Технологија

„Гугл“ ќе промовира маркетинг алатки со вештачка интелигенција

Извор: Bloomberg/Julia Love,Davey Alba

24 мај 2023, 12:53

Нова ера во маркетинг индустријата

Технолошките компании во трка за нови производи базирани на вештачка интелигенција

Bloomberg

„Гугл“ (Google) ќе промовира нови алатки кои ќе користат вештачка интелигенција за да им помогне на професионалците од маркетинг индустријата да креираат реклами. Компанијата настојува да ја прошири употребата на вештачката интелигенција во производите и да профитира од растечката побарувачка за новата технологија.

Компанијата соопшти дека огласувачите наскоро ќе можат да прикажуваат реклами на нејзиниот популарен пребарувач кои се креирани со генеративна вештачка интелигенција, софтвер кој може на едноставен и брз начин да создава текст и слики. Лицата од маркетинг-индустријата, исто така, ќе можат да ги користат алатките на „Гугл“ за автоматско генерирање слогани и описи на производи кои се порелевантни во однос на пребарувањата на клиентите.

Огласувачите додека ги креираат своите реклами исто така ќе можат да користат чет-производи базирани на вештачка интелигенција за текст и слики. Во новото „Продукт студио“, трговците кои го користат „Гугл“ ќе можат да најдат фотографии од производи со помош на генеративна вештачка интелигенција „без дополнителни трошоци за нови фотосесии“, соопштија од „Алфабет Инк“ (Alphabet Inc.). Трговците ќе можат да го подобрат квалитетот на сликите со ниска резолуција, да ги отстранат несаканите позадини или да додаваат елементи во сликата на производот, (на пример тропски растенија во заднината).

„Поради темпото на промени во вештачката интелигенција, мислиме дека ова е основа на нешто навистина возбудливо“, рече во интервју Џери Дишлер, потпретседател на „Гугл“ кој ги надгледува рекламните производи.

Како што технолошките гиганти како „Гугл“ и „Мајкрософт“ се тркаат кој побрзо ќе ја вметне генеративната вештачка интелигенција во нивните производи, некои експерти изразија загриженост дека алатките ќе се користат за да се надополни поројот од дезинформации што кружат на Интернет. Политиките на „Гугл“ им забрануваат на огласувачите погрешно да ги прикажуваат производите и услугите што ги обезбедуваат, а компанијата рече дека алатките за вештачка интелигенција содржат заштитни механизми за да се спречи злоупотреба. Рекламите креирани со користење на генеративна вештачка интелигенција ќе бидат предмет на постојните контроли на компанијата, но нема да бидат предмет на екстра-контрола, велат од компанијата.