Роботиката стана една од најатрактивните теми на азиските пазари на акции, додека тргувањето засновано на вештачка интелигенција се шири надвор од регионалните производители на чипови.
Иако бумот на вештачката интелигенција го насочи вниманието на глобалната јавност кон клучната улога на Азија во снабдувањето со полупроводници потребни за изградба и функционирање на големите јазични модели, инвеститорите сè повеќе се обложуваат дека следниот бран на создавање вредност ќе дојде од роботиката. Тоа создава нови победници, но и им дава нов поттик на некои од етаблираните регионални акции од индустрискиот и автоматизацискиот сектор.
Акциите на „ЛГ електроникс“ (LG Electronics), која наводно преговара за соработка со „Енвидија“ (Nvidia) за хуманоидни роботи, оваа недела скокнаа 55 отсто во Сеул, со што станаа најдобар изведувач во рамки на клучниот регионален индекс. Јапонскаката компанија „Фанук“ (Fanuc) порасна 10 отсто по договорот со „Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) за развој на вештачка интелигенција за индустриски роботи. Акциите на компаниите што се занимаваат со хуманоидна роботика повторно пораснаа во петокот во Јужна Кореја и Кина, додека акциите на производителите на чипови во регионот забележаа пад.
Прочитај повеќе
Автоматизација на работата: Дали треба да бидеме загрижени?
Јапонија е водечка во автоматизацијата во споредба со остатокот од светот.
19.05.2024
„Тесла“ вложува над 25 милијарди долари во ВИ и роботи
„Тесла“ сè повеќе личи на платформа за вештачка интелигенција и роботика, а сè помалку на производител на автомобили.
23.04.2026
Од чип до фабрика: Како роботите всушност функционираат
Вештачката интелигенција повеќе не останува во облакот - таа се вградува во машините.
25.02.2026
„Тесла“ го гаси производството на два модели автомобили, ќе прави роботи
Ќе прекине производството на возилата „модел С“ и „Х“.
29.01.2026
Паѓаа и глави: Само четири роботи го преживеаја првиот полумаратон
Трката беше обележана со падови и роботи на поводници, но и со високотехнолошки пробиви.
22.04.2025
„Нагорниот тренд на акциите во секторот роботика го одразува поместувањето на циклусот на вештачка интелигенција од дигитална кон физичка примена“, изјави Гери Тан, портфолио менаџер во „Олспринг“ (Allspring Global Investments). „‘Физичката вештачка интелигенција’ (Physical AI) ќе се профилира како следна фаза во тргувањето поврзано со ВИ.“
„Енвидија“ помогна во поттикнувањето на овој тренд, при што нејзиниот главен извршен директор Џенсен Хуанг сè почесто ги посочува хуманоидните роботи и автономните машини како следна голема компјутерска платформа по генеративната вештачка интелигенција.
Кина обезбеди почетно водство бидејќи земјата забрзано гради капацитети за производство на роботи и постојано објавува вести за домашни хуманоиди кои успешно извршуваат различни задачи. Јапонија исто така се смета за добро позиционирана за оваа транзиција поради нејзината децениска доминација во фабричката автоматизација, додека Јужна Кореја се обидува да ја прошири својата изложеност на вештачка интелигенција надвор од мемориските чипови и да зачекори во роботиката.
Се очекува пазарот на физичка вештачка интелигенција да расте со просечна годишна стапка од 47 отсто и да достигне вредност од 15,2 милијарди долари до 2032 година, се наведува во минатомесечниот извештај на „Маркетс енд маркетс“ (MarketsandMarkets), глобална компанија за истражување на пазарот и советување.
Иако акциите од секторот роботика силно пораснаа, ова тргување сè уште е во рана фаза. Освен вообичаената потреба компаниите на крајот да ги оправдаат големите скокови на цените на акциите со конкретна заработка, роботите се соочуваат и со практични предизвици што поттикнуваат одредена претпазливост кај инвеститорите.
„Физичката вештачка интелигенција мора многу повеќе да се справува со безбедноста, регулативата, фабриките, синџирите на снабдување и довербата на потрошувачите отколку генеративната ВИ“, изјави Чару Чанана, главна инвестициска аналитичарка во „Саксо маркетс“ (Saxo Markets). „Сметам дека тоа сè уште е можност за иднината, а не нешто што веднаш ќе може масовно да се применува.“
Во подготовката на текстот помогна Ентони Стивенс.