Анализа

ББА-анализа: Прогресивен данок ќе ја намали цената на становите

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

3 мај 2023, 08:00

Цените на квадратен метар во регионот Адрија ќе паднат за пет отсто до крајот на годината

Јавните инвестиции во инфраструктурни проекти ќе поттикнат мал раст на секторот

Проблемот со работната сила ќе остане акутен

Bloomberg

Пад на цените на недвижностите за пет проценти, мал раст на градежништвoто благодарение на јавните инвестиции во инфраструктурни проекти и натамошно продлабочување на проблемот со работната сила во секторот, прогнозира аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во својата најнова анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“.

Главна причина за намалувањето на цените ќе биде помалата понуда поради падот на побарувачката, кој се должи на построгото кредитирање во споредба со минатата година, бидејќи кредитните стандарди полека но сигурно се заоструваат, што ќе го поскапи задолжувањето.

До долгонајавуваниот пад на цените на недвижностите, според нашите аналитичари, освен поради зголемувањето на каматните стапки, кои ќе ја ограничат побарувачката, треба да дојде и поради ниските реални приходи и високата инфлација.

Во споредба со фискалната 2022 година, поголемиот дел од Европа веќе се соочува со пад на побарувачката на пазарот на недвижности поради релативно високите цени на недвижностите, придружени со зголемување на каматните стапки, додека во регионот Адрија тоа сè уште не е случај.

BloombergAdria.com

 

„Во согласност со неодамнешните случувања, очекуваното мало придвижување на економиите во регионот, плиткиот пазар на трудот, зголемувањето на каматните стапки на станбените кредити и притисоците врз растот на платите под влијание на инфлацијата, гледаме корекција на цените на недвижностите од околу пет проценти во просек до крајот на 2023 година. Нашиот став дополнително е поддржан од фактот дека ефектите од агресивното затегнување на каматите сè уште не се целосно материјализирани, за разлика од поразвиениот дел од ЕУ, кој сега доживува корекции на пазарот на недвижности на многу повисоки ниво. Сепак, се очекува тоа да се случи и во овој регион во втората половина на годината. Непотребно е да се каже дека базниот ефект игра важна улога, со други зборови, во услови на влошување, не може да се очекува да продолжи трендот на раст на  цените на недвижностите од 2022 година“, објаснува аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.

Јавните инвестиции ќе го движат секторот

Падот на побарувачката на станови ќе го насочи целиот сектор кон проекти за јавни инфраструктурни градежни проекти, кои ќе бидат поттикнати од државите во следните неколку години. Тоа ќе придонесе за мал раст.

„Годинава градежниот сектор во регионот ќе забележи умерен раст во однос на претходната година, главно поради забавувањето на изградбата на станови, додека, од друга страна, инвестициите на јавниот сектор во инфраструктурата ќе останат силни. Сметаме дека  намалувањето на побарувачката е главен фактор за забавување на станбената изградба, во согласност со повисоките каматни стапки, кои ги поскапуваат инвестициите“, нагласуваат нашите аналитичари.

Новите податоци од почетокот на 2023 година покажуваат дека Хрватска и Словенија продолжија со позитивните трендови, додека Македонија закрепнува во споредба со 2022 година, главно поради нискиот базен ефект. Податоците за Србија за цела мината година покажуваат пад на градежната активност, додека за Босна и Херцеговина тие покажуваат стагнација.

„Генерално позитивниот тренд во секторот е дополнително поддржан од зголемениот број на издадени градежни дозволи (освен во случајот со Србија), што ни навестува дека слични трендови ќе има и во првата половина на 2023 година“, велат нашите аналитичари.

Вечната борба за наоѓање работна сила ќе продолжи. Иако веќе има силен прилив на странски работници, тоа сепак нема да биде доволно за да се задоволи побарувачката, па се очекуваат нагорни корекции на платите, сметаат нашите аналитичари.

Според последното истражување на Европската комисија (ЕК) за очекувањата во градежниот сектор, најголем проблем на целиот континент и натаму е недостигот од квалификувана работна сила, што е особено изразено во регионот Адрија (податоци за БиХ не се достапни).

Повеќе од 70 отсто од испитаниците во Словенија сметаат дека недостигот од работна сила е најголемата пречка за понатамошен развој на секторот, а слични бројки има и во Хрватска и Македонија. Прашањето за работната сила во регионот станува сè поакутно, пред сè поради лошата демографска слика и миграциските тенденции, што доведува до тоа притисокот за раст на платите да продолжи.

Непостојната даночна рамка во Хрватска и Словенија, според нашите аналитичари, создава простор преку фискалната политика недвижностите да станат достапни за поголем дел од населението и со тоа да растат и буџетските приходи.

Но несоодветното даночење на недвижностите ги прави привлечна стока за инвестирање, што со години веќе влијае на растот на цените на квадратен метар. Оттука, не треба да нè чудат податоците според кои земјите од регионот се најлоши на континентот кога станува збор за процентот на млади луѓе што живеат со своите родители.

„На овој начин ќе стане неатрактивно поседувањето поголем број станови што се неактивни на пазарот, што на крајот би требало да резултира со зголемена понуда и намалување на цените. Вториот чекор би требало да биде државна регулација на долгорочните закупи, затоа што домашното население страда поради краткорочните туристички закупи“, заклучуваат аналитичарите на „Блумберг Адрија“.