text size
Новите функции со вештачка интелигенција што ги воведува „Епл“ (Apple) за епл воч серија 12 (Apple Watch Series 12) и ултра 4 (Ultra 4) би можеле да ги тестираат законите против прислушување во повеќе американски сојузни држави, предупредуваат правници и експерти за приватност.
„Епл“ во средата ја претстави функцијата Сири рикеп (Siri Recap), функција која создава резимеа на разговорите што корисникот ги водел во текот на денот, и Лајв ривајнд (Live Rewind), алатка што овозможува на екранот на часовникот да се прикаже транскрипција од последните 15 секунди од разговорот. Лајв ривајнд се активира со двојно притискање на круната на часовникот.
Од „Епл“ велат дека функциите се дизајнирани со повеќе механизми за заштита на приватноста. При активирање на Лајв ривајнд корисникот добива звучно предупредување, аудиото се обработува директно на уредот, а компанијата тврди дека оригиналниот аудиосигнал не се снима и не се складира. Корисниците можат целосно да ги исклучат функциите или да ограничат кога и каде тие ќе бидат активни.
Прочитај повеќе
Најголема промена во историјата на ајфоните: „Епл“ го претстави преклопливиот „дуо“
„Ајфон дуо“ носи 7,6-инчен екран и почетна цена од 1.999 долари. Најскапата верзија достигнува неверојатни 3.199 долари.
10.09.2026
Тим Кук се збогува со вработените на Епл од позицијата извршен директор, но останува во компанијата
Од први септември негов наследник е Џон Тернус, досега задолжен за хардверскиот инженеринг, а Кук останува во компанијата како извршен претседател, одговорен за соработка со владите низ светот
31.08.2026
Сепак, правници од Калифорнија, Масачусетс, Пенсилванија и Вашингтон предупредуваат дека овие мерки можеби нема да бидат доволни за да ги заштитат корисниците од правни последици. Во овие и во уште неколку американски држави, меѓу кои Илиноис и Флорида, законите во одредени околности бараат согласност од сите учесници во разговорот пред тој да биде пресретнат или снимен.
Клучното прашање е дали континуираното обработување на говорот може да се смета за снимање или пресретнување на разговор, дури и кога не се создава традиционална аудиодатотека. „Не мислам дека овие нијанси досега биле предмет на судска постапка“, вели адвокатот Џо Симонс од Бостон, оценувајќи дека ова би можело да биде правен случај без преседан во државата.
Слична дилема гледа и адвокатот од Пенсилванија, Фил Лауер, кој смета дека технологијата е „многу блиску до тоа да биде законска“, бидејќи, според него, податоците не ги прима и користи директно друго лице. Сепак, додава дека може да се аргументира оти технологијата е незаконска затоа што уредот го регистрира звукот и го интерпретира.
Експертите предупредуваат дека проблемот станува уште посериозен со ширењето на уреди со вештачка интелигенција кои се наменети постојано да бидат присутни во секојдневието на корисниците. Паметните очила на „Мета“ (Meta) веќе предизвикаа реакции поради можноста за незабележливо снимање, додека уреди специјално наменети за аудиоснимање, како оние на „Плауд“ (Plaud) и „Покет“ (Pocket), најчесто започнуваат со слушање дури откако корисникот ќе притисне копче.
„Епл“, во меѓувреме, развива и други уреди за носење со камери, вклучително и ерподс (AirPods) и паметни очила, што дополнително го зголемува интересот за тоа како законите за приватност ќе се применуваат на ваквите технологии.
„Епл“ инсистира дека Сири рикеп и Лајв ривајнд не се алатки за создавање детален архив на разговорите, туку функции наменети да им помогнат на корисниците да се потсетат на нешто што го кажале или слушнале. Компанијата наведува и дека системот не ги поврзува изјавите со конкретни лица, а резимеата може да изостават чувствителни информации, како финансиски податоци, лични идентификатори и податоци за автентикација.
Сепак, адвокатот Субод Чандра предупредува дека и покрај овие заштитни механизми, функциите отвораат „сериозни прашања“ според законите на Калифорнија и другите држави со правила за согласност. Колин Зик, адвокат специјализиран за приватност и безбедност на податоци, смета дека технологијата повторно покажува како развојот на технолошките производи го надминува законодавството. Неговиот совет е корисниците да се однесуваат како Лајв ривајнд да претставува пресретнување на разговор и, кога е потребно, да побараат дозвола.
Дел од правниците предупредуваат дека фактот што аудиото се обработува само кратко време можеби нема да биде доволен за да се избегне одговорност според одредени државни закони. Адвокатот Марк Блер од Сиетл дури вели дека корисникот би можел да биде кривично гонет ако разговорот е снимен без согласност, дури и ако содржината подоцна биде избришана и повеќе не се наоѓа на уредот.
„Епл“, сепак, ја отфрла квалификацијата дека неговите функции снимаат разговори. Компанијата наведува дека аудиото се обработува на безбеден хардвер до кој немаат пристап ниту оперативниот систем, ниту „Епл“, ниту други лица. Компанијата исто така посочува дека ограничувањето на Лајв ривајнд на 15 секунди им овозможува на корисниците да бидат физички присутни во близина на соговорникот и функцијата да ја користат одговорно.
Содржината на Лајв ривајнд, според „Епл“, трајно исчезнува од часовникот околу 30 секунди откако ќе се затемни екранот, освен ако корисникот не ја зачува во Сири, додека резимеата од Сири рикеп автоматски се бришат по седум дена, освен ако не бидат зачувани.
Иако Лајв ривајнд при активирањето прикажува анимација на целиот екран и индикатор за микрофонот, таков постојан визуелен сигнал не се појавува додека Сири рикеп работи во текот на денот. Токму тоа ги загрижува застапниците за приватност. Адам Шварц од ЕФФ (Electronic Frontier Foundation) предупредува дека луѓето „немаат практичен начин да дадат согласност или да одбијат снимање“ и советува внимателно да размислат пред да ја користат технологијата, од почит кон приватноста на соговорниците. Според него, останува да се види како судовите ќе ги применат постојните закони за прислушување на новите ВИ технологии, но постојаното следење на разговорите веќе претставува сериозен предизвик за приватноста во секојдневната комуникација.