„Гугл“ (Google) ќе инвестира 10 милијарди долари во „Антропик“ (Anthropic PBC), со можни дополнителни 30 милијарди долари подоцна, зајакнувајќи го односот меѓу двете компании кои истовремено се партнери и ривали во трката за развој на вештачка интелигенција.
„Антропик“ соопшти дека „Гугл“ сега се обврзува на готовинска инвестиција од 10 милијарди долари при проценета вредност од 350 милијарди долари, исто како и вреднувањето во рундата на финансирање во февруари, без вклучување на неодамна прибраниот капитал. Компанијата во сопственост на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) ќе инвестира уште 30 милијарди долари доколку „Антропик“ ги исполни поставените цели за резултати, соопшти стартапот во петокот, а средствата ќе поддржат значително проширување на компјутерските капацитети.
„Антропик“ го засили прибирањето капитал по големиот успех на „Клод код“ (Claude Code), ВИ агент што го забрзува процесот на пишување компјутерски софтвер. Стартапот претходно оваа недела соопшти дека обезбедил уште пет милијарди долари од „Амазон“ (Amazon), исто така при вреднување од 350 милијарди долари, со можност со текот на времето да добие уште 20 милијарди долари.
Прочитај повеќе
Новиот модел на „Дипсик“ сè уште не ја намалува предноста на САД во вештачката интелигенција
Новиот модел „Дипсик В4“ носи пониски трошоци и солидни перформанси, но не успева да ја загрози доминацијата на американските лидери во ВИ, иако го засилува притисокот преку цената и спорните методи на развој.
25.04.2026
„Гугл“ се соочува со притисок од ЕУ да го отвори „Андроид“ за конкурентите на „Џемини“
„Џемини“ на „Гугл“ ужива пристап до основните функции на „Андроид“, вклучувајќи интеграција и комуникација со низа апликации.
23.04.2026
Вештачката интелигенција може да биде трансформативна и сепак да биде меур
Вештачката интелигенција веќе ја преобликува економијата, но зад епските вложувања се кријат ризици што регулаторите мора навреме да ги препознаат.
12.02.2026
„Алфабет“ собра 20 милијарди долари од продажба на обврзници и планира нешто необично
Глобалната трка за вештачка интелигенција ги турка технолошките компании во големо задолжување...
10.02.2026
Зошто додека „Енвидија“ гради дата центри, „Гугл“ купува кабли?
„Гугл“ инвестира во нешто што конкуренцијата го занемарува — кабли што ќе го одредат идниот развој на вештачката интелигенција.
05.02.2026
„Антропик“ во февруари прибра 30 милијарди долари, а инвеститорите оттогаш настојуваат да ја поддржат компанијата при проценка од 800 милијарди долари или повеќе.
„Антропик“ е голем клиент на чиповите и облак-услугите на „Гугл“, бизниси што компанијата настојува да ги прошири додека нејзиниот главен извор на приходи, пребарувачкото рекламирање, влегува во позрела фаза. „Гугл клауд“ ќе обезбеди компјутерски капацитет од пет гигавати за „Антропик“ во следните пет години, а можно е да следуваат и уште неколку гигавати. Договорот претставува проширување на соработката објавена претходно овој месец меѓу „Антропик“, „Гугл“ и „Бродком“ (Broadcom Inc.). Еден гигават е доволен за снабдување со струја на околу 750.000 американски домаќинства во секој момент.
Акциите на „Гугл“ во петокот пораснаа за повеќе од еден отсто по веста и се тргуваа по 341 долар околу 12:03 часот.
Тензорските процесорски единици на „Гугл“, познати како ТПУ, се една од најдобрите алтернативи на чиповите на „Енвидија“ (Nvidia), што ги прави редок и вреден ресурс за „Антропик“ и другите развивачи на вештачка интелигенција во индустрија што бара огромна компјутерска моќ.
„Антропик“, кој разгледува иницијална јавна понуда уште во октомври, е во потрага по дополнителна инфраструктура за да одговори на растечката побарувачка за своите производи. „Клод код“ брзо стана прв избор за инженери низ Силициумската долина, вклучително и дел од оние во „Гугл“, што предизвика трка и кај остатокот од индустријата.
Според компанијата, брзо расте и агентот „Коворк“ (Cowork), за кој не е потребно познавање кодирање и може да се користи за поширок спектар задачи.
Главниот извршен директор на „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеи, на почетокот од кариерата работел во „Гугл“ како истражувач за вештачка интелигенција. Компаниите одржуваат блиски врски откако Амодеи ја основал „Антропик“ во 2021 година заедно со група поранешни вработени од „Опен еј-ај“ (OpenAI). Минатата година „Гугл“ соопшти дека ќе обезбеди до еден милион свои ТПУ чипови за „Антропик“, во договор вреден десетици милијарди долари. До тој момент пребарувачкиот гигант веќе имаше вложено околу три милијарди долари во стартапот.
Сепак, додека „Гугл“ вложува сè повеќе средства во „Антропик“, двете компании истовремено се натпреваруваат која прва ќе создаде вештачка интелигенција што може да се мери со човечките способности и која ќе ги пласира своите алатки кај бизнисите низ економијата. Во последните месеци раководството на „Гугл“ станало сè позагрижено за позицијата на компанијата на растечкиот пазар за ВИ кодирање, на кој доминира „Антропик“, велат сегашни и поранешни вработени.
Ниту иднината на „Антропик“ не е без ризици. Компанијата од Пентагон е означена како ризик во синџирот на снабдување — ознака против која моментално се бори на суд — по јавен спор околу тоа како нејзината технологија би можела да ја користи американската војска.
Некои финансиски аналитичари изразија загриженост и за таканаречените кружни договори меѓу големите обезбедувачи на компјутерска моќ и ВИ стартапи како „Антропик“ и „Опен еј-ај“, при кои технолошките гиганти истовремено инвестираат во стартапите и им продаваат чипови или капацитети од дата-центрите.