text size
„Гугл“ (Google) на почетокот на август склучи партнерства со Пари Сен Жермен (ПСЖ), Баерн и Барселона, поврзувајќи ги Џемини и „Пиксел“ со три од најголемите брендови во европскиот фудбал. Серијата на договори покажува колку спортот станува важен во борбата на технолошките компании за корисници на вештачка интелигенција и за удел на пазарот на паметни телефони.
Финансиските детали не се познати, но сите три договори имаат речиси иста структура. Џемини добива ексклузивен статус во категоријата вештачка интелигенција, додека „Пиксел“ станува официјален партнер за мобилни телефони. Така, „Гугл“ за неколку дена ги поврза своите производи со три клуба чие комерцијално влијание се протега далеку над нивните домашни пазари. Партнерствата ги опфаќаат машките и женските тимови, а технологијата на „Гугл“ ќе биде интегрирана во содржините на клубовите и во дигиталното искуство на нивните навивачи.
Кај Баерн, Џемини ќе им нуди на навивачите информации за составите, статистиката, противниците и тактиката, додека „Пиксел“ ќе се користи за создавање ексклузивни содржини од тренинг-кампот на Зебенер штрасе и познатиот стадион „Алијанц арена“. Клубот најавува неделни снимки од секојдневниот живот на тимот, од пристигнувањето на играчите до претставувањето на дресовите и материјали зад сцената.
Прочитај повеќе
„Тата стил“ продава фудбалски прволигаш од Индија за еден долар
Компанијата ќе ја префрли лиценцата за настап во Индиската Суперлига на ФК Џамшедпур заедно со договорите на 12 играчи и двајца тренери на клубот Черчил Брадерс.
17.08.2026
ФИФА се откажа од планот за „приватизирање“ на светските првенства
Пресвртот доаѓа откако управното регионално фудбалско тело за Европа вети дека целосно ќе го бојкотира Светското првенство.
01.08.2026
Може ли Европа да се спротивстави на притисокот на Инфантино за приватен капитал?
Европските фудбалски сојузи се згрозени од планот на ФИФА да го промени бизнис-моделот на спортот.
31.07.2026
„Нетфликс“ плаќа 200 милиони долари за пренос на СП за жени во 2027 година
„Нетфликс“ ги засилува инвестициите во спортските преноси со договор вреден 200 милиони долари за Светското првенство во фудбал за жени, кое во 2027 година ќе се игра во Бразил.
29.07.2026
Некогаш 50 натпревари беа премногу, денес ни 70 никого не изненадуваат
Пред две децении, 50 натпревари во една сезона се сметаа за сериозен ризик за здравјето на играчите и за квалитетот на фудбалот.
29.07.2026
Барселона претстави сличен концепт. Џемини би требало да им помага на навивачите при анализата на натпреварите и создавањето персонализирана содржина, додека „Пиксел“ ќе се користи за снимање содржини од животот на машкиот и женскиот прв тим.
Во ПСЖ, Џемини добива статус на официјален ВИ-асистент, а „пиксел“ на официјален паметен телефон. Францускиот клуб планира да ја користи технологијата на „Гугл“ и при создавањето содржини, додека на „Паркот на принцовите“ е предвиден посебен простор на „Гугл“ за партнери, креатори и гости.
Заедничката логика на сите три договори ги надминува рамките на класичното спортско спонзорство. „Гугл“ не купува само простор за лого покрај теренот. Добива пристап до играчите, стадионите, клупските канали и содржините што во текот на целата година ги следи глобална публика.
Фудбалот како продажен канал за „Пиксел“ и Џемини
Тајмингот на договорите дополнително зборува за нивната комерцијална важност. Еден ден откако Барселона го објави партнерството, „Гугл“ ги претстави „пиксел 11“, „пиксел 11 про“ и „пиксел 11 про икс-ел“, новата генерација телефони силно поврзани со Џемини. Непосредно пред тоа, „Гугл“ објави и дека апликацијата Џемини има повеќе од една милијарда активни корисници месечно.
Компанијата не потврди дека термините на објавување на фудбалските партнерства се поврзани со претставувањето на новите уреди, но распоредот јасно покажува колку „Пиксел“ и Џемини денес се поврзани во иста пазарна стратегија. „Пиксел“ му обезбедува на „Гугл“ хардвер преку кој може да ја демонстрира својата ВИ, а фудбалските клубови публика на која двата производа може да ѝ ги претставува речиси секојдневно.
Тоа е особено важно на европскиот пазар на паметни телефони. Во првиот квартал од годинава, „Самсунг“ (Samsung) и „Епл“ (Apple) заедно испорачале 21,4 милиони уреди во Европа и држеле речиси две третини од пазарот, покажуваат податоците на „Омдија“ (Omdia). „Гугл“ не е меѓу шесте најголеми производители.
Истовремено, европскиот пазар сè повеќе се насочува кон поскапи уреди. Просечната продажна цена на паметен телефон достигна рекордни 580 евра, што му отвора простор на „Пиксел“ токму во сегментот во кој „Гугл“ сака посилно да им конкурира на „Епл“ и „Самсунг“.
„Гугл“ веќе со години ја гради својата позиција во фудбалот. „Пиксел“ во 2023 година склучи партнерства со Арсенал и Ливерпул, а истата година стана насловен спонзор на германската женска Бундеслига. Соработката подоцна беше проширена на нови пазари и натпреварувања.
ВИ станува нова спонзорска категорија
Притоа, „Гугл“ не е единствената голема технолошка компанија што преку фудбалот ја гради позицијата на своите производи за ВИ. „Мајкрософт“ (Microsoft) минатата година стана официјален партнер на Премиерлигата за облак и ВИ. Неговиот Копилот го придвижува Премиер лиг компанион (Premier League Companion), сервис преку кој навивачите можат да пребаруваат повеќе од 30 сезони статистички податоци, околу 300.000 статии и 9.000 видеа.
Влегувањето на Џемини во ПСЖ, Баерн и Барселона покажува дека во европскиот фудбал забрзано се отвора нова голема спонзорска категорија. На компаниите за ВИ спортот им носи глобален досег, но и можност своите производи да ги воведат во секојдневните навики на навивачите. Кај „Гугл“, таа стратегија се протега од прашања за тактиката и статистиката до персонализирани содржини, фотографии и видеа снимени со „пиксел“.
Трите договори склучени за осум дена затоа се многу повеќе од серија нови спонзорства. Преку најголемите европски клубови, „Гугл“ гради дистрибутивна мрежа за „Пиксел“ и Џемини во момент кога технолошката индустрија се бори и за пазарот на уреди и за позицијата на водечка платформа за ВИ.