Втората највреднa компанија во светот, „Енвидија“ (Nvidia), на саемот за технологија и електроника ЦЕС (CES) во Лас Вегас, претстави многу новитети, вклучувајќи го и првиот компјутер од сопствено производство и гејминг чипови кои користат вештачка интелигенција. Ова е позната технологија на „Енвидија“ која компанијата ја користи за опремување на дата центрите.
Големата визија на „Енвидија“
Извршниот директор на компанијата, Џенсен Хуанг, во својата презентација на саемот изјави дека компанијата ќе се стреми со своите производи од областа на вештачката интелигенција да ја „пополни идната општествена структура“. Компанијата ќе се стреми производите да бидат срцето на идниот технолошки свет со милијарда хуманоидни роботи, 10 милиони автоматизирани фабрики и 1,5 милијарди автономни автомобили и камиони, според стратегијата за развој на компанијата, изјави Хуанг за „Блумберг“.
Амбициозните најави за соработка со најголемиот производител на возила во светот, јапонската „Тојота“ (Toyota), и компанијата „Медија тек“ (MediaTek), ја зголемија вредноста на акциите на компанијата за три проценти. Хуанг посвети многу време на претставувањето на новитетите за целната публика на „Енвидја“ - гејмерите. Компанијата подготвува надградба на своите графички процесори џифорс (GeForce), кои користат блеквел (Blackwell) дизајн; оваа технологија компанијата ја користи во своите акцелератори за вештачка интелигенција.
„Џифорс ѝ овозможи на вештачката интелигенција масовна употреба, а сега вештачката интелигенција се враќа во Џифорс“, изјави Хуанг за новитетот.
Новитет за гејмерите
Новите графички процесори со ознака РТХ 50 (RTX 50), според „Ројтерс“ (Reuters), ќе обезбедат пореалистична графика за видеоигрите, слична на филмската продукција. Новите чипови исто така можат да им помогнат на развивачите на игри да создадат попрецизни човечки лица. Нивната цена ќе се движи од 549 до 1.999 долари, а продажбата ќе започне кон крајот на јануари или февруари.
Соработка со Тајванците
Компанијата исто така изненади со својот прв компјутер со ознака „Проџект диџитс“ (Project DIGITS), кој е наменет за програмери. Компјутерот, кој ќе чини 3.000 долари, ќе го користи оперативниот систем на „Енвидија“ и ќе има ист чип кој е во центарот на понудата на компанијата за дата центрите, но во комбинација со процесор произведен од тајванската компанија „Медија тек“. На пазарот ќе биде лансиран во март.
Соработка со „Тојота“
На презентацијата, компанијата откри дека ќе соработува со јапонската марка „Тојота“. Чиповите и оперативниот систем на „Енвидија“ ќе бидат вградени во автомобилите на „Тојота“ за напојување на електронските системи за напредна помош на возачот. Компанијата очекува многу од соработката со автомобилскиот сектор, бидејќи приходите од автомобилскиот хардвер и софтвер до 2026 година ќе се зголемат на пет милијарди долари, додека оваа година се очекува да бидат вредни четири милијарди долари.
„Џифорс ѝ овозможи на вештачката интелигенција масовна употреба, а сега вештачката интелигенција се враќа во Џифорс“, изјави Хуанг за клучниот новитет.
Во 2022 година игрите беа најголемиот поттикнувач на растот на продажбата на компанијата, но сега тоа е секторот за опремување на дата центрите. Оваа година компанијата ќе оствари повеќе од 100 милијарди долари приходи од овој сектор, бидејќи нивните чипови ги користат најголемите светски технолошки компании, како „Мајкрософт“ (Microsoft). Следниот чекор е проширување на хардверот и софтверот на повеќе компании и владини агенции, што ќе придонесе за диверзификација на приходите на „Енвидија“, според „Блумберг“.