text size
„Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) се соочува со тешкотии да го врати пристапот до својот софтвер, половина ден откако започна прекинот, оставајќи ги корисниците без можност за пристап до услугите за електронска пошта и разговори, во еден од најсериозните прекини во работењето на технолошкиот гигант во поновата историја.
Корисници низ светот во петокот пријавија проблеми со Аутлук (Outlook), Тимс (Teams) и алатката за вештачка интелигенција Копилот (Copilot), откако овие услуги беа недостапни за многумина во САД во текот на претходниот ден. Производите на „Мајкрософт“ се меѓу најшироко користените во деловните, владините и образовните институции.
Прекинот, за кој на „Даундетектор“ (Downdetector) беа регистрирани околу 200.000 пријавени проблеми од страна на корисниците, се вбројува меѓу најзначајните во историјата на компанијата. Претходните прекини ретко траеле повеќе од неколку часа. Акциите на „Мајкрософт“ забележаа пад од 0,4 отсто во продолженото тргување.
Иако бројот на нови пријави за прекини е намален, услугите сè уште не се обновени.
Како што се интензивираше прекинот во четвртокот, „Мајкрософт“ го прошири списокот на производи до кои корисниците можеби нема имаат пристапат. Во серија ажурирања на својата страница за статусот на услугите, компанијата даде детали за неуспешните напори за поправка на системите и за пренасочување на корисничкиот сообраќај надвор од засегнатите сервери.
Компанијата соопшти дека истрагата за инцидентот утврдила дека „еден основен процес на засегнатите сервери станува преоптоварен, што предизвикува серверите да не реагираат и придонесува за губење на капацитетот“.
„Мајкрософт“ соопшти дека се обидува да ја „утврди основната причина за приливот на сообраќај“, додавајќи „не сме запознаени со каква било злонамерна активност што го предизвикува овој инцидент“.
Во САД прекинот ја натера компанијата ВГ (Workhorse Group Inc.), американски производител на камиони и автобуси, да го одложи објавувањето на своите финансиски резултати. Училишните окрузи, универзитетите и болниците беа меѓу институциите што предупредија дека комуникацијата може да биде ограничена.
Корисници во повеќе од 70 земји пријавиле проблеми со пристапот до производите на „Мајкрософт“, според „Даундетектор“. Биле нарушени и услугите наменети за технолошките професионалци, вклучувајќи софтвер за сајбер-безбедност, услуги за споделување датотеки и алатки за администратори. Компанијата ги продава овие производи, заедно со основните алатки за работа како Ворд и Ексел, во пакет под брендот M365.
Трговци во Сингапур, индиски брокерски куќи и службеници во Токио во петокот пријавиле проблеми со услугите на „Мајкрософт“.
Прекинот беше широко распространет низ јапонската влада. Министерството за финансии во соопштение наведе дека во поголемиот дел од денот не било во можност да прима електронска пошта. Владините министерства биле принудени да поставуваат хартиени известувања за да ги информираат новинарите за дневните распореди поради прекинот на електронската пошта.