покрај противењето на Фудбалскиот сојуз на Белгија.
.
Bloomberg
Тврдењата на Инфантино дека комисијата е независна, навивачите веднаш ги отфрлија, укажувајќи на неговите постојани обиди за приближување кон Трамп, вклучително и наградата за мир на ФИФА, која набрзина беше воспоставена и минатата година му беше доделена токму на американскиот претседател. Критичарите овој развој на настаните го оценија како уште еден пример за длабоко вкоренетата корупција во ФИФА и начинот на кој Америка го добива она што го сака.
„Мислам дека треба да го сменат претседателот на ФИФА“, изјави Клои Лигсеј, 22-годишна фудбалерка од Калифорнија која допатувала во Њујорк и носела дрес од машката репрезентација на САД. „Мислам дека политиката нема место во спортот.“
Сепак, шокантната одлука не ја спаси репрезентацијата на САД, која одигра лошо и загуби со 4:1, па скандалот не успеа целосно да го засени турнирот. Настанот дополнително ги мотивираше Белгијците, додека Балогун подоцна призна дека бурата предизвикана од интервенцијата на Трамп претставувала голем товар за американската репрезентација.
По поразот од Белгија, Балогун веднаш му пришол на селекторот на Белгија.
Bloomberg
„Ми пријде за да разговараме. Тоа навистина ми се допадна“, изјави селекторот на Белгија, Руди Гарсија, во интервју по натпреварот. „Тој не е виновен, тој не е одговорен за ова и токму тоа му го кажав.“
Тоа не беше единствениот политички инцидент кој привлече внимание за време на турнирот. Лионел Меси и останатите аргентински репрезентативци ја прославија победата над Англија во полуфиналето со транспарент преземен од навивачите со кој се поддржува правото на Аргентина врз Фокландските Острови, поради што британската влада побара од ФИФА да спроведе истрага. Аргентина и Обединетото Кралство војуваа за тој архипелаг во 1982 година.
Селекторот на Египет беше виден како го крева и вее палестинското знаме по победата над Австралија во шеснаесетфиналето, додека репрезентацијата на Иран остро се пожали бидејќи поради американските санкции мораше за секој натпревар да патува од базата во Мексико и веднаш да се враќа назад.
Повеќе пари, повеќе проблеми
ФИФА, и покрај огромниот комерцијален успех на овогодишниот турнир, се соочува со бројни прашања за иднината. Новиот формат со 48 репрезентации, кој многумина го оценија како преголем донесе инспиративни приказни за аутсајдерите - дури седум репрезентации за првпат се пласираа во елиминациската фаза. Инфантино веќе ја изнесе идејата Светското првенство во 2030 година дополнително да се прошири на 64 репрезентации.
Раст на приходите на ФИФА од Светското првенство | Bloomberg
Сепак, не е јасно што е најдобро за самото натпреварување. Турнирот веќе достигна огромни размери, со 104 одиграни натпревари во текот на 39 дена. Фудбалерите сè погласно го критикуваат големиот број натпревари што од нив ги бараат ФИФА, националните лиги и континенталните фудбалски организации.
И навивачите се сè поуморни од тоа што финансиската добивка е во центарот на вниманието. ФИФА за првпат на Светското првенство воведе динамично одредување на цените на влезниците - систем кој автоматски ја прилагодува цената според моменталната побарувачка и достапниот број билети. Резултатот беа рекордно високи цени.
„Имам поделени чувства кога станува збор за ФИФА“, изјави Асад Хусеин, навивач од Нешвил, за време на првото полуфинале меѓу Франција и Шпанија. „Искрено, мислам дека организацијата на Светското првенство е добра, но динамичкото одредување на цените, проблемите со билетите и визите на многу луѓе им го отежнаа доаѓањето на натпреварите.“
Bloomberg
ФИФА успеа од ова Светско првенство да го „исцеди“ и последниот долар. Освен што зема дел од приходите од продажбата на храна и пијалаци на стадионите, како и од препродажбата на влезници, организацијата продава дури и парчиња од тревникот од теренот на кој се одигра финалето меѓу Аргентина и Шпанија. За 3.000 долари, купувачите можат да добијат мало парче тревник зачувано во смола, заедно со минијатурен кристален пехар од Светското првенство.
Организацијата пронајде начин да обезбеди уште поголеми приходи и во иднина. Публиката гласно негодуваше поради контроверзните „паузи за хидратација“ кои ги прекинуваа натпреварите на овогодишниот турнир. ФИФА тврди дека одлуката е донесена исклучиво поради заштита на здравјето на играчите за време на натпреварувањето што се играше на големи горештини, но тие паузи истовремено им обезбедија на емитувачите, како што е „Фокс“ во САД, дополнителен простор за продажба на реклами.
Ова Светско првенство беше најголемото досега | Bloomberg
Според одредени проценки, 30-секундна реклама за време на Светското првенство се продава за меѓу 250.000 и 750.000 долари, зависно од фазата на турнирот, противникот и очекуваната гледаност. Со две паузи за хидратација по натпревар, емитувачите добиваат осум нови рекламни термини од по 30 секунди за време на секој меч, односно вкупно 832 нови термини на турнир со 104 натпревари.
Тој дополнителен рекламен простор би можел да донесе речиси 500 милиони долари приходи, зависно од цените и премиите што телевизиите ќе успеат да ги наплатат. Со тоа би се покрил повеќе од половина износ од средствата што „Фокс“, според медиумските наводи, ги платил за телевизиските права за пренос на турнирот. Истовремено, тоа значи дека ФИФА би можела да заработи уште повеќе од следната продажба на медиумските права, додека организацијата веќе тивко ги промовира правата за Светското првенство во 2030 година.
„Имавме големи очекувања“, изјави Сезар Конде, претседател на „Ен-би-си УГ“ (NBCUniversal News Group), кој ги купи правата за пренос на Светското првенство на шпански јазик во САД. „Но, мислам дека ниту во најоптимистичките очекувања не верувавме дека навивачката база во САД ќе биде толку страсна.“
Растот на приходите дополнително ги мотивира ФИФА и нејзините членки да не го променат курсот, и покрај сè поголемото незадоволство кај навивачите и играчите. Проширувањето на турнирот на 64 репрезентации дополнително би ја искомплицирало организацијата на Светското првенство во 2030 година, кое ќе се одржи во шест земји домаќини. Но, тоа истовремено би значело и повеќе пари за сите учесници, што дополнително ја зацврстува позицијата на Инфантино.
Секоја национална федерација има еден глас при одлучувањето за прашања како што е останувањето на Инфантино на чело на ФИФА, а се очекува тој во март 2027 година да се кандидира за нов мандат без противкандидат. ФИФА има 211 членки, кои во изминатите три години заедно добиле 2,25 милијарди долари од организацијата, додека пласманот на Светско првенство за помалите држави може да претставува исклучително значаен финансиски поттик.
Зелено’ртските Острови благодарение на настапот на турнирот заработија околу 12 милиони долари, што претставува значаен приход за држава со околу 530.000 жители која нема ниту еден терен со природна трева.
Bloomberg
„Сакаме да остваруваме поголеми приходи и мораме да остваруваме поголеми приходи, бидејќи во најголем дел од светот, во околу 80 отсто од земјите, ако ние не вложуваме и не веруваме во развојот на фудбалот, нема кој друг да го направи тоа“, наведе Инфантино во соопштението од саботата. „Во спротивно, корист ќе имаат само неколку големи држави, а сè ќе остане како досега.“
Во пресрет на финалето на Светското првенство, ФИФА соопшти дека „повеќе од 200 членки“ го поддржале Инфантино пред неговиот нов избор за претседател.
Судир на приоритети
Една од основните цели на ФИФА е развојот на фудбалот ширум светот, во што организацијата вложува милијарди долари. Сепак, навивачите сè повеќе се сомневаат дека финансиските интереси ги потиснале спортските, до тој степен што дури и промените на правилата чија цел е поправедна игра предизвикуваат контроверзии и истовремено отвораат нови можности за заработка.
Публиката во Торонто бурно го прослави во завршните моменти голот на натпреварот од осминафиналето на Светското првенство на 2 јули, кога хрватскиот репрезентативец Јошко Гвардиол ја затресе мрежата на Португалија за израмнување.
Bloomberg
Сепак, славјето кратко траеше. Иако погодокот изгледаше целосно регуларен, тој беше поништен откако сензорот во топката регистрираше речиси незабележлив контакт со главата или косата на еден соиграч, што доведе до досудување офсајд.
По натпреварот, хрватската репрезентација остро ја критикуваше одлуката, нарекувајќи ја „злоупотреба на технологијата“, додека критичарите оценија дека технологијата, која би требало да му помага на фудбалот, во одредени ситуации му нанесува повеќе штета отколку корист.
За ФИФА, сепак, овој инцидент не претставува проблем, туку можност за заработка. Тоа е дел од планот на организацијата да го промени начинот на кој функционира фудбалот преку силно потпирање на вештачката интелигенција, технологијата за анализа на слика и видео и други алатки.
За време на секој натпревар се собираат повеќе од 150 милиони податоци, а ФИФА сега разгледува како тие информации да ги комерцијализира и да оствари дополнителни приходи.
„Постои значителен комерцијален потенцијал“, изјави во интервју Роми Гаи, директор за бизнис во ФИФА.