Сите паметни телефони и таблети ќе мора да користат универзален полнач според договор на Европската унија склучен денеска.
Планот ќе ги принуди сите компании, особено „Епл“ (Apple), да произведуваат телефони, таблети, е-читачи и дигитални камери кои за напојување користат USB-C полнач, објавија преговарачите.
Планот, претставен минатата година, беше прелиминарно одобрен денеска и ќе им заштеди на потрошувачите околу 250 милиони евра секоја година, тврди Европската комисија. Европскиот парламент и 27 земји-членки од ЕУ сега треба да го потпишат договорот.
Производителите на телефони и таблети ќе мора да се усогласат на ваквата легислатива до есента 2024 година. Лаптопите ќе имаат повеќе време да направат промена, односно на производителите на преносни компјутери им се дава време од 40 месеци по стапувањето на сила на новите правила.
„Универзален полнач е логично решение за многуте електронски уреди во нашиот секојдневен живот“, вели во изјава комесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон. „Европските потрошувачи ќе можат да користат еден полнач за целата нивна пренослива електроника - важен чекор за зголемување на практичноста и намалување на отпадот“.
Предлогот првично го налути „Епл“, од каде посочија дека тоа ќе ги намали иновациите. Но, компанијата во моментот тестира идни модели на „ајфон“ (iPhone) кај кои сегашниот Lightning порт за полнење е заменет со пораспространетиот USB-C конектор.
Тековните модели на лаптопи од „Епл“ веќе користат полнач USB-C.