На својот традиционален септемвриски настан, „Епл“ (Apple) официјално ја претстави најновата генерација на ајфони – серијата ајфон 17, која го носи најголемиот дизајнерски и технолошки пресврт во последниве години. Под мотото „Воодушевувачки“ (Awe-dropping), компанијата ги претстави новите „ајфон 17“, „ајфон 17 ер“ (Air), „ајфон 17 про“ и „ајфон 17 про макс“, заедно со новите слушалки „ерподс“ (AirPods) и часовник „епл“ (Apple Watch).
„Ајфон 17 ер“ – најтенкиот ајфон досега
Најголемо внимание привлече новиот „ајфон 17 ер“, кој со дебелина од само 5,6 милиметри е прогласен за најтенок ајфон во историјата. Изработен од титаниум со вселенски степен на издржливост, овој модел ја комбинира елеганцијата со цврстина и премиум перформанси.
Според првичните информации, моделот ер користи процесор „A19 про“ – истиот како и во уредите „про“, иако „Епл“ сè уште не ја потврди оваа информација јавно. Цената на „ајфон 17 ер“ започнува од 999 американски долари, позиционирајќи се меѓу стандардните и моделите „про“.
Стандарден „ајфон 17“ – подобрувања за пошироката публика
Новиот „ајфон 17“ носи сериозни подобрувања и за корисниците што не се ориентирани кон моделите „про“. Телефонот доби промоушн-дисплеј со 120 херци, значително подобрена батерија и поддршка за побрзо безжично полнење. Камерите се надградени со нови сензори, овозможувајќи повисок квалитет на фотографии и видео, дури и во услови со слаба светлина.
Цената на основниот модел изнесува 799 долари, а сите варијанти почнуваат со 256 GB интерна меморија.
„Про“ и „про макс“ – ново ниво на перформанси и камери
„Епл“ ја редефинира својата линија „про“ со „ајфон 17 про“ и „ајфон 17 про макс“, кои добија целосно нов дизајн на камерите – т.н. „камера плато“ (Camera Plateau), поставена хоризонтално на задниот дел од телефонот. Уредите доаѓаат со тројна камера од 48 мегапиксели, значително подобрен телефото-зум и нов вакуум-систем за ладење, што ветува поголема енергетска ефикасност и помала загреаност при интензивна употреба.
Моделите „про“ стартуваат од 1.099 долари, додека најмоќниот „про макс“ достигнува цена од 1.199 долари.
Сите модели се опремени со новиот безжичен чип Н1 (N1), кој ги заменува компонентите бродком (Broadcom) и носи поддршка за ви‑фи 7 (Wi‑Fi 7), блутут 6 (Bluetooth 6) и тред (Thread) – нов индустриски стандард за поврзување со интернет на нештата (IoT). Дополнително, новиот модем C1X 5G овозможува двојно побрзи брзини во споредба со неговиот претходник.
„Ајфон 17 ер“ е целосно модел eSIM на глобално ниво, додека моделите „про“ стануваат eSIM-ексклузивни во сè повеќе земји, продолжувајќи ја транзицијата што „Епл“ ја започна со претходните генерации.
Претпродажбата започнува на 19 септември, кога ќе бидат достапни и во продавниците.
Други новитети од настанот
Освен телефоните, „Епл“ ги претстави и „ерподс про 3“ (AirPods Pro 3) со активна детекција на срцев ритам, нови опции за приспособување на вметнувачите (5 големини), и функција за превод на разговори во живо. Цената ќе изнесува 249 долари.
Истовремено беше промовиранa и единаесеттата серија на паметниот часовник (Apple Watch Series 11), која носи нови здравствени функционалности, како мерење на крвниот притисок и сателитска поврзаност.
Серијата „ајфон 17“ претставува значаен исчекор за „Епл“ – не само поради хардверските иновации туку и поради одлучноста да воведе нови дизајнерски и технолошки стандарди. Со ултратенкиот „ајфон ер“ и целосната ориентација кон безжични технологии, „Епл“ сигнализира каде се движи иднината на мобилната индустрија.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...