Технологија

По тужбите за масовни отпуштања, X на Маск сака да се спогоди со оштетените

Извор: Edward Ludlow, Joel Rosenblatt/Bloomberg

14 септември 2023, 12:38

Компанијата се согласила да се сретне со адвокати на работниците

Околу 2.000 поранешни вработени на „Твитер“ тужат за заостанати исплати и бонуси

Bloomberg

Компанијата X  (X Corp.) на Илон Маск се согласи да се обиде да ги намири барањата на илјадници поранешни вработени во „Твитер“, кои велат дека биле измамени за испратнината кога милијардерот ги отпуштил откако ја купи платформата за социјално вмрежување минатата година, се наведува во допис на адвокат до работниците, во кој увид имал „Блумберг њуз“.

„По 10 месеци притискање, успеавме да го доведеме 'Твитер' на маса“, напиша адвокатката Шенон Лис-Риордан во белешка до своите клиенти, која новинарите ја добиле од поранешен вработен во „Твитер“ што одбил да биде идентификуван, бидејќи станува збор за доверливи информации. „’Твитер’ сака да посредува со нас во поширок обид да ги решиме сите побарувања што ги поднесовме“.

Компанијата порано позната како „Твитер“ е обвинета во повеќе тужби за голем број прекршувања на работничките права, вклучувајќи го и неплаќањето испратнини на илјадници работници отпуштени кон крајот на минатата година по преземањето од страна на Маск, вредно 44 милијарди долари. Речиси 2.000 поранешни вработени на „Твитер“ прибегнаа кон правна борба, но Лис-Риордан во судските поднесоци се пожали дека од „Твитер“ не се појавиле.

Х се придржува до судскиот налог за посредување, рече лице запознаено со ова прашање, барајќи да не биде идентификувано бидејќи открива приватни информации.

Приватните преговори со посредник се закажани за 1 и 2 декември, според меморандумот на Лис-Риордан.

„Многу сме горди што застапуваме речиси 2.000 поранешни вработени на 'Твитер', во поединечни арбитражи, како и повеќе од десетина групни тужби во судот“, посочува Лис-Риордан во соопштението од средата вечер. „Работиме напорно за да го вратиме она што им го должиме“.

Таа одби да елаборира или да коментира конкретно за закажаното посредување.

Портпаролите на X не одговорија веднаш на барањата за коментар, испратени по редовното работно време.