Компанијата предводник во сферата на вештачката интелигенција (ВИ), „Опен еј-ај“ (OpenAI), започна нова иницијатива за да им помогне на други земји да изградат обемна инфраструктура за примена и ширење на новата технологија, зголемувајќи ја иницијативата што започна со проектот „Старгејт“ (Stargate) за поставување центри за податоци со вештачка интелигенција во САД.
Според новата програма, која започна во средата, креаторот на ЧетГПТ (ChatGPT) ќе соработува со национални влади за активности како што е изградба на капацитети за центри за податоци. Компанијата исто така ќе им помага на земјите да ги приспособат производите на „Опен еј-ај“ за специфични јазици и локални потреби, како дел од напорите за она што извршниот директор Сем Алтман го нарекува „комерцијална дипломатија“.
Финансирањето на партнерствата ќе доаѓа и од „Опен еј-ај“ и од владите на секоја земја, соопшти компанијата. Целта е компанијата првично да реализира десет меѓународни проекти, но не откри каде ќе бидат лоцирани. „Опен еј-ај“ изјави дека ќе настојува да соработува со земји што ја користат технологијата на демократски начин.
Прочитај повеќе

Престанете да му пишувате „благодарам“ на ЧетГПТ, тоа чини милиони
Секое пишување „благодарам“ или „молам“ на четботот чини дополнителни ресурси.
23.04.2025

„Опен еј-ај“ на прагот од рекорден круг на финансирање од 40 милијарди долари
„Опен еј-ај“ е на прагот на рекорден круг на финансирање во вредност од 40 милијарди долари, кој е предводен од „Софтбанк“, а вклучува уште неколку големи инвеститори.
27.03.2025

Борба на моделите: Кој води во светот на вештачката интелигенција?
Малку повеќе од две години по дебито на ЧетГПТ, сцената со вештачка интелигенција е значително поразвиена, а алатките базирани на вештачка интелигенција станаа вообичаени. Чија е најдобра?
13.02.2025

Агент на „Опен еј-ај“ функционира како истражувачки аналитичар
Нова алатка со вештачка интелигенција што истражува за вас: заштедете часови работа.
04.02.2025
Проектот наречен „Опен еј-ај за земји“ (OpenAI for Countries) се најде во фокусот по самитот за дејствување во областа на ВИ во Париз, изјави Крис Лехан, потпретседател за глобална политика во компанијата. На конференцијата повеќе меѓународни лидери ги прашале претставниците на „Опен еј-ај“ како можат да создадат своја верзија на проектот „Старгејт“, кој има цел да инвестира 500 милијарди долари во инфраструктура за ВИ во САД.
„Досега многу земји побараа помош во изградбата на слична инфраструктура за ВИ - сакаат свои проекти ’Старгејт’“, наведе „Опен еј-ај“ во објава на блог. „Сега на сите им е јасно дека ваквата инфраструктура ќе биде основа на идниот економски раст и национален развој“.
Иницијативата „Опен еј-ај за земји“ ќе биде одделна од проектот „Старгејт“ - заеднички потфат предводен од „Опен еј-ај“, „Софтбанк“ (SoftBank Group Corp.), „Оракл“ (Oracle Corp.) и други партнери. Сепак, напорите се тесно поврзани, а „Опен еј-ај“ ги смета за дел од глобалната стратегија „Старгејт“ за изградба на инфраструктура за ВИ низ светот.
Компанијата го претставува проектот и како можност САД да ги предводат своите сојузници во користење на потенцијалот на ВИ - напор што компанијата го смета за сè поважен во контекст на технолошката конкуренција со Кина. Во неодамнешните препораки до Канцеларијата за наука и технологија на САД во врска со извозната контрола, „Опен еј-ај“ ги дефинира демократски усогласените земји како „целиот свет, освен Кина и неколку нејзини сојузници“.
Обемот на работата ќе се разликува од земја до земја, рече Лехан. На пример, некои земји можеби веќе градат центри за податоци и им е потребна помош од „Опен еј-ај“ за да ги оптимизираат за потребите на ВИ, додека други може да започнуваат од нула. „Мислам дека ќе има различни варијанти“, посочи Лехан. „Секој проект ќе биде донекаде приспособен на потребите на конкретната земја“.