text size
Некои од најголемите купувачи на „Енвидија“ биле известени дека цените на серверите со нејзините чипови за вештачка интелигенција значително ќе пораснат, за повеќе од 15 отсто, поради силниот раст на цените на чиповите.
Поскапувањата ќе се однесуваат на системите што ќе бидат испорачувани на почетокот на следната година, вклучително и оние со водечките чипови „Вера Рубин“ и „Грејс Блеквел“, наведуваат анонимни извори. Висината на поскапувањето ќе зависи од генерацијата на чиповите на „Енвидија“ и од конфигурацијата на меморијата.
Компаниите што по договор произведуваат сервери за големите оператори на дата-центри, како што се „Мајкрософт“, „Алфабет“ („Гугл“) и „Оракал“, неодамна ги известиле своите клиенти за претстојното зголемување на цените, велат изворите. Претставниците на „Енвидија“ не одговорија на барањата за коментар.
Прочитај повеќе
Трговците со обврзници стравуваат од скриен ВИ-ризик вреден 70 милијарди долари
Инвеститорите се загрижени поради околу 70 милијарди долари потенцијални обврски што не се гледаат во билансите на големите ВИ-компании, но може да се активираат при пад.
16.08.2026
„Енвидија“ има удел од 21 милијарда долари во „Спејс екс“ и 30 милијарди долари во „Интел“
Ова е првпат „Енвидија“ да ја објави вредноста на својот удел во „Спејс екс“ откако инвестираше во стартапот за вештачка интелигенција на Маск, „Екс еј-ај“, кој на почетокот на годинава беше припоен кон „Спејс екс“ пред излегувањето на компанијата на берза.
15.08.2026
Како регионалните стартапи влегуваат во ВИ-екосистемот на „Енвидија“
„Енвидија“ сè повеќе им ги отвора вратите на стартапите од Србија и БиХ, кои преку нејзините програми добиваат пристап до скапа компјутерска инфраструктура, експерти и инвеститори.
17.08.2026
„Енвидија“ демонстрира финансиска моќ за да ги смири кредитните пазари
Шест од најголемите имиња во финансискиот свет помагаат на „Енвидија“ да ја намали загриженоста кај инвеститорите што со недели се зголемува поради растечките обврски на компанијата за поддршка на бумот во вештачката интелигенција (ВИ).
12.08.2026
Фактот дека дури ни најдоминантната компанија во индустријата не успеала да ги задржи постојните цени или да го преземе врз себе зголемувањето на трошоците покажува колку производителите на мемориски чипови, „Самсунг електроникс“, „СК Хајникс“ и „Мајкрон Технолоџи“, ја зајакнале својата преговарачка позиција во екот на наглиот раст на побарувачката за ВИ инфраструктура.
Големите технолошки компании, вклучувајќи ги „Епл“ и „Квалком“, неодамна соопштија дека поради недостигот на чипови биле принудени да ги зголемат цените на своите производи.
Акцелераторските процесори на „Енвидија“ се наоѓаат во срцето на компјутерските системи што се користат за развој и извршување на софтвер за вештачка интелигенција. Нивните перформанси во голема мера зависат од количината на DRAM меморија со која располагаат. Две јужнокорејски компании, „Самсумг“ и „СК Хајникс“ , заедно со „Мајкрон“, произведуваат најголем дел од овој вид мемориски чипови во светот.
Иако го зголемуваат производството, тоа сè уште не успева да го следи силниот раст на побарувачката. Поради тоа, цените на овие компоненти нагло пораснаа, а нивните производители стекнаа досега невидено влијание во технолошката индустрија.
„Енвидија“ е една од најпрофитабилните компании во индустријата за полупроводници. За поединечни чипови може да наплатува десетици илјади долари, бидејќи понудата од нејзиниот договорен производител „Тајван семикондактор“ (TSMC) и натаму не успева да ја задоволи огромната побарувачка. Бруто-маржата на компанијата, односно делот од приходите што останува по одбивањето на производствените трошоци, изнесува околу 75 проценти.
ВИ акцелераторите се развиени врз основа на технологијата на графичките процесори за гејминг, кои некогаш се продаваа за неколку стотици долари. Меѓутоа, цените на ВИ чиповите значително пораснаа поради речиси непрекинатиот раст на побарувачката и недостигот на сериозни алтернативи на производите на „Енвидија“.
Depositphotos
„Енвидија“ ги зголеми и цените на графичките картички наменети за гејмерски компјутери, објави претходно овој месец технолошкиот портал „Томс хардвер“.
Како ќе реагираат клиентите на „Енвидија“ на најновото поскапување и дали тоа ќе отвори повеќе простор за конкурентите, најверојатно ќе зависи од тоа дали и тие самите ќе успеат да обезбедат доволни количини мемориски чипови.
Големите купувачи како „Амазон“, „Мајкрософт“, „Гугл“ и „Мета“ развиваат сопствени чипови, но за изградба на дата-центри и понатаму во голема мера зависат од „Енвидија“. Нивната способност да ја намалат таа зависност ќе зависи и од пристапот до чиповите што ги произведуваат „Самсунг“ „СК Хајникс“ и „Мајкрон“.
Растот на цените би можел дополнително да ги искомплицира амбициозните планови на технолошката индустрија за масовна изградба на ВИ дата-центри. Доцнењето на проектите, недостигот од работна сила, отежнатите услови за финансирање и противењето од локалните заедници веќе нарушија бројни планови.
„Енвидија“ следната недела ќе ги објави резултатите за вториот фискален квартал. Извештаите на највредната јавно тргувана компанија во светот станаа еден од клучните показатели за технолошката индустрија и за инвеститорите кои вложија огромни средства во ВИ инфраструктурата, сметајќи дека вештачката интелигенција ќе ја трансформира економијата.