text size
„Епл“ (Apple) со години работи на ајфон на преклопување, а сега проектот конечно стигнува до својата голема премиера. Се очекува компанијата в среда да го претстави својот прв телефон со преклоплив екран, што би било најголема промена во дизајнот на ајфонот во речиси 20 години.
Приказната почна многу порано, но околу 2020 година Тим Кук особено се заинтересирал за оваа технологија. За време на патувања во Азија видел дека сè повеќе луѓе користат преклопливи телефони од „Самсунг“, „Хуавеј“ и други производители. Тој се вратил со став дека „Епл“ мора да има свој претставник во оваа категорија и го притиснал тимот да го забрза развојот.
Интересно е што инженерите на „Епл“ веќе со години тивко работеле на преклопливи екрани, шарки и други компоненти. Првично се размислувало дури и за ајпад на преклопување, односно уред што би можел да се отвори во поголем таблет. Но под влијание на Кук, фокусот се префрлил на нешто што би било попривлечно за поширок круг корисници - преклоплив ајфон.
Прочитај повеќе
Новиот оперативен систем на „Епл“ го навестува првиот ајфон на преклопување
Телефонот би можел да дебитира заедно со серијата ајфон 18 про.
09.06.2026
Најголем ремонт во историјата - еве како ќе изгледа новата Сири
Производителот на ајфони сака да се врати во областа на дигиталните асистенти и вештачката интелигенција.
31.05.2026
Тим Кук се повлекува, „Епл“ добива нов извршен директор
Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, ќе му го препушти столчето на својот наследник, сегашниот раководител за хардвер на компанијата Џон Тернус.
21.04.2026
„Епл“ влегува на пазарот на евтини лаптопи
Тековниот проект, со кодно име Џ700 (J700), веќе е во активни тестирања во самата компанија и во рана продукција со доставувачи од странство, а ќе биде опремен со процесор од паметните телефони „ајфон“...
06.11.2025
Уредот во „Епл“ го носи кодното име V68, а за време на развојот некои го нарекувале и „ајфон ултра“, бидејќи ќе биде поставен над другите модели. И цената ќе биде „ултра“. „Епл“ првично размислувал за цена од околу 1.999 долари, но во последно време се разгледувала и цена до 2.199 долари. Верзиите со најмногу меморија би можеле да се приближат и до 3.000 долари.
Тим Кук
Brandon Bell/Getty Images
За споредба, стандардниот ајфон моментално започнува од 799 долари, додека ајфон 17 про од 1.099 долари. Сепак, „Епл“ смета дека некои од корисниците се подготвени да платат повеќе, особено по успехот на поскапите про-модели. Дополнително, компанијата ќе може да смета на програмите за замена на стари телефони, плаќање на рати и новата претплатничка програма „Епл апгрејд“ (Apple Upgrade).
Што се однесува до самиот телефон, главниот екран би бил со димензија од околу 7,8 инчи, а надворешниот околу 5,5 инчи. Идејата е големиот екран да биде погоден за гледање видеа, работа и користење повеќе апликации истовремено, додека помалиот надворешен екран ќе овозможува телефонот полесно да се држи и да се носи в џеб.
Кога е склопен, уредот би бил приближно со големина на пасош, а кога ќе се отвори би имал пропорции слични на оние на меџик трекпад (Magic Trackpad) на „Епл“.
Но „Епл“ не влегува во оваа категорија без компромиси. Ајфонот на преклопување може да биде помалку издржлив од класичните модели, да има послаба камера и пократко траење на батеријата. Исто така, за целосно да се искористи големиот екран, телефонот ќе мора да се отвори.
Новиот ајфон на преклопување ќе изгледа во голема мера слично на најновиот зи фолд 8 на „Самсунг“
Brandon Bell/Getty Images
Затоа „Епл“ посебно работел на четири проблеми: видливата линија на местото на превиткување, издржливоста на шарката, флексибилното заштитно стакло и поставувањето на камерата така што ќе се искористи што е можно поголем дел од екранот.
Компанијата на крајот развила нова шарка од титаниум и алуминиум, во комбинација со специјално заштитно стакло развиено со „Корнинг“ (Corning). Според „Епл“, резултатот е набор што е многу помалку видлив од оној кај голем дел од денешните телефони на преклопување. Токму тоа се очекува да биде една од главните предности на новиот ајфон.
„Епл“ смета дека има предност и во софтверот. Компанијата ги приспособува своите апликации за големиот екран и го менува оперативниот систем за подобро да функционира на различни големини на дисплеи.
Сепак, најголемиот предизвик е едноставен: дали корисниците ќе бидат подготвени да платат толку многу за телефон што има нова технологија, но истовремено носи и одредени недостатоци?
Засега прогнозите се оптимистички. Аналитичарите очекуваат „Епл“ да продаде меѓу седум и десет милиони ајфони на преклопување годинава. Една аналитичарка од ИДЦ (IDC) дури оцени дека, и покрај високата цена, уредот би можел да стане своевидна „чанта биркин меѓу смартфоните“ во Кина - односно луксузен производ што носи и статус.
Новиот ајфон ќе биде и голем тест за новиот извршен директор на „Епл“, Џон Тернус, кој ја презеде функцијата на 1 септември. Тој треба да го претстави уредот, додека Тим Кук, кој сега е извршен претседател, ќе биде во публиката.
Ајфонот на преклопување е само почеток. „Епл“ веќе подготвува нова генерација амбициозни производи, меѓу кои и мекбук со екран на допир, паметни очила, домашен робот, ерподс со камери и нов систем за домашна безбедност.
„Гугл“ веќе продава телефони на преклопување во последните неколку години
Brandon Bell/Getty Images
По години експериментирање, „Епл“ конечно се обложува дека телефоните на преклопување се подготвени за масовниот пазар. Прашањето е само дали корисниците ќе прифатат да платат и до неколку илјади долари за да бидат меѓу првите што ќе го имаат.