Британската влада побара од Светската фудбалска федерација (ФИФА) да испита дали аргентинската репрезентација ги прекршила правилата на организацијата, откако по победата над Англија во полуфиналето на Светското првенство фудбалерите прославија со транспарент во поддршка на аргентинското барање за суверенитет над Фолкландските Острови.
По драматичната победа со два гола во самиот финиш на натпреварот, аргентинските репрезентативци, предводени од Лионел Меси, славеа со транспарент на кој пишуваше „Las Malvinas son Argentinas“ („Малвините се аргентински“). Фолкландските Острови, кои Аргентина ги нарекува Малвини, се британска прекуморска територија во јужниот дел на Атлантскиот Океан, а двете земји водеа војна за нивниот суверенитет во 1982 година.
Британскиот секретар за бизнис Питер Кајл оцени дека ваквиот потег е несоодветен и дека политиката не смее да биде дел од фудбалските натпреварувања.
Прочитај повеќе
Дали традиционалната телевизија го губи Светското првенство?
Некои натпревари од СП беа достапни на Јутјуб и Тикток, привлекувајќи помлада публика.
пред 3 часа
Твитови за Светското првенство ни покажуваат како ВИ ќе нѐ обедини
Напредната технологија ги трга јазичните бариери
14.07.2026
Златниот Меси стана опсесија: сликичките на „Панини“ покренаа „мини економија“ во Аргентина
Специјални „Панини“ колекционерски сликички на Меси и другите ѕвезди предизвикуваат хистерија низ светот
17.06.2026
Сè уште на врвот и на 40 години - како фудбалските ѕвезди го победија биолошкиот часовник
Биолошкиот часовник отчукува, но тие не запираат. Роналдо, Меси и уште неколку фудбалски ветерани покажуваат дека може да се надмине возрасната граница во елитниот спорт.
10.07.2026
„Ова е целосно несоодветно. Политиката треба да остане надвор од фудбалот - тоа е јасен принцип на Светското првенство“, изјави Кајл за „Скај њуз“ (Sky News), додавајќи дека смета оти ФИФА треба да го разгледа случајот.
Од кабинетот на британскиот премиер во заминување Кир Стармер соопштија дека и тој смета оти ФИФА треба да спроведе истрага, но дека евентуалните дисциплински мерки се исклучиво во надлежност на светската фудбалска организација.
Опозициските партии реагираа уште поостро. Лидерот на Либерално-демократската партија Ед Дејви побара аргентинските фудбалери кои учествувале во прославата со транспарентот да бидат суспендирани и да немаат право на настап во финалето. Лидерот на партијата Реформа (Reform UK), Најџел Фараж, изјави дека е „згрозен“ од нивниот потег, додавајќи дека Велика Британија треба да продолжи со зајакнување на своите поморски капацитети.
Според правилникот на ФИФА, репрезентациите можат да бидат дисциплински санкционирани доколку користат гестови, пораки, предмети или други средства за пренесување пораки што не се соодветни за спортски настани, особено ако се од политичка, идеолошка, верска или навредлива природа.
Аргентинската потпретседателка Викторија Виљаруел ја поддржа прославата, објавувајќи фотографија од моментот на социјалната мрежа X со порака дека „ни забранија да ги носиме на стадионот, но заборавија дека ги носиме во нашата крв и во нашите срца“.
Дополнителна симболика на натпреварот му даде и фактот што аргентинските фудбалери настапија во темносини дресови, наместо во традиционалните светлосино-бели, како почит кон репрезентацијата што ја победи Англија во четвртфиналето на Светското првенство во 1986 година, натпревар што остана запаметен по контроверзниот гол на Диего Марадона со „Божјата рака“.
Во пресрет на дуелот, аргентински политичари и поранешни фудбалери го искористија првиот мундијалски натпревар против Англија по повеќе од две децении за повторно да го актуелизираат спорот околу Фолкландските Острови. Во војната меѓу двете држави во 1982 година загинаа околу 900 лица.
Од кабинетот на британскиот премиер порачаа дека „Светското првенство можеби не е наше, но Фолкландските Острови сигурно се“, додавајќи дека Стармер им посакува успех на двата финалисти, „особено на Шпанија“.
Тензиите дополнително се зголемија откако аргентинското Министерство за надворешни работи соопшти дека на 13 јули доставило официјален протест до британската амбасада поради, како што наведе, „незаконското“ движење на британскиот воен брод „Медвеј“ (Medway) низ аргентинските територијални води.
Британското Министерство за одбрана соопшти дека станувало збор за рутинска логистичка мисија во чилеанскиот град Пунта Аренас, реализирана како поддршка на истражувањата на Британската антарктичка служба. Според Лондон, пловидбата била изведена по најдиректната можна рута, водејќи сметка за безбедноста и временските услови, а аргентинските власти биле претходно известени. Од британска страна наведуваат и дека минувањето низ аргентинските територијални води било спроведено во согласност со принципот на „невин премин“, предвиден со меѓународното поморско право.