„Опен еј-ај“ (OpenAI) му додели на „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) удел од 27 отсто како дел од планот за реструктурирање за кој се преговараше речиси една година, со што се отстрани голема неизвесност за двете компании и се отвори патот производителот на ЧетГПТ (ChatGPT) да стане профитна компанија.
Според ревидираната спогодба, „Мајкрософт“ ќе добие удел во „Опен еј-ај“ вреден околу 135 милијарди долари, соопштија компаниите во вторникот. Дополнително, „Мајкрософт“ ќе има пристап до технологијата на стартапот за вештачка интелигенција (ВИ) до 2032 година, вклучувајќи ги и моделите што го достигнале прагот на т.н. генеративна вештачка интелигенција (АГИ) – понапредна форма на ВИ што повеќето експерти сè уште сметаат дека не постои.
„Мајкрософт“ и понатаму ќе има право да добива 20 отсто од приходите на „Опен еј-ај“, велат анонимни извори. Но, како дел од новата спогодба, „Опен еј-ај“ ќе може подоцна да плати повеќе. Двете компании наведоа дека договорот за поделба на приходите останува во сила сè додека експертски панел не ја потврди АГИ.
Прочитај повеќе
Како Сам Алтман може да предизвика 10-годишна економска криза
Бранот на договори и партнерства создава загриженост дека надуениот раст на вештачката интелигенција (ВИ) се должи на меѓусебно поврзани деловни трансакции...
08.10.2025
„Мајкрософт“ ќе плати 6 милијарди долари за наем на компјутерска моќност за ВИ во Норвешка
„Мајкрософт“ ќе плати 6,2 милијарди долари за изнајмување моќност за вештачка интелигенција во Норвешка.
18.09.2025
„Мајкрософт“ ќе вложи поголема компјутерска моќ во своите ВИ-модели
„Мајкрософт“ најавува значителни инвестиции во свои ВИ-модели, зајакнувајќи ги независноста и конкуренцијата со „Опен еј-ај“ и другите ривали.
12.09.2025
„Опен еј-ај“ сè што ќе допре претвора во злато
„Опен еј-ај“ неодамна стана најголемиот стартап во светот, а партнерствата на компанијата ја движат цената на акциите.
07.10.2025
„Опен еј-ај“ и АМД потпишаа договор вреден милијарди
Договорот, според процените на производителот на чипови, би можел да генерира десетина милијарди долари нови приходи.
06.10.2025
„Енвидија“ и „Опен еј-ај“ со договор од 100 милијарди долари за изградба на дата-центри
Рекорден договор вреден 100 милијарди долари: „Енвидија“ вложува во „Опен еј-ај“ за нови дата-центри и инфраструктура што ќе ја обликува иднината на ВИ.
23.09.2025
Со овој договор, „Опен еј-ај“ соопшти дека неговата корпоративна реорганизација е завршена. Компанијата поголем дел од годината помина во формирање поконвенционална профитна структура, која се смета за попривлечна за инвеститорите. „Мајкрософт“, кој инвестираше околу 13,75 милијарди долари во „Опен еј-ај“, беше најголемиот воздржан инвеститор во производителот на ЧетГПТ, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News).
„‘Опен еј-ај’ ја заврши својата рекапитализација и ја поедностави корпоративната структура“, изјави Брет Тејлор, претседател на Управниот одбор на „Опен еј-ај“.
„Непрофитната организација и понатаму има контрола врз профитната, а сега има и директен пристап до големи ресурси пред пристигнувањето на генеративната ВИ.“
Реструктурирањето беше предмет на разгледување од страна на државните обвинителства на Делавер и Калифорнија. Во соопштение, државната обвинителка на Делавер, Кети Џенингс, изјави дека нејзиниот кабинет одлучил да не се спротивстави на преминот во профитен модел по долга ревизија, за време на која таа и нејзиниот колега од Калифорнија, Роб Бонта, го повикале „Опен еј-ај“ да ѝ даде поголема контрола на непрофитната организација врз новата профитна единица.
„Ова беше долга и интензивна преговарачка постапка, но задоволна сум што ‘Опен еј-ај’ се обврза на идна структура на управување што бара приоритет на безбедноста и сигурноста, како и користење на оваа технологија и ресурсите на компанијата за јавна полза“, изјави Џенингс.
Истовремено и Бонта соопшти дека и неговиот кабинет решил да не се противи на планот, откако обезбедил договорени гаранции дека добротворните средства ќе се користат за нивната наменета цел, безбедноста ќе биде приоритет, како и обврска „Опен еј-ај“ да остане токму тука, во Калифорнија.
Новата профитна единица ќе биде јавна корпорација со општествена цел под името „Опен еј-ај груп Пи-би-си“ (OpenAI Group PBC). Таа и понатаму ќе биде под надзор на непрофитната организација, која сега го носи името „Фондација Опен еј-ај“ (OpenAI Foundation). Непрофитната организација ќе добие 26 отсто удел во компанијата по завршувањето на реструктурирањето, како и право да добие дополнителни акции во профитната компанија, доколку цената на акцијата порасне повеќе од десетпати во рок од петнаесет години.
Фондацијата планира дел од уделот, вреден околу 130 милијарди долари при сегашната процена на „Опен еј-ај“ од 500 милијарди долари, да насочи за финансирање проекти што ќе „го забрзаат напредокот во здравството“ и за соработка со организации што ќе се справуваат со сериозните ризици од ВИ, како замена на работници или создавање биолошко оружје.
„Нашата надеж е ‘Фондацијата Опен еј-ај’ да стане најголемата непрофитна организација во историјата“, изјави извршниот директор Сем Алтман. „Ова не се единствените области што ќе ги финансира фондацијата, но возбудени сме што се првите две.“
Според „Опен еј-ај“, Алтман нема да добие удел во новореструктурираната компанија.
Акциите на „Мајкрософт“ пораснаа до 4,2 отсто во вторникот, достигнувајќи цена од 553,72 долари. Многумина на Волстрит укажуваа дека недоволно јасниот однос со „Опен еј-ај“ претставува сериозна неизвесност за софтверскиот гигант.
Аналитичарот Анураг Рана од „Блумберг интелиџенс“ оцени дека најважен аспект од новиот договор е тоа што „Мајкрософт“ ги задржува правата на интелектуална сопственост на „Опен еј-ај“ за производите и моделите до 2032 година. „‘Мајкрософт’ користи модели на ‘Опен еј-ај’ или ‘Антропик’ во своите производи ‘копилот’ додека ги развива сопствените“, додаде Рана.
Компанијата „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) и поранешниот банкар на „Ситигруп“ (Citigroup) Мајкл Клајн го советувале „Опен еј-ај“ во процесот на реструктурирање, додека „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) го советувала „Мајкрософт“, велат добро упатените извори.
Една од главните пречки во повеќемесечните преговори меѓу „Мајкрософт“ и „Опен еј-ај“ била поврзана со тоа што ќе се случи кога „Опен еј-ај“ ќе ја достигне генеративната ВИ (AGI) – форма на ВИ што ги надминува луѓето во повеќето економски корисни задачи. Според новиот договор, прагот мора да биде потврден од независен експертски панел, а откако ќе се случи тоа, „Мајкрософт“ повеќе нема да добива дел од приходите на „Опен еј-ај“.
За време на онлајн настанот, главниот научник на „Опен еј-ај“, Јакуб Пачочки, изјави дека очекува ВИ да биде „помалку од една деценија оддалечена од суперинтелигенцијата“, уште еден популарен термин за хипотетички системи што ги надминуваат луѓето во многу задачи. Целта на компанијата е да изгради ВИ што ќе може самостојно да реализира големи истражувачки проекти до март 2028 година.
„Мајкрософт“ исто така ја губи привилегијата прв да одлучува за нови договори за инфраструктурата во облак со „Опен еј-ај“. „Азур“ (Azure) долго време беше ексклузивен снабдувач на „Опен еј-ај“, но „Мајкрософт“ потоа дозволи компанијата да користи и други доставувачи, како „Оракл“ (Oracle Corp.), при што имаше право прв да ја прифати зделката пред таа да му се понуди на друг. „Опен еј-ај“ ќе направи дополнителна обврска од 250 милијарди долари кон „Азур“.
Плановите за реструктурирање се соочиле и со други компликации, меѓу кои и тужба што ја поднесе Илон Маск, еден од првите поддржувачи што се одвои од компанијата и ја обвини дека ги излажала инвеститорите за нејзината добротворна мисија. Постапката е сè уште во тек.
Пристапот на „Мајкрософт“ до технологијата на „Опен еј-ај“ нема да опфаќа производи за потрошувачи, соопштија компаниите. „Опен еј-ај“ исто така ќе може заеднички да развива некои производи со трети страни.
За „Опен еј-ај“, реструктурирањето исто така го отвора патот кон јавно излегување на берза. Алтман изјави дека тоа засега не е „во прв план“ и дека нема „конкретни планови“ кога би можело да се случи, но иницијалната јавна понуда (ИПО) останува најверојатниот следен чекор за компанијата.