Што точно значи независност на вештачката интелигенција (ВИ) и како се манифестира?
Целта на Европската унија во 2026 година е да постигне независност во вештачката интелигенција (ВИ) и да конкурира на глобално ниво со сили како Кина и Америка.
Вештачката интелигенција денес има иста стратешка тежина каква што нафтата, челикот и електричната енергија имале во 20 век. Земјите што ја контролираат инфраструктурата за ВИ – чипови, модели, податоци и облак – имаат директно влијание врз економијата, безбедноста и политичката автономија на другите.
Европа моментално е зависна од американски и кинески платформи, што значи дека клучните системи (здравство, финансии, енергетика, одбрана) функционираат на технологии што не се под европска контрола. За ЕУ, тоа претставува долгорочен стратешки ризик.
ЕУ има врвни истражувачи, универзитети и инженери, но најголемата економска вредност на ВИ се остварува надвор од Европа.
Како изгледа зависноста во пракса:
-
Европски стартап тренира модел на американски систем во облак
-
Плаќа време за користење на GPU ресурси на американски компании (GPU – Graphics Processing Unit, графички процесор за тренирање ВИ-модели)
-
Гради производ на американски API (API – Application Programming Interface, програмски интерфејси што овозможуваат поврзување со ВИ модели и клауд сервиси)
-
Ако успее, го купува голема американска ИТ компанија или некој од „величествената седумка“
-
Резултат: работата и знаењето остануваат во Европа, но профитот, даноците и стратешката контрола одат во САД. Тоа дополнително ја зајакнува технолошката разлика меѓу ЕУ и САД
Како ЕУ се стреми кон независност
Европската унија на 11 февруари 2025 година ја лансираше иницијативата InvestAI, план за мобилизација на 200 милијарди евра инвестиции во вештачка интелигенција. Од тоа, 20 милијарди евра се наменети за изградба на четири гига-фабрики за ВИ низ целиот континент. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека секоја гига-фабрика ќе биде опремена со околу 100.000 чипови за ВИ, четири пати повеќе од сегашните гига-фабрики.
Паралелно, ЕУ развива, предлог за фонд (EU Sovereign Tech Fund) од 350 милиони евра за седум години, насочен кон одржување на критична инфраструктура со отворен код (open-source). Инспириран од германската СТА (Sovereign Tech Agency), која од 2022 вложила преку 24,6 милиони евра, фондот го поддржуваат „Мерцедес“ (Mercedes-Benz), „Гитхаб“ (GitHub) и европските влади.
За иновации во областа на ВИ, ЕУ на 12 декември 2025 година го усвои програмот ХЕ (Horizon Europe) за 2026-2027, кој има големо влијание и врз регионот Адрија.
Кои се ЕУ програмите на кои можете да аплицирате во 2026 година
Сите земји од регионот спаѓаат во Widening категоријата во рамките на програмата Horizon Europe. За Widening во 2026 година, ЕУ предвидела 485 милиони евра, од кои 416,5 милиони преку конкурси од јануари до септември 2026. Widening овозможува институциите од регионот да бидат координатори на проекти без директна конкуренција со институциите од развиените земји на ЕУ.
Хрватска и Словенија како членки на ЕУ имаат пристап до сите програми од Widening, додека другите земји од регионот што не се во ЕУ, овојпат, не се исклучени од овие програми.
Програмите на ЕУ доаѓаат со сложени правила, критериуми за усогласеност и голема конкуренција. Локалните компании ќе мораат да вложат во разбирање на системот, да изградат капацитети и да покажат резултати. За оние што се подготвени за напор, европските инвестиции во вештачка интелигенција претставуваат шанса да учествуваат во програми вредни стотици милиони евра преку Widening механизмот, дизајниран токму за регионот Адрија.