Платформата X на Илон Маск е под истрага од Европската Унија поради загриженост дека не успеала да го спречи својот четбот Грок да генерира лажни слики „што може да се сметаат за материјали со сексуална злоупотреба на деца“.
Европската комисија соопшти дека истрагата, која носи ризик за нови тензии со Белата куќа, ќе испита дали платформата за социјални мрежи правилно ги проценила и утврдила ризиците поврзани со имплементацијата на Грок на X во 27-члениот блок.
„Сексуализирани лажни слики на жени и деца генерирани со ВИ без согласност се насилен и неприфатлив облик на деградација“, изјави комесарката за технологии на ЕУ, Хена Виркунен. Случајот се врти околу правилата на блокот за интернет-содржина, Законот за дигитални услуги (DSA), кој поставува строги граници за штетни и нелегални материјали на интернет.
Прочитај повеќе
Контроверзни слики од Грок ја шокираа јавноста, удар за платформата на Маск
Откријте што следува за платформата на Маск и како тој реагира на жестоките обвинувања.
09.01.2026
Малезија, Франција и Индија ја критикуваат мрежата X за „навредливите“ слики од „Грок“
Некои држави истражуваат слики изработени од „Грок“ по поплаките за злоупотреба на ВИ за манипулирање со слики од жени и малолетници за да се произведе непристојна и штетна содржина.
04.01.2026
Вештачката интелигенција на Маск манипулира со чувства, но профитот расте
Четботот Grok доби два нови аватара...
26.07.2025
Глобалната осуда кон Грок се зголеми во последниве недели откако корисници од повеќе земји пријавија дека ВИ-четботот генерирал сексуализирани слики и ги објавил на X, што предизвика брзи осуди од регулаторите и активистите за заштита на децата. Регулаторот за комуникации во Велика Британија, „Офком“ (Ofcom), веќе спроведува формална истрага дали X го прекршил Законот за безбедност на интернет во земјата. Франција и Индија исто така се вклучија, обвинувајќи дека Грок нелегално создал сексуализирани слики на луѓе без нивна согласност.
X, подружница на „Екс еј-ај“ (xAI), посочи на претходна изјава во која се наведува дека отстранува нелегални содржини, вклучувајќи материјали со наводна сексуална злоупотреба на деца, суспендира налози и соработува со органите на редот кога е потребно.
„Остануваме посветени на тоа да го направиме X безбедна платформа за сите и продолжуваме со нашата нулта толеранција за какви било форми на сексуална експлоатација на деца, голотија без согласност и непосакувана сексуална содржина“, се наведува во соопштението.
Истрагата за Грок доаѓа по одделна казна од 120 милиони евра што Европската Унија ја изрече врз основа на Законот за дигитални услуги, што администрацијата на Трамп ја гледа како флагрантен напад на слободата на говорот. Во тој случај надзорните тела заклучија дека платениот симбол со сина ознака на X ги доведува корисниците во заблуда, а платформата го игнорира барањето за пристап до податоци.
Под Законот за дигитални услуги, кој стапи во сила во 2023 година, ЕУ може да им наложи на онлајн платформите казни од дури 6 отсто од нивниот годишен глобален приход ако не се справат со нелегални содржини и дезинформации или не ги следат правилата за транспарентност.
Пред казната на ЕУ во декември, потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, на X објави дека „ЕУ треба да ја поддржи слободата на говорот, а не да ги напаѓа американските компании за глупости“.