text size
Неколку часа по почетокот на играњето на ГТА 6 (Grand Theft Auto VI), видов како камион удира автомобил одзади. Возев низ Вајс Сити, измислена реконструкција на Мајами, со толку реалистична графика што понекогаш е тешко да се разликува видеоиграта од вистинска снимка, и застанав кога видов како се судрија двете возила. Возачот на камионот побегна, оставајќи ја жртвата заробена на седиштето додека моторот на неговиот автомобил почна да гори. Притрчав и му помогнав да излезе од автомобилот. Ми се заблагодари, изразувајќи зачуденост што за малку ќе загинел. Потоа забележа дека виновникот возел камион за испорака на „Сахара“, пародијата на „Амазон“ во играта. Ова е неговата голема шанса, изјави тој. Може да ја тужи „Сахара“ за милиони.
Но, потребен му е доказ за штетата. Затоа длабоко вдиша, повторно седна во автомобилот, си ги потпали нозете, а потоа излезе со изгореници по целото тело. Се јави кај својот адвокат. Потоа, додека се приближуваше брза помош, се сврте и ме праша дали би можел да му бидам сведок во замена за дел од неговата неизбежна отштета. Размислував да притиснам копче за да го уценувам, но на крајот се согласив да му помогнам, а тој ми испрати неколку илјади долари преку Бак ми (BuckMe), верзијата на Венмо (Venmo) во играта.
Вакви инциденти, детални прикази на една засилена реалност, постојано се случуваат во ГТА 6, најновиот спектакуларен наслов во отворен свет од студиото „Рокстар“ (Rockstar Games) на компанијата „Тејк ту“ (Take-Two Interactive Software Inc). Соседката може да ве замоли да ѝ купите шише рум, што ќе ве одведе до продавница за алкохол во која работи криминална мрежа за шверцување папагали. Поминувањето на протест пред кафез со шимпанза може да ве вовлече во приказна во која им помагате на активистите да ги ослободат мајмуните. Жена која ќе ве замоли да ѝ помогнете да стави кауч во автомобилот ќе ве одведе до... па, дури и да сакам да ви го откријам тој дел, веројатно немаше да ми поверувате.
Прочитај повеќе
ГТА 6 чини милијарди, а вештачката интелигенција не ги намалува трошоците
Хит играта покажува зошто заштедите мора да се мерат процес по процес...
13.07.2026
Роблоксманија - милиони деца во недоволно безбеден интернет-простор
„Роблокс“ (Roblox) е една од платформите за игри, која подолго време е во жариштето на дебатите за нејзина забрана или ограничување на возраста за користење.
17.11.2025
Саудијците и зетот на Трамп го купуваат гејминг-гигантот ЕА
Оваа огромна трансакција, која ја вреднува компанијата за видеоигри на околу 55 милијарди долари, претставува најнов обид на Саудиска Арабија да го диверзифицира своето портфолио надвор од нафтата...
30.09.2025
Во текот на повеќе од 45 часа играње во последните три недели, постојано наидував на вакви апсурдни средби, и големи и мали. Овие сценарија често се смешни, понекогаш морничави, а повремено и поттикнуваат на размислување. Од време на време, тие дури ги отстрануваат и патоказите, ознаките на мапата и другите визуелни помагала што му помагаат на играчот да ја заврши мисијата, принудувајќи ве сами да ги истражувате индициите и да ги следите трагите, потпирајќи се на сопствената интуиција за да ја решите мистеријата. Имав намера да ја завршам главната приказна пред да ја објавам оваа рецензија, но ми снема време бидејќи постојано ми го одвлекуваа вниманието смешните непознати ликови низ светот на играта.
А овие случајни средби се само еден дел од оваа огромна игра, резултат на повеќе од осум години работа и студио кое сега вработува повеќе од 4.700 луѓе во канцеларии ширум светот, предводено од тим во Единбург. Играта конечно ќе биде достапна за купување на 19 ноември по цена од 80 долари за Плеј стејшн 5 (PlayStation 5) и Ексбокс (Xbox Series X|S). Веројатно е полесно да се наброи што нема во ГТА 6 отколку што има. Во оваа сатирична претстава на Флорида и американската култура, можете бесцелно да прелистувате содржини на интернет додека лежите во кревет, да миете брод со воден млаз под притисок, да поправате покрив, да превртувате филети од риба на скара, да играте неколку цели видеоигри во самата видеоигра (да, навистина), да слушате поткасти, да пиете коктели покрај базен и да кревате тегови од подот со совршена техника. Можете и да крадете автомобили, да фрлате пакети со кокаин од авион, да ограбувате банки, продавници за намирници, продавници за накит и бензински пумпи, да управувате со хеликоптери, да продавате украдена дрога и да влегувате во престрелки со моторџиски банди.
Креаторите се обиделе да илустрираат пародија на американската култура
Rockstar
Уживањето во ГТА 6, слично како и во „Зелда“ (The Legend of Zelda: Breath of the Wild) и „Елден ринг“ (Elden Ring) пред неа, произлегува од откривањето на привлечностите на нејзиниот свет и набљудувањето како тој реагира на вашите постапки. Малку видеоигри имаат градови толку огромни, толку густи, толку полни со тајни и системи што се надоврзуваат едни на други и ви овозможуваат приказни за кои ќе сакате да им пишувате на пријателите. Малку игри се толку технички импресивни, толку блиску до фотореализмот кога сонцето заоѓа и светлината паѓа точно под вистински агол врз хоризонтот на Вајс Сити. Малку игри се толку постојано урнебесни.
Накратко, ГТА 6 е ремек-дело.
Главните ликови во играта се Џејсон Дувал и Лусија Каминос, двајца љубовници кои немаат среќа во животот и се зависници од адреналин, кои ограбуваат низ Вајс Сити и околните области. Придружувани од група ликови со различни и впечатливи карактери, тие навлегуваат во криминалното подземје, помагајќи им на дилерите на дрога да доставуваат пратки и да организираат сложени грабежи на банки. Лусија е амбициозна и борбена; Џејсон е пасивен, згоден, но не многу интелигентен тип. Тие се привлечни, шармантни и навлезени во нешто што е над нивните можности. Можете да го поведете секој од нив самостојно низ светот на играта или да ги испратите во заеднички авантури, држејќи се за раце и разменувајќи шеги додека се движат.
Тронка на претчувство надвиснува над Џејсон и Лусија додека остваруваат големи пленови и ги полнат своите банкарски сметки, преминувајќи од запуштени мотели во луксузни пентхауси и бегајќи од корумпирани полицајци и брутални банди. Тие често разговараат за животот што се надеваат дека ќе го водат кога ќе се извлечат од сето ова насилство и уништување. Можеби ќе најдат земја без договор за екстрадиција или ќе купат сопствен приватен остров. Тешко е да не навивате за Џејсон и Лусија, колку и да се закоравени криминалци, и да не посакувате среќен крај за нив, дури и кога чувството ви кажува дека ги очекува несреќа. Како завршија Бони и Клајд, воопшто?
ГТА 5 (2013) донесе цинична приказна за тројца ликови во светот на Холивуд, додека РДР2 (Red Dead Redemption 2 / 2018) понуди емотивна приказна за банда која брка лажни надежи. ГТА 6 не ги достигнува емоционалните височини на РДР, а некои сцени се претерани и тешко веројатни. Сепак, приказната е подобра од онаа во ГТА 5, помалку заморна и особено успешна во прикажувањето на сиромаштијата и причините поради кои Џејсон и Лусија се впуштаат во криминал. Како криминална приказна е возбудлива, а и покрај одредени недоследности, мисиите никогаш не се здодевни.
За разлика од РДР 2, каде што реализмот понекогаш ја намалуваше забавата, ГТА 6 ги презема неговите најдобри елементи - реалистичноста, живиот свет и необичните средби - и ги претвора во многу позабавно искуство. Играта нуди и бавни, внимателно осмислени моменти, но пред сè останува забавна видеоигра.
Вајс Сити навечер
Rockstar
Една од најголемите предности е непредвидливоста на светот. Реакциите на ликовите зависат од ситуацијата: еден чувар може да се предаде кога ќе вперите пиштол во него, додека друг може да возврати со оган. Возач што ќе го удрите може да избега или да излезе од автомобилот со бејзбол-палка. Дури и снимањето полицаец кој се обидува да подметне дрога на невин пешак може да предизвика неочекувана реакција.
Оваа мрежа од меѓусебно поврзани системи ги претвора активностите што инаку би можеле да изгледаат монотоно во постојан наплив на адреналин. Секако, можете да влезете со провала во таа заложна продавница, да ги застрелате сите внатре, а потоа да ги искршите стаклените витрини за да ги земете вредните предмети. Или можете да се прикрадете одзади, да влезете преку гаражата, да ги деактивирате безбедносните камери, да го исклучите алармот, да ги онеспособите чуварите и да побегнете со десетици илјади долари пред некој воопшто да забележи дека сте таму. Гледањето на пораката „чисто бегство“ (англ. clean getaway) на екранот е изопачено возбудливо, исто како и возењето до вашиот омилен препродавач на украдена стока и добивањето готовина што ќе ја тргнете настрана за иднината на Џејсон и Лусија. (Играта ви нуди многу цели за штедење кон кои можете да се стремите, помагајќи сите тие грабежи да изгледаат исплатливи.)
Потоа тука се криминалните комплекси, распрснати низ Вајс Сити и околните области, полни со кеш, дрога и автомобили за крадење. Многу е потешко да се прикрадете низ бродоградилиште преполно со банди отколку низ затворена продавница, но ако некој криминалец што патролира ве забележи и почне да пука со својот пиштол, некој може да ја повика полицијата. Тогаш ќе почне да отчукува вашиот внатрешен часовник. Дали веднаш ќе се повлечете? Ќе останете и ќе соберете што е можно повеќе плен, ризикувајќи да се вовлечете во масовна полициска потера што ќе ве одведе до другата страна на мапата? Умирањето или апсењето во ГТА 6 ве чини пари и често ве телепортира на навидум случајна локација, давајќи ѝ одредена тежина на секоја ваша постапка.
Се разбира, целиот овој разговор за сериозни криминални активности го прикрива фактот дека ГТА 6 е една од најсмешните игри што некогаш сум ги играл. Развивачите на „Рокстар“ имале долга листа на цели што сакале да ги исмеваат, вклучувајќи ги култовите кон велнес-културата, криптоентузијастите, полициската злоупотреба на овластувањата, метаверзумот, коцкањето, еротската фикција и жителите на Флорида. Сменете ја радиостаницата и можеби ќе слушнете спортски коментатор како се жали на фудбалскиот тим на Вајс Сити, вметнувајќи и малку лежерен расизам меѓу своите тиради за нивниот неспособен квотербек. Префрлете се на една од совршено изработените поткаст-емисии за криминални случаи ако сакате да слушнете за неколку убиства или детална приказна за „кратките, но бурни“ љубовни афери на локален политичар. Дури и случајните пешаци обично имаат нешто смешно или чудно да кажат кога ќе поминете покрај нив.
Тоа е многу содржина, како што е случај со игрите на „Рокстар“. Но, истовремено станува збор и за неверојатно достигнување. Секоја сложена механика на играта, секој ситен детаљ, секој момент кога светот реагира на вашите избори на неочекуван, но прекрасен начин - сето тоа е вистинско чудо за набљудување, а во годините што следуваат само ќе се проширува, со потенцијални дополнувања и онлајн компонента за повеќе играчи, кои се очекува да пристигнат во одреден момент во иднина. Сепак, додека ја играв оваа игра, често се прашував како воопшто е можно таа да постои. (Одговорот: многу луѓе, многу пари и многу време.)
Околу ГТА 6 постои чувство на неизбежност. Неизбежно е ова да биде едно од најголемите изданија во историјата на забавната индустрија, да освои бројни награди и да собори продажни рекорди. Неизбежно е минатото да ги стигне Џејсон и Лусија. Неизбежно е полицајците да не ви дозволат да се извлечете од грабежот на банката без последици. И неизбежно е оваа игра еден ден да биде надмината од друга, која повторно ќе ги помести границите на нашите сфаќања за тоа колку еден отворен свет може да биде огромен и детален. Но, во моментов, тешко е да не бидете воодушевени од она што „Рокстар“ го направи овде. Не постои ништо слично на ова.