Сите големи технолошки компании се обидуваат да го убедат Волстрит дека ќе бидат главен играч во сферата на вештачката интелигенција (ВИ). Но малку од нив имаат направено толку добра работа како „Епл“ (Apple Inc).
Меѓу аналитичарите има растечки консензус дека ајфон со карактеристики на вештачка интелигенција, какви што беа претставени во јуни, ќе ги поттикне потрошувачите да ги заменат своите телефони откако долги години се служеле со постари модели, давајќи му го на „Епл“ долгоочекуваното закрепнување во растот. Најмалку пет фирми го подигнаа својот рејтинг од настанот, а „Луп капитал“ (Loop Capital) е последна во таа низа.
„Епл“ игра брилијантно со вештачката интелигенција, откако се чинеше дека заостанува минатата година, рече Игор Тишин, аналитичар во „Хардинг“ (Harding Loevner LP). „Не знам колкава монетизација ќе има во блиска иднина, но мислам дека вештачката интелигенција може да му помогне на 'Епл' да развие огромна вредност во втората и третата година“.
Аналитичарот на „Луп“ (Loop), Ананда Баруах се согласува, очекувајќи дека вештачката интелигенција ќе доведе до материјално зголемување на побарувачката за ајфони. „'Епл' има можност во следните неколку години да се зацврсти како 'базен камп' за корисниците на генеративна ВИ, исто како што тоа го направи за социјалните медиуми пред 15 години со ајфон“, напиша тој во белешката.
Циклусот за замена на уредите би бил значаен. Ајфоните се убедливо најголемиот бизнис на „Епл“, носејќи повеќе од половина од приходите од фискалната 2023 година, според податоците собрани од „Блумберг“ (Bloomberg). Сепак, приходите од ајфон паднаа за 2 отсто минатата година, што покажува дека подобрувањата на батеријата и камерата во моделите на 14 и 15 не беа доволни за да ги привлечат клиентите.
Функциите за вештачка интелигенција, вклучително и договорот со „Опенеј-ај“ (OpenAI) за интегрирање на ЧетГПТ (ChatGPT), би можеле да го променат тоа. Според „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence), повеќе од 40 отсто од над 800 милиони корисници на паметни телефони на „Епл“ имаат ајфон 12 или постари уреди, додека други 27 отсто користат ајфон 13. Помалку од 10 отсто од сегашните корисници имаат телефони кои можат да се надградат на ВИ софтверот.
Позитивниот одговор на промотивниот настан на „Епл“ придонесе за раст од 36 отсто на акциите од априлското ниско ниво, додавајќи околу 900 милијарди долари на пазарната капитализација на компанијата и враќајќи ја на нејзината позиција како најголема акција во светот. Тоа, исто така, го турна вреднувањето над историските нивоа, што укажува на големи надежи во вештачка интелигенција - и високи влогови за поширокиот пазар.
Повеќе детали прочитајте на следниот ЛИНК.