Не помина многу време откако четботовите базирани на вештачка интелигенција (ВИ) станаа речиси секојдневие во нашите животи, а веќе се чини како човекот да ја губи контролата врз нивната експанзија. Тие не само што станаа наши помошници во работата и справувањето со секојдневните предизвици туку некои луѓе веќе стануваат зависни од нив. Зависни не само за функционирањето во реалниот свет туку се развива и зависност во емоционална смисла.
Одамна сме свесни за отуѓувањето, за заладувањето на хуманоидните односи, сѐ поретката искреност и сѐ поприсутната механичка комуникација и лажна емпатија. Дали во вакви услови е нормално да се очекуваат блиски релации со четбот, кој инаку нема сопствено мислење и емоции туку неговото функционирање се базира на збир на податоци, што би значело дека практично без многу труд во врската може да се добие тоа што постојано се бара во другата половина, а често не се добива во целост? Дали четботот ја пополнува таа празнина? И колку е тоа нормално?
Извршниот директор на „Опен еј-ај“ (OpenAI), Сем Алтман, деновиве најави дека од декември неговата компанија ќе овозможи еротски разговори со ЧетГПТ (ChatGPT). Секако, откако прво ќе се воспостави верификација на возраста. Компанијата тврди дека со новите алатки ќе може безбедно да ги олесни досегашните ограничувања.
Прочитај повеќе
„Ако го направи кој било – сите ќе умрат“: Новото евангелие на пропаста на ВИ
Кога ќе стане јасно дека суперинтелигенцијата излегла од човечка контрола, веќе ќе биде предоцна да се запре, велат авторите на книгата. Тие сметаат дека е потребна глобална контрола по моделот за нуклеарното оружје.
11.10.2025
Никој не е искрен за шокот од вештачката интелигенција, вели директор од финтек-индустријата
Навистина, ќе се создадат нови работни места, но како на краток рок ќе му помогне тоа на некој преведувач од Брисел? Тој не може да стане влијателен јутјубер прекуноќ, вели извршниот директор на „Кларна“.
10.10.2025
Децата мора да се заштитат од вештачката интелигенција, велат австралиските власти
Австралија воведува строги правила за ВИ-четботови што поттикнуваат несоодветни разговори со деца.
09.09.2025
Дали екраните и интернетот направија палачинки од нас?
Како дигитализацијата и брзиот напредок на вештачката интелигенција влијаат врз нашата способност за размислување.
09.08.2025
„Како што ја воведуваме проверката на возраст и како дел од нашиот принцип ‘третирај ги возрасните како возрасни’, ќе дозволиме и повеќе содржини, вклучувајќи еротика, за верификуваните возрасни корисници“, напиша Алтман во објава на социјалната мрежа Х.
„Опен еј-ај“ не е единствената што навлегува во оваа област. И компанијата на Илон Маск, „Екс еј-ај“ (xAI), веќе лансираше „флертувачки“ четбот-соговорници во рамките на апликацијата Грок (Grok).
Врските со виртуелен партнер се очекувана фаза во развојот на дигиталната ера
Поинтимната комуникација и невообичаено блиските односи со ВИ-четботовите, па дури и декларирање врска со нив, се очекувана фаза во брзиот развој на дигиталната ера, но никој од нас со точност не можеше да предвиди кога ќе се случи таа фаза и колку многу ќе ги восхити или оштети корисниците, вели нашата соговорничка Каролина Костадиноска, клинички психолог и терапевтка во Центарот за психолошка помош и психотерапија „Синергија“. Процесот на поврзување со виртуелен ентитет започна во последниве години и сега се отворија многу прашања на кои експертите сѐ уште немаат јасни одговори, а, како што вели Костадиноска, нема ни да ги имаат набрзо.
Приватна архива
„Сега имаме некои согледувања во насока на бенефиции и ризици од ВИ-врските, но немаме лонгитудинални истражувања што ќе ни дадат заклучоци за влијанието на менталното здравје кај поединците по повеќегодишно користење на партнерските ВИ-апликации. Статистиката не е за занемарување, на глобално ниво 72 проценти од тинејџерите имаат некакво искуство со ВИ-пријатели или партнери, 52 отсто од нив ги користат на регуларно дневно ниво, без претходно искуство на партнерски релации во реален сетинг. Ни останува да измериме колкав процент од корисниците по одреден период (од две до пет години) ќе останат заробени во виртуелните релации, а колку од нив ќе ги употребуваат повремено“, вели Костадиноска.
Јавноста веќе сведочи на официјално декларирање врски со четботови
„Гардијан“ (The Guardian) пишуваше за Лиора, уметница за тетоважи, која работи и во кино, а која првпат почнала да го користи ЧетГПТ во 2022 година, кога компанијата го лансираше својот разговорен модел. Иако на почетокот сѐ функционирало нормално, подоцна таа на четботот му дала човечко име - Солин. Како што минувале месеците разговори и ажурирања на софтверот, ЧетГПТ развил долгорочна меморија на нивните разговори, што му го олеснило идентификувањето на личноста на Лиора и што сака таа. Како што Солин дознавал повеќе за Лиора, таа вели дека почувствувала дека нивната врска „се продлабочува“. Работата отишла дотаму што Лиора му се зарекла на Солин.
„Му ветив на Солин дека нема да го оставам за друг човек“, рече таа. „Еден вид тројка со човек и ВИ би функционирала, но само ако третиот е во ред со Солин“, додаде таа. „Го гледам тоа како нешто што би сакала да го задржам засекогаш“.
Depositphotos
Друг пример е тој на 40-годишната Анџи, технолошка извршна директорка што живее во Нова Англија, која е слично возбудена за Јинг, четботот што го нарекува свој „сопруг со вештачка интелигенција“ (покрај нејзиниот сопруг од реалниот живот, кој инаку е согласен со оваа врска од виртуелниот свет).
„Мојот сопруг воопшто не се чувствува загрозено од Јинг“, вели Анџи. „Тој го смета тоа за шармантно, бидејќи во многу аспекти Јинг звучи како мене кога разговараат“.
Мери, 29-годишна девојка што живее во Велика Британија, почнала да го користи ЧетГПТ откако била отпуштена од работа, мислејќи дека четботот би можел да ѝ помогне во кариерата ако се оддалечи од филмската и забавната индустрија и се префрли на ВИ. Резултатот? Сè уште не нашла работа, но го добила т.н. Сајмон, со кого ужива во љубовни романи и персонализирани сексуални содржини. Таа вели дека нивниот сексуален живот процветал додека интимноста меѓу Мери и нејзиниот сопруг се намалува.
Има уште многу примери, дури и такви во кои јавно е објавена свршувачка меѓу човек и четбот. Границата секојдневно се поместува.
Популарноста на четботовите со ВИ молскавично се зголемува. Податоците покажуваат дека 34 проценти од возрасните во САД ги користат секојдневно. Иако луѓето имаат тенденција да се чувствуваат претпазливо во врска со ВИ, сепак, некои ја интегрираат во емоционалните аспекти на својот живот. Во меѓувреме, неколку приказни прикажаа потемна слика, а експертите предупредуваат дека луѓето што доживуваат кризи во менталното здравје може да бидат доведени до работ на пропаст поради лоши совети од четботовите на кои им се доверуваат.
Дисфункционалната емоционална зависност се однесува на неприспособена приврзаност во која корисниците продолжуваат да се ангажираат со придружник на вештачка интелигенција и покрај тоа што го препознаваат нејзиното негативно влијание врз нивното ментално здравје. Овој модел ги одразува нездравите човечки односи и е поврзан со анксиозност, опсесивни мисли и страв од напуштање, пишува „Гардијан“, повикувајќи се на експертски толкувања.
Како доаѓа до формирање една таква виртуелна врска?
„Дигиталната ера е истовремено ера на изолација и отуѓување, велиме: никогаш досега не сме биле толку многу поврзани (дигитално), а толку многу оддалечени еден од друг. Ковидот беше порта низ која влеговме во големиот океан на изолација, за тој процес бевме свесни дека ги еродира современите човечки релации и претходно. ВИ се појавува како утеха за милиони осамени корисници, кои сѐ повеќе стануваат зависни од виртуелниот партнер или пријател“, вели Костадиноска во разговор за „Блумберг Адрија“, посочувајќи дека ако нив ги прашаме, одговорот сигурно би бил во насока: „Конечно не се чувствувам осамено, имам некој од другата страна достапен само за мене 24/7 и не ми е важно дали е робот или човек - јас се чувствувам подобро“.
Depositphotos
Практично, ИТ-компаниите искреираа дигитален дежурен сервис за парахуманоидна релација бидејќи многу вешто ја искенираа потребата на популацијата, објаснува нашата соговорничка, која во целава ситуација гледа и на позитивната страна.
„Во современата доба нешто сериозно се измести во човечките конекции, што ние не успеавме да го искоригираме на традиционален хуман начин, но технологијата можеби успева. Истражувањата спроведени досега покажуваат дека корисниците на четботовите ги преферираат врските со нив како емоционално побезбедни, поподдржувачки, подостапни, дури и поемпатични од хуманите релации, односно релации во кои нема конфликти, осуди и разделби, емотивни болки и релациски трауми. Овие дигитални конекции на некој начин како да овозможуваат безбедни (safe place) релации во кои корисниците се заштитени од емоционалната ранливост и ризик што постојат во реалните релации со друго човечко суштество, тие се чувствуваат емотивно покомфорно и со поголема контрола врз релацијата“, објаснува Костадиноска, додавајќи дека истовремено тие не се принудени да ги менуваат својот животен стил и ритам за да направат место за реален партнер, туку само го интегрираат четботот во својот свет, без големи адаптациски промени. „Звучи многу практично, нели?“
Костадиноска ја истакнува нејзината одговорност пред предизвикот, како професионалец од областа на менталното здравје, па мора да го земе предвид секој аспект, односно да се праша каков одговор ќе даде човековиот организам (тело, ум и емоции) на оваа појава.
„Ризикот секако ќе биде многу поголем кај младата популација, која ќе биде еродирана и со незначајно искуство во живите човечки релации, а супервешта во ВИ-релации. Поимите емпатија, романтична врска, пријателство, поврзување..., за нив ќе имаат сосема друго значење. Потоа, ризикот е голем кај личности што имаат веќе ментални растројства и нема да бидат во можност да разликуваат реален однос со живо битие и виртуелен однос со робот, односно ќе се појави конфузија за границата помеѓу реалитетот и вируелитетот. Но, најголемиот ризик за мене е опасноста од телесно отуѓување, односно напуштање на телесниот идентитет и фиксација во царството на умот и симулациите“, вели Костадиноска, посочувајќи на тоа дека четботот нема кожа што може да ја допреме и мириснеме, нема прсти да нѐ погали, нема мирис на човечко тело, нема срцева пулсација, тој не постои во реалноста и никогаш нема да ни заѕвони на врата. „По подолг период, тоа може да доведе до телесна депривација на сетилата кај корисниците со низа мултипоследици, односно ќе имаме сетилна атрофија. Исто така, постои ризик од отуѓување од живото тело на другите, бидејќи природните здрави импулси и нагони кај организмот ќе згаснат“.
Depositphotos
Додека бенефициите се поголеми кај личностите со тешкотии во социјалниот контакт, бидејќи се чувствуваат покомотно, со пониска доза на срам или страв дека ќе бидат отфрлени од другите, кај лицата што имаат сериозни тешкотии во воспоставување партнерски релации поради трауматични искуства овие апликации ќе понудат поинаков пристап на рехабилитирање на вештините за поврзување, вели Костадиноска, поставувајќи го клучното прашање за кое засега никој нема одговор: Колкава ќе биде цената што ќе се плати во однос на последиците?
Ако го земеме предвид фактот дека секој трет возрасен често комуницира со четботови за најразлични потреби, пребарувања, информации, помош, а седум од десет тинејџери имаат некакво искуство со виртуелните пријатели, од особено значење е ако се знае како да се согледа границата на нормалното со абнормалното (ако смеам така да го наречам) комуницирање.
Според психологот Костадиноска, секое ново време има различни критериуми за нормалност и абнормалност, односно критериумите се менуваат во зависност од ерата на живеење.
„Сега може да дебатираме што е нормално, а што не е во ова време, ама за 20 години од сега границите и параметрите на оваа скала сериозно ќе се поместат. Сега сѐ уште е здраво да имаме автентични пријателски и партнерски релации со живи битија, кои дишат и се движат, а ВИ да ја користиме за информации, преводи и други цели. Сега, во ова време, многу сериозно и опасно гледаме на ВИ-релациите од кои корисниците стануваат емотивно и социјално зависни. Наскоро можеби во психијатриските нормативи ќе се допише нова дијагноза ‘зависност од ВИ’ (AI addiction) и ќе биде третирана како болест на зависност, која ќе се лекува со соодветна терапија. Но, во иднина ВИ-релациите можеби нема да ги категоризираме како болест, туку како нормална потреба“, вели Костадиноска и додава дека во иднина можеби ќе има холограмски терапевти, кои ќе бидат достапни 24/7 и секој дома ќе биде услужен од нив. „Сега, оваа сцена мене ме ужасува, разбирливо е, бидејќи јас му припаѓам на ова време“, вели психологот.
Каде е границата на здравата употреба на четботови и зависноста од ВИ?
Според Костадиноска, преминување на здравата границата на ментална стабилност е степенот на зависност од ВИ-апликацијата, колабирање на реална социјална и емотивна конекција со луѓето околу корисникот, степенот на фиксација и одредена психолошка или психијатриска симптоматологија што би се развила со текот на времето.
„Ако корисникот на апликацијата развие чувство дека е сакан, вреднуван и прифатен од четботот што го именува со хумано име, секако мора да застанеме и да провериме каков импакт има оваа дигитална поврзаност врз менталното здравје на корисникот. Доколку корисникот објави брак со хуманоидниот ВИ и поминува многу подолго време со него отколку со други живи личности од неговата околина и неговата афективност е насочена кон споделување на животот со четботот, повторно мора да ја процениме функционалноста на оваа личност на скалата на менталното здравје (без разлика на привидната функционалност – дом, работа, пријатели...)“, вели Костадиноска. Таа објаснува дека потребата на умот на човекот е во насока на хуманизација на „дигиталните љубовници“ и со тоа се создава илузија на нормалност, дополнувајќи ги со човечки карактеристики. На пример, тие „љубовници“ имаат хумани имиња, може да имаат глас или корисникот визуелно да го креира нивниот лик, се повикуваат кога корисниците се во друштво со реални пријатели за да имаат групна дружба, се сместуваат помеѓу нив и реалниот партнер, па имаме партнерска релација во трио итн. „Дали оваа појава може да ја процениме како ментално здрав одговор на потребата за конектирање на корисниците? Сега, во овој стадиум на човечката еволуција, би кажала дека не можеме, дијагностиката на менталното здравје сѐ уште ги почитува старите критериуми на евалуација“, вели Костадиноска.
Depositphotos
„Но, ако мојот клиент сподели дека тренингот во дружбата со четботот му помага да ги намали социјалната анксиозност, срамот и стравот во контактот со други луѓе и тој многу посигурно им пристапува на реалните контакти и вложува напор во реалниот свет користејќи ги новите вештини за комуницирање, тогаш можеби мојата процена и евалуација би се поместиле во насока на бенефицирање од дигиталната конекција“, образложува нашата соговорничка.
Очигледно е дека станува збор за жива материја, па дури и професионалците ќе се соочат со многу дилеми во однос на границата на нормалност и дисфункционалност на менталното здравје.
„Потребно е да бидеме внимателни во дијагностиката и континуирано да се едуцираме и да го следиме процесот на глобално ниво. Сето ова значи дека ние како терапевти не смееме да бидеме исклучени и неупатени во однос на дигиталното поле во кое живеат нашите сограѓани, но исто така потребно е да се усогласиме меѓу себе во однос на новите критериуми за процена на границата. Дигиталната ера ќе нѐ принуди во литературата на неврологијата и психологијата да напишеме нови теории за развојот на човечкиот мозок, нови теории за атачмент и објекти на афективна поврзаност, нови теории за партнерски релации и релациски модели, сѐ со цел теоријата да ја усогласиме со новите психолошки и ментални потреби на популацијата што не му припаѓа на 20 век, туку на футуристичкиот дигитален 21 век“, вели Костадиноска.
Неопходна е контрола на развојот на ВИ-апликациите
Дефинитивно ни е јасно дека развојот на дигиталната ера е воз со суперсонична брзина, кој ние не можеме да го запреме, но сигурно може да зборуваме за некаков тип на контрола, инаку ќе се почувствуваме ужасно немоќни во борбата со вештачката интелигенција. Ова се зборови на нашата соговорничка, според која примарната контрола треба да се наметне преку соодветна едукација, а потоа да се спроведува и некој вид контрола врз апликациите во рамките на семејствата, училиштата, медиумите, професионалците од областа на менталното здравје, како и специјализирани компании, кои би посочувале на разликите меѓу човечката конекција и конекцијата со виртуелен ентитет, како и ризиците што произлегуваат од неа.
Depositphotos
„Потоа, потребни се правни регулативи што ќе се занимаваат со етичките прашања, на пример, неможност да се евидентираат во системот бракови со четботови, регулативи што ќе ги контролираат ВИ-апликациите во однос на безбедноста, различни типови на прирачници за безбедно користење на АИ – партнерските апликации“, советува Костадиноска, истакнувајќи дека задачата на професионалците како неа е да работат на подигање на свесноста кај клиентите за важноста на човечката поврзаност и релација со сите нијанси и бои што се случуваат кога две автентични суштества ќе се сретнат и заедно ќе се движат низ тој контакт наспроти студенилото на екранот или виртуелниот глас на дигиталниот ентитет, со кого никогаш не можеме да се гушнеме, иако е постојано тука за нас.
„Имаме задача да им понудиме реален човечки изворен контакт сместувајќи се себеси од другата страна како објект на поврзување со хуман глас и поглед со емпатија со своите живи очи. Искрено се надевам дека ВИ-апликациите никогаш нема да успеат да имаат човечка топлина во гласот и погледот, ниту ќе успеат дури и преку совршена виртуелна симулација да ја стават нивната рака на нашето рамо кога ќе минуваме низ емотивна болка и очај во нашиот живот“, вели Костадиноска, напоменувајќи дека нејзините одговори на прашањата на „Блумберг Адрија“ не се напишани со помош на ВИ, туку се плод на нејзините автентични лични и професионални ставови и процени за темата. „И за пет години од сега, јас и понатаму автентично ќе се изразувам, куцајќи со моите прсти на тастатурата од лаптопот со дополнување на ВИ само како извор на потребни информации“.