Акциите на јужнокорејскиот производител на мемориски чипови „СК Хајникс“ (SK Hynix) го избришаа големиот утрински пад и го завршија тргувањето во плус (над два процента) во вторникот на берзата во Сеул, што дополнително ја потврдува изразената волатилност што моментално ја следи една од компаниите што се меѓу најголемите добитници од процутот на вештачката интелигенција (ВИ).
Акциите во еден момент беа во минус дури девет проценти, што значи дека дводневниот пад вкупно изнесуваше повеќе од 20 проценти, по што следуваше силно закрепнување. Референтниот индекс Kospi, исто така, во текот на денот бележеше големи осцилации, а конкурентскиот „Самсунг“ (Samsung Electronics) забележа благ раст.
До пресвртот дојде откако американските депозитарни потврди (ADR) на „СК Хајникс“ претходната ноќ паднаа за 9,3 проценти, бидејќи инвеститорите ги распродаваа акциите на компаниите од секторот за ВИ-хардвер поради стравувањата дека во таа индустрија се создаваат вишок производствени капацитети. Брзото закрепнување на акциите во Сеул покажува колку тие станаа волатилни, а тој тренд би можел да биде уште поизразен по излегувањето на компанијата на американскиот пазар, бидејќи расположението на инвеститорите сега постојано осцилира меѓу азиските и американските берзи.
Прочитај повеќе
Веќе не е прашање колку чипови произведувате, туку кому му ги продавате
Од масовно производство до чипови по нарачка...
пред 20 часа
Пад на акциите на „СК Хајникс“ во Сеул по рекордното деби во САД
Акциите на јужнокорејскиот производител на мемориски чипови „СК Хајникс“ (SK Hynix) забележаа остар пад на берзата во Сеул, само неколку дена по долгоочекуваното деби на компанијата на американскиот пазар.
13.07.2026
Јужнокорејскaта компанија „СК Хајникс“ собра милијарди на Волстрит
Јужнокорејскиот гигант „СК Хајникс“ собра неверојатни 26,5 милијарди долари од инвеститорите, потврдувајќи ја својата клучна улога во трката за чипови за вештачка интелигенција.
10.07.2026
„Самсунг“ и „СК Хајникс“ ќе изградат две фабрики за чипови во вредност од 518 милијарди долари
Со инвестиции во чипови, меморија и ВИ-центри за податоци, Јужна Кореја почнува една од најголемите индустриски офанзиви за зајакнување на технолошкото лидерство.
29.06.2026
Зошто „Спејс екс“, „Самсунг“ и „СК Хајникс“ стануваат меме-акции
Феноменот на меме-акциите се пресели од маргините на берзата кон најголемите технолошки гиганти, каде што традиционалните правила за проценка на вредноста повеќе не важат.
20.06.2026
„Јужна Кореја стана своевиден барометар за секторот на вештачката интелигенција“, вели Јонгмин Шим, аналитичар во компанијата ЦЛСА (CLSA Securities Korea).
„Порано трговците ги следеа индексите Philadelphia Semiconductor или Nasdaq за да проценат што ќе се случи на корејскиот пазар. Сега ситуацијата е обратна. Корејскиот пазар има сè поголемо влијание врз глобалните движења.“
За разлика од досегашната практика на купување по пад на цените, малите инвеститори во Јужна Кореја во вторникот продадоа акции од составот на индексот Kospi во вредност поголема од 2,5 билиони вони (околу 1,7 милијарда долари), додека странските инвеститори беа купувачи.
Волатилноста го зафати целиот Kospi, но особено неговите две највредни компании - „СК Хајникс“ и „Самсунг“ - кои заедно сочинуваат повеќе од половина од тежината на тој индекс. Податоците што ги собра „Блумберг“ покажуваат дека „СК Хајникс“ оваа година во повеќе од 50 трговски денови бележел дневни промени од најмалку пет проценти нагоре или надолу. Дополнителни осцилации се можни и во пресрет на објавувањето на кварталните резултати на 23 јули.
За распродажбата во понеделникот придонесе и анализата на една локална брокерска куќа во која се наведува дека оперативната добивка на компанијата би можела да биде под пазарниот консензус. Податоците на Корејската асоцијација за финансиски инвестиции покажуваат дека стапката на принудна ликвидација на акции купени со краткорочни брокерски кредити минатата седмица надминала 10 проценти, во споредба со просечните 2,1 процент во претходните шест месеци.
Во исто време, бројот на прекини на тргувањето предизвикани од нагли падови на цените достигна рекордни нивоа. За тоа делумно придонесува големата популарност на левериџ берзанските фондови (ЕТФ) поврзани со корејските производители на чипови, како и трансакциите за ребалансирање што тие фондови мора да ги спроведуваат. Аналитичарите веќе извесно време предупредуваат дека излегувањето на „СК Хајникс“ на американскиот пазар, заедно со растот на популарноста на ваквите ЕТФ-ови, би можело да ја пренесе волатилноста и на глобалните пазари.
„Голем дел од малите инвеститори користи финансиски левериџ, па пазарот практично нема никаков структурен амортизер“, изјави Ана Фунг, виш аналитичар во хонгконшката брокерска куќа ФС (Futu Securities).
„Кога акциите на производителите на чипови почнаа да паѓаат, тоа автоматски предизвика низа повици за дополнително обезбедување (англ. margin calls) и принудни ликвидации, претворајќи ја вообичаената пазарна корекција во силна, механичка распродажба“.
Во Јужна Кореја поради тоа се засилуваат расправите за воведување построги ограничувања, па дури и за можно укинување на одделни левериџ ЕТФ-ови. Првиот човек на корејскиот финансиски регулатор во понеделникот ги повика друштвата за управување со фондови да преземат поголема одговорност за производите со кои управуваат.
„Левериџ ЕТФ-овите можат дополнително да ги засилат краткорочните осцилации на цените, иако не влијаат врз фундаменталната вредност на компаниите. Тоа го зголемува ризикот од прекумерни движења и нагоре и надолу, но истовремено може да создаде можности за инвестирање“, изјави Камерон Чуи, стратег за акции во „ЏП Морган“ (JPMorgan Private Bank).
„Гледано во целина, сегашните пазарни вреднувања и понатаму изгледаат многу привлечно во споредба и со другите пазари во развој и со развиените пазари“, додава тој.