Долго очекуваниот ремонт на Сири (Siri) на „Епл“ (Apple) треба да стане централен дел од следните ажурирања на софтверот за ајфон, ајпад и мек уреди, а „Блумберг њуз“нуди прв поглед на тоа како ќе изгледа новиот дигитален асистент.
Илустрациите изработени од „Блумберг“ (Bloomberg) прикажуваат преработен интерфејс за Сири, нова апликација во стил на четбот и други големи промени во системот иОС 27 (iOS 27) што компанијата планира да ги објави на 8 јуни на својата Светска конференција за програмери (WWDC). Сликите се засноваат на информации во кои „Блумберг“ имал увид и на изјавите на луѓе запознаени со плановите на компанијата, кои побарале да останат анонимни бидејќи софтверот сè уште не е јавен.
Портпаролот на „Епл“ одби да коментира. Компанијата често интерно тестира повеќе различни дизајни на поединечни функции, па конечната верзија што ќе биде претставена пред јавноста во јуни може да се разликува.
Прочитај повеќе
Сири добива четбот-функција и нов дизајн
„Епл“ подготвува нова генерација на својот гласовен асистент Сири во рамките на идниот оперативен систем иОС 27.
18.05.2026
Присутните го следат минатогодишниот WWDC, кога компанијата не воведе никакви значајни нови функции за вештачка интелигенција.
David Paul Morris/Bloomberg
Ова лансирање се обликува како клучен момент за стратегијата на „Епл“ во областа на вештачката интелигенција, додека се трка за да го достигне чекорот со ривалите како „Опен еј-ај“ (OpenAI), „Гугл“ (Google), во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) и „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.). Ова долго се очекуваше. „Епл“ првпат прикажа дел од оваа технологија во 2024 година, а потоа претрпе низа одложувања што дополнително го оставија зад конкурентите и му го нарушија угледот. Компанијата ја помина изминатата година обновувајќи делови од асистентот и истовремено преиспитувајќи го својот поширок пристап кон вештачката интелигенција.
Ремонтот на Сири, најголем во речиси 15-годишната историја на овој асистент, ќе им биде пуштен на корисниците веќе во септември. Тоа веројатно ќе биде последното големо лансирање на производ под водство на главниот извршен директор Тим Кук, пред да му го предаде раководењето на долгогодишниот шеф за хардвер Џон Тернус. Успехот или неуспехот на новите функции со вештачка интелигенција исто така ќе помогне во одредувањето на реакцијата на потрошувачите кон есенската линија на „ајфон 18 про“ и првиот преклоплив ајфон ајфон на „Епл“.
Новата Сири ќе вклучува одложени функции најавени во 2024 година, како што се способноста за разбирање на лични податоци и анализирање на содржината на екранот. Меѓутоа, тие можности се само еден дел од поширокиот бран надградби: обновен модел што ја користи технологијата на Гугл Џемини (Google Gemini), веб-пребарување помогнато од вештачка интелигенција и целосно редизајниран интерфејс. Тука е и наменска апликација Сири, дизајнирана за подиректно натпреварување со ЧетГПТ (ChatGPT) и другите ВИ-асистенти.
Покрај Сири и вештачката интелигенција, следните оперативни системи на „Епл“ треба да ги исправат грешките и да ги доработат контроверзните промени во дизајнот од минатата година познати како „ликвид глас“ (Liquid Glass), со додавање нови функции како што е поприспособлива апликација за камерата (Camera). Компанијата исто така планира да понуди можност за изработка на приспособени пропусници во апликацијата паричник (Wallet), на пример за спортски настани или членства во фитнес-центри.
Новата Сири би требало да има редизајнирана анимација за пребарување или барање што се отвора со лизгање надолу од горниот дел на екранот. „Епл“ ја тестира идејата да им овозмои на корисниците избор на услуги за вештачка интелигенција. | Илустрација 731
„Епл“ ја редизајнира Сири за хардверот на поновите ајфони, сместувајќи ја во горниот засек (Dynamic Island) како секогаш активен агент кој може да им помага на корисниците во извршување задачи низ оперативниот систем и во рамките на апликациите. Системот може да се потпре на веб-податоци, лични информации и на она што се наоѓа на екранот на корисникот за да изврши задачи.
Постојат две почетни точки за активирање на Сири. Класичниот пристап - изговарање на зборот „Сири“ или држење на копчето за вклучување на ајфонот, ќе ја активира редизајнираната анимација на Сири во горниот засек, елемент на екранот во форма на пилула што „Епл“ го претстави во 2022 година. Тој начин на работа е најсоодветен за гласовни прашања и пребарување.
Вториот метод е целосно нов: „Епл“ планира да им овозможи на корисниците со повлекување на прстот надолу од горниот централен дел на екранот на ајфонот, од кое било место во системот, да активираат нов интерфејс за пребарување или поставување прашања (Search or Ask). (Центарот за известувања сега може да се отвори со повлекување надолу од горниот лев агол.) Тоа отвора преработено искуство на Сири, дизајнирано за извршување задачи или пребарување со пишување, иако користењето на глас останува опција.
Ова мени исто така го прикажува истиот интерфејс во тековниот иОС што ги прикажува предлозите на Сири. Тоа вклучува осум често користени апликации, функции како неодамнешни веб-пребарувања или функции како снимање гласовна белешка. Тука има и панел за прикажување на временската прогноза наутро или навечер.
Оттаму корисниците можат да активираат апликации, да започнуваат текстуални пораки, да прашуваат за времето, да додаваат состаноци во календарот, да пребаруваат белешки, да активираат кратенки во рамките на апликациите или да пребаруваат на веб користејќи го новиот систем за пребарување на „Епл“, помогнат од вештачка интелигенција, кој се натпреварува со алатки како Перплексити (Perplexity). Резултатите се прикажуваат во форма на картичка со богат текст што излегува од горниот засек. Корисниците можат да го повлечат прстот уште пониско за да отворат разговор во стил на четбот во рамките на апликацијата Сири.
„Епл“ за првпат планира да претстави посебна апликација за Сири која вклучува листа на разговори (лево) и приказ на четбот сличен на ЧетГПТ. | Илустрација 731
„Епл“ исто така тестира начини за отворање на системот иОС 27 за ВИ-агенти од трети страни кои се инсталираат преку App Store. Компанијата веќе има партнерство со „Опен еј-ај“ и ЧетГПТ, а интерно тестираше интеграции за Сири и други ВИ-функции со Гугл Џемини и Клод (Claude) на „Антропик“ (Anthropic). Корисниците ќе можат да ги насочуваат прашањата директно кон надворешни ВИ-услуги од интерфејсот за пребарување или поставување прашања. Постои копче што нуди паѓачко мени со избор на надворешни агенти.
Самата нова апликација Сири изгледа и работи слично како апликациите Клод, Џемини и ЧетГПТ. Почетниот екран вклучува историја на претходни разговори за корисниците да можат да се вратат на поранешни четови. Тоа може да се прегледува како листа или како колекција од правоаголници што ги сумираат минатите разговори. Интерфејсот за разговор нуди гласовен режим, текстуално поле и избирач на прилози за прикачување документи и фотографии за контекст и анализа.
Кога корисниците бараат информации, Сири прикажува картички со богат текст и резултати за теми како луѓе, места и новински наслови. Слични картички се појавуваат и за временската прогноза и спортски резултати, како и резултати извлечени од сопствените податоци на корисникот, вклучувајќи белешки, текстуални пораки, е-пошта, контакти, состаноци во календарот и потсетници.
Сири исто така ќе биде попаметна. Во интерфејсот што го планира „Епл“, можете да ја прашате за термините во кои сте слободни за состаноци пред да закажете нешто, како и за настани што се преклопуваат. Исто така можете да побарате од асистентот да напише е-пошта, белешки или текстуални пораки користејќи информации од веб и содржина од уредот. Тоа би можело да вклучува барање да се изработи белешка за тоа како да се поправи автомобилски мотор или е-пошта што ја содржи вашата достапност во календарот.
Сири за првпат би требало да биде вградена во апликацијата Камера, интегрирајќи визуелна интелигенција за препознавање објекти преку надворешни ВИ-услуги како Гугл и ЧетГПТ. Илустрација: 731; Фото: 731
„Епл“ исто така ја интегрира Сири во апликацијата Камера како посебен режим на работа, покрај постојните опции како фотографија и видеозапис. Оваа функција би го заменила денешното искуство „визуелна интелигенција“ (Visual Intelligence) и би им овозможила на корисниците да снимаат фотографии и да ги даваат на анализа на ВИ-агент од трета страна или да ги вклучат во обратно пребарување на слики на Гугл. Подигнувањето на оваа функција на ниво на апликацијата Камера, наместо ограничувањето на копчето „камера контрол“ (Camera Control), би можело да го зголеми нејзиното прифаќање и да им помогне на корисниците да се навикнат на опцијата пред идни производи како паметни очила.
Апликацијата Камера би требало да биде редизајнирана за да биде целосно приспособлива со низа опции за управување (лево), додека главниот интерфејс за фотографирање сега ги сместува контролите во горниот централен дел. Илустрација: 731; Фото: 731
Апликацијата Камера исто така станува поприспособлива, благодарение на новата плоча за додавање виџети. Горниот ред кратенки што моментално се појавува низ режимите на снимање ќе може да се замени, овозможувајќи им на корисниците да им дадат предност на попрофесионални контроли, како приспособување на длабочината, или поистакнато да ги нагласат алатките како тајмерот и ноќниот режим во интерфејсот. Промените се насочени кон тоа софтверот за камера на „Епл“ да стане попривлечен за напредните фотографи.
Компанијата исто така носи повеќе функции на АИ (Apple Intelligence) во апликацијата Фотографии (Photos), вклучувајќи нови алатки наречени „рифрејм“ (Reframe) и „екстенд“ (Extend). „Рифрејм“ може да ја промени перспективата на фотографијата, додека „екстенд“ користи вештачка интелигенција за генерирање дополнителни делови од сликата. Тоа би можело да значи пополнување на долната половина од зграда што била изоставена од оригиналниот кадар. Конкурентските платформи од „Гугл“ и други компании веќе со години нудат слични можности.
Иако можеби нема да пристигне во првата верзија на системот иОС 27), „Епл“ исто така тестира уредување фотографии засновани на прашања на природен јазик, така што со глас или текст можете да побарате конкретни измени, како скратување или промена на бои.
Освен тоа, компанијата планира преработена апликација Кратенки (Shortcuts) која им овозможува на луѓето да создаваат автоматизации со помош на природен јазик. Наместо рачно градење работни процеси чекор по чекор, корисниците би можеле да опишат што сакаат да се случи, како на пример автоматско пуштање музичка листа и испраќање на времето на пристигнување (ETA) до сопружникот кога ќе седнат во автомобилот и ќе тргнат да возат дома од работа.
Тука се и позадини создадени со вештачка интелигенција, проверка на граматика низ целиот систем за внесување текст, како и преработена апликација ИП (Image Playground) која нуди подобар квалитет за слики генерирани со вештачка интелигенција и приспособени емотикони „џенмоџи“ (Genmoji), извести „Блумберг њуз“.