text size
Само три месеци пред лансирањето на најочекуваното гејминг-издание годинава, ГТА 6 (Grand Theft Auto VI) повторно се најде во центарот на голем безбедносен скандал.
Лице или група што се претставува како „Сајберлик“ (CyberLeek) објави нови снимки од играта, и тоа во период кога „Рокстар“ (Rockstar Games) се подготвува за официјалната презентација на гејмплејот. Компанијата планира првиот подолг приказ да го претстави на 27 август преку „Нетфликс“.
Според лице запознаено со ситуацијата, „Рокстар“ сè уште не утврдил кој стои зад протекувањето ниту како дошло до безбедносниот пропуст. Во компанијата се спроведува итна истрага, додека правниот тим на матичната компанија „Тејк ту“ (Take-Two Interactive) бара податоци од „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Дискорд“ (Discord) кои би можеле да помогнат во идентификувањето на сторителот.
Објавените снимки прикажуваат дел од гејмплејот со еден од главните протагонисти, Џејсон Дувал, кој се движи низ виртуелниот Мајами, влегува во пресметки, слуша радио и управува со мал авион. На една од снимките тој пука во ѕид и го испишува зборот LEEK. Материјалите се прекриени со водени жигови и реклама за мемекоин поврзан со „Сајберлик“.
Случајот потсетува на големиот хак од 2022 година, кога групата „Лапсус$“ (Lapsus$) украде и објави голем број материјали од тогашната верзија на играта. По тој инцидент „Рокстар“ воведе строги безбедносни мерки, меѓу кои и враќање на вработените во канцелариите пет дена неделно и ограничување на далечинскиот пристап до развојните алатки.
И покрај најновото протекување, „Рокстар“ засега нема намера да го поместува планираното претставување ниту да прави непосредни промени во маркетинг-стратегијата.
Во компанијата, сепак, ситуацијата се сфаќа сериозно. Според изворот, раководството и вработените се обидуваат итно да го утврдат потеклото на протекувањето и да го идентификуваат лицето или групата што стои зад него.
Според тековните планови, ГТА 6 треба да биде објавена на 19 ноември 2026 година, а очекувањата се играта да биде еден од најголемите комерцијални хитови во историјата на гејминг-индустријата.