Сите знаеме дека генеративната вештачка интелигенција веќе има огромно влијание и го менува поширокиот свет. Таа допрва драматично ќе расте бидејќи многу бизниси уште изненадувачки бавно ја приспособуваат и усвојуваат во своето работење. Но, секторски гледано, се чини дека меѓу поуспешните интегратори на вештачката интелигенција (ВИ) е маркетингот, барем засега.
Од повеќе извештаи за влијанието на ВИ во маркетингот може да се заклучи дека мнозинството маркетари ентузијастички ја користат ВИ, и тоа секојдневно.
Одредени истражувања покажуваат дека во просек околу две третини од маркетарите користат ВИ барем за вообичаени маркетинг-апликации. На глобално ниво, најчесто ВИ во овој сектор се користи за поддршка на пишување текстови за е-маркетинг, органско пребарување и социјални медиуми.
Прочитај повеќе

Вештачката интелигенција најмногу се користи во креативните индустрии и маркетингот
Научната фантастика ја наслика иднината со компјутери кои обезбедуваат веродостојни информации со роботска прецизност.
14.07.2024

Наместо да е локомотива за иновации во фирмата, секторот човечки ресурси доцни на патот кон ВИ
Компаниите ризикуваат да заостанат зад конкуренцијата ако не ја прифати технологијата за вештачка интелигенција во следните 12-18 месеци.
24.04.2025

На Македонија ѝ треба помош од ВИ за креирање стратегија за ВИ
Национална стратегија за ВИ нема, но преку Националната ИКТ-стратегија МДТ ја препознава вештачката интелигенција како клучна компонента за идниот дигитален развој на земјата.
17.04.2025

Реклама на стриминг-платформи: Каде се македонските компании?
Стриминг-платформите веќе не се натпреваруваат само за претплатници туку и за да придобијат што е можно поголем број компании што ќе се рекламираат кај нив.
17.01.2025

Колку се трудат стриминг-платформите околу македонската публика?
Дигиталните стриминг-сервиси за видео, музика и за видеоигри го чинат јадрото на индустријата за забава и медиуми.
05.08.2024
Извештајот за иднината на маркетингот на „Еконсалтанси“ (Econsultancy), водечки давател на услуги за подобрување на вештините за маркетинг и е-трговија за големи глобални организации, е дизајниран да им помогне на маркетарите да одговорат на конкуренцијата и да планираат однапред, а се спроведува секоја година врз база на резултатите од истражувањата во кои се вклучени повеќе од илјада маркетинг-професионалци и интервјуа со водечки експерти од индустријата. Извештајот, меѓу другото, ги испитува и покажува трендовите што ќе ја обликуваат индустријата во следните две години.
Според тоа истражување, појавата на генеративната вештачка интелигенција е најголемата приказна во маркетингот во последните неколку години, а една од извонредните работи за овие технологии е колку брзо се усвоени. Помалку од четири години по објавувањето на DALL-E (лансирањето што го започна бумот на генеративната вештачка интелигенција), 42 проценти од маркетарите известуваат дека ги интегрирале овие технологии во нивната редовна работа.
Таа брзина на усвојување се протега надвор од индивидуалното ниво, при што над половина од маркетарите известуваат дека нивните организации или имаат решенија (27 проценти) или се во процес на спроведување пилот-проекти (30 проценти).
Прогноза за 2025 година
Според извештајот на „Еконсалтанси“, чашите на маркетарите се повеќе од половина полни, при што 76 проценти од нив велат дека се чувствуваат позитивно во врска со иднината на индустријата, а над една третина (34 отсто) се опишуваат себеси како многу големи оптимисти - ова е зголемување од нешто повеќе од една четвртина (26 проценти) од минатогодишниот извештај.
Во текот на следните две години трите главни приоритети на маркетарите е максимизирање на ефикасноста на маркетингот (кај 71 отсто од испитаниците), по што следува подобрување на искуството на клиентите (приоритет број два за 70 отсто од маркетарите) и автоматизација на работните процеси и интегрирање и користење на ВИ (67 отсто).
Иако е рангирана на третото место, вештачката интелигенција е клучен двигател на загриженоста и стравовите на маркетарите. Речиси девет од десет (88 проценти) маркетари велат дека со порастот на содржината генерирана од ВИ и дезинформациите, градењето и одржувањето на довербата во брендот се сè поважни. Овие грижи се протегаат на начините на кои содржината генерирана од ВИ ќе влијае на самата ефикасност на маркетингот, при што 82 процента од маркетарите известуваат дека постигнувањето прецизен маркетинг е сè поголем предизвик. Ова прашање можеби претходи на појавата на генеративната вештачка интелигенција, но се забрзува со ширењето содржина генерирана од ВИ.
Новите вештини беа меѓу најголемите барања за маркетарите, при што 40 проценти од испитаниците предвидуваат дека вештините за ВИ ќе бидат најважните способности што треба да се развијат во текот на следните две години.
ВИ е денешната реалност во маркетингот
Според одредени истражувања, маркетингот управуван од вештачка интелигенција треба да придвижи 45 проценти од вкупната глобална економија до 2030 година. А растот на економијата како домино некаде во низата ефекти се пресликува и врз буџетите за маркетинг, вели нашата соговорничка Ангелка Пеева Лауренчиќ, директорка и коосновачка на „Имиџ ПР“ (ImagePR), агенција специјализирана за односи со јавност.
Ангелка Пеева Лауренчиќ, директорка и коосновачка на „Имиџ ПР“ (ImagePR), агенција специјализирана за односи со јавност
Приватна архива
Според релевантни проекции, посочува таа, вештачката интелигенција може да додаде сериозно висока цифра од над 15 трилиони долари на глобално ниво за околу пет години. „Тоа е сериозна бројка. Логично е да се запрашаме од каде доаѓа таквото предвидување? Ако расте економијата, расте потрошувачката, расте продуктивноста, а со тоа растат и маркетиншките буџети“, вели Лауренчиќ.
Нашата соговорничка посочува дека маркетингот веќе е под силно влијание на ВИ и дека компаниите во светот инвестираат во ВИ-алатки што овозможуваат персонализирана комуникација, автоматизација на кампањи, анализа на однесувањето на потрошувачите, па дури и целосна генерација на содржина.
„Вештачката интелигенција не е иднина, таа е сегашност. И во одговорите на овие прашања има голем удел. Прашањето денес не е дали ќе ја користиме, туку колку паметно и навремено ќе ја интегрираме“, вели Лауренчиќ, потенцирајќи дека за маркетинг-професионалците ова претставува можност за трансформација и унапредување.
„Маркетингот управуван од податоци и вештачка интелигенција станува новиот стандард, а токму во тој нов свет, таа (ВИ) нема да ги замени луѓето, туку ќе ги замени оние што не знаат како да ја користат“, вели Лауренчиќ.
Како вештачката интелигенција го менува маркетингот?
„Вештачката интелигенција е веќе е присутна. Истата таа стои во заднината на многу од дигиталните искуства со кои се среќаваме секојдневно, вештачката интелегенција може да разбере однесување, да препознае обрасци и да помогне во носење попрецизни одлуки“, вели Лауренчиќ, напоменувајќи дека многу е важно каква задача или популарно наречено „промт“ ќе ѝ биде зададена и во кое време.
„Можете да ја ’навиете’ вештачката интелегенција според вашите потреби, на пример може да ѝ зададете промт да генерира и објави содржина за 10 часа од сега. Вештачката интелегенција секој следен ден е помоќна од вчера“, вели Лауренчиќ и додава дека, според експертите, токму оваа способност, да се анализираат големи количества податоци во реално време, му овозможува на маркетингот да премине во поголема динамика во креирање нови искуства кон консументите и потрошувачите, односно да предвиди што ќе сака клиентот пред тој да го побара тоа. „Значи не е тоа само задоволување потреби, туку нивно предвидување. Таков тренд сме имале и порано, на пример појавата на паметните телефони, но сега тие процеси ќе одат позабрзано и ќе станат нова реалност“, вели Лауренчиќ.
За тоа како може со помош на вештачка интелигенција да се развие попроактивен пристап за маркетинг во различни форми за да се поттикне ангажманот, лојалноста и задржувањето на клиентите, а со тоа и раст на пазарот, разговаравме и со еден маркетинг-експерт што посветено ја следи ВИ-револуцијата во секторот.
„Она што со сигурност можам да го кажам, конкретно за адвертајзинг-индустријата од која сум дел, е дека вештачката интелигенција значително помага во првичната анализа – која е основа за поставување кампања врз здрави темели. Тоа директно придонесува за порелевантна и поуспешна комуникација. Со други зборови, благодарение на ВИ, стартната позиција на креативните тимови е веќе на многу повисоко ниво“, вели Гојко Кешељ, концептуалист во „Идеја плус 360 комуникации“ (IDEA Plus 360° Communications).
Гојко Кешељ, концептуалист во „Идеја плус 360 комуникации“ (IDEA Plus 360° Communications)
Приватна архива
Но, од друга страна, според него, лесната достапност и широката употреба на ВИ-алатките создаваат нов предизвик: хиперпродукција на содржини што често личат една на друга. „Токму тука гледам една од клучните точки на идниот развој – процесот на создавање оригинални и автентични содржини ќе стане уште потежок, но и повреден“. Затоа тој верува дека во иднина развојот на маркетингот преку ВИ нема да биде само во автоматизацијата на процесите туку и во постојано експериментирање, откривање нови канали и иновативни форми на изразување. „Само така ќе можеме да ја задржиме релевантноста, да поттикнеме ангажман и да изградиме автентична лојалност кон брендовите“, вели Кешељ.
Тој што не ги следи трендовите навистина треба да се плаши од ВИ
Една од клучните дилеми што се протегаат со развојот на ВИ и нејзиното сѐ помасовно користење е дали таа им е сојузник или директна конкуренција на маркетарите. Одговорот воопшто не е едноставен, но, според нашите соговорници, решението е навистина едноставно: следете ги трендовите и нема место за страв.
„Зависи од која страна на медалот ја гледаме приказната. За еден тип на експерти во маркетингот сметам дека ќе има зголемена побарувачка, и тоа за тие што се посветени на големата приказна, на стратегиите, на емоционалната интелигенција во креирањето маркетиншки кампањи, на сторителингот... тука нема замена“, вели Лауренчиќ.
„Тие што ќе бидат негативно засегнати се оние што се посветени на рутинска и шаблонска работа, а особено во делот на дигитален маркетинг, аналитика, анализи на трендови и содржини... Тоа веќе совршено го работи вештачката интелигенција“, посочува таа.
Ангелка Пеева Лауренчиќ, директорка и коосновачка на „Имиџ ПР“ (ImagePR), агенција специјализирана за односи со јавност
Приватна архива
Се претпоставува, вели Лауренчиќ, дека ќе има трансформација на улоги во системот на креирање комуникациски платформи. „Победници ќе бидат оние што ќе знаат да ја користат технологијата, не оние што ќе се плашат од неа“.
„Тешко е да се даде конечен одговор, но ќе се обидам да ја погледнам насоката во која се движи нашиот сектор“, вели Кешељ. „Тргнувајќи од нашето искуство – како тим што активно користи ВИ-алатки изминативе две години – може да се забележи значително зголемување на продуктивноста, особено во извршувањето технички и рутински задачи. ВИ веќе ја забрзува работата и ослободува простор за фокус на покреативните аспекти“, објаснува тој.
Според него, на краток рок вештачката интелигенција е силен помошник. „Но на подолг рок, верувам дека ќе донесе промени: ќе се создадат вишоци на работни места што главно се базираат на извршување едноставни, повторливи задачи. Од друга страна, ќе се отвори уште поголем потенцијал за професионалците што можат да понудат нешто што ВИ сè уште не може да го замени – човечката интуиција, креативната визија, способноста да се разбере контекстот на публиката“, вели Кешељ, дополнувајќи дека ВИ нема да ја уништи потребата за креативни луѓе, туку, напротив, ќе ја зголеми важноста на тие што знаат како да работат заедно со технологијата за да создадат посилни приказни, подобри идеи и подлабока поврзаност со публиката.
Не е важно само дали, туку како се користи ВИ
Додека за напредните компании низ светот ВИ-технологиите се стратегиска определба, во Македонија нивната употреба сѐ уште е во некоја рана фаза, сметаат нашите соговорници.
Концептуалистот Кешељ вели дека во креативниот сектор имплементацијата на алатките со вештачка интелигенција не е прашање само на достапност или број на алатки што се користат. Суштината е во тоа како се интегрираат тие алатки во самото размислување за креацијата.
„Ние како тим уште минатата година активно почнавме да експериментираме со ВИ не само како техничка поддршка туку како нов медиум за изразување. На пример, преку кампањата за АВМУ (Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) со едукативни ‘дип фејк’ видеа (англ. Deep Fake - видео од личност во кое неговото лице или тело се дигитално изменети така што изгледа како некој друг, обично се користи злонамерно или за ширење лажни информации), ја искористивме самата суштина на ВИ – способноста да ја менува перцепцијата – за да пренесеме порака што допира до јавноста на повисоко ниво“, вели Кешељ.
Неговото искуство покажува дека кај нас ВИ-алатките сè уште најчесто се користат инструментално – како помош за побрза продукција или инспирација, додека во регионот се случува постепено зреење, каде што тие алатки се користат за создавање нови облици на интеракција и комуникација со публиката. Додека на глобално ниво, вели тој, најнапредните тимови веќе не ја гледаат ВИ само како средство, туку како коавтор во процесот – алатка што поттикнува нови начини на размислување, наративи и кориснички искуства.
„Верувам дека во креативниот сектор иднината нема да ја обликува прашањето ‘која алатка ја користиш’, туку како размислуваш за светот што можеш да го создадеш со тие алатки. А најсилните идеи, како и отсекогаш, ќе произлегуваат од суштинско човечко разбирање – само што денес имаме нови средства за нивно обликување“, заклучува Кешељ.
„Светот е многу напред, зборуваме за прогресивниот дел од светот“, вели нашата соговорничка Лауренчиќ, додавајќи дека компаниите веќе развиваат свои системи како дел од стратегиите. „Кај нас сė уште е на ниво на алатка, која ни помага во секојдневните задачи, најчесто се користат ЧетГПТ (ChatGPT) за копирајтинг, наслови и маркетинг-содржини, 'Канва еј-ај (Canva AI) и други генеративни алатки за визуелен дизајн, основна анализа на податоци преку ЦРМ (CRM) алатки како Хабспот (HubSpot) и Зохо (Zoho) итн.“, вели Лауренчиќ.
„Но да заклучиме, вештачката интелигенција ја користиме за задачи ’на парче’, креативноста на човечкиот мозок сė уште е супериорна кога станува збор за стратегии, а стратегискиот пристап е единствено валиден и носи резултати. Вештачката интелигенција е далеку од тој досег“, вели Лауренчиќ.