Инвеститорите што во петокот се упатија кон историското деби на Nasdaq на компанијата „СК Хајникс“ (SK Hynix), вредно 28 милијарди долари, треба да бидат свесни: деловниот модел од кој во моментов профитираат водечките светски производители на мемориски чипови наскоро ќе се промени во насока што бара значително повеќе стратешко и финансиско коцкање. „СК Хајникс“ засега ги прави сите вистински потези, но не е јасно колку добро водечките играчи во ова поле ќе се справат со ова нарушување.
Главниот поттик, секако, е процутот на вештачката интелигенција (ВИ). Помоќните ВИ-системи ги турнаа мемориските чипови до нивните крајни граници во задачата за пренос на податоци до процесорот (мозокот на компјутерот или серверот) и назад.
Во поголемиот дел од компјутерската историја, пресметките на самиот процесорски чип беа бавниот дел од процесот. Сега работите се променија, бидејќи денешните графички процесорски единици (GPU) произведени од „Енвидија“ (Nvidia Corp.) можат да пресметуваат многу побрзо, додека испораката на податоци напред-назад од меморискиот чип сè уште е бавна во споредба со тоа. Замислете генијален научник што едноставно не може доволно брзо да запишува работи, при што неговата пишувачка блокада всушност е меморискиот чип.
Прочитај повеќе
Пад на акциите на „СК Хајникс“ во Сеул по рекордното деби во САД
Акциите на јужнокорејскиот производител на мемориски чипови „СК Хајникс“ (SK Hynix) забележаа остар пад на берзата во Сеул, само неколку дена по долгоочекуваното деби на компанијата на американскиот пазар.
пред 7 часа
Корeјските акции закрепнаа додека „Самсунг“ и „СК Хајникс“ објавија план за инвестиции
Јужнокорејските акции ги надоместија претходните загуби откако „Самсунг Електроникс Ко.“ („Samsung Electronics Co.“) и „СК Хајникс Инк.“ („SK Hynix Inc.“) ветија масивни инвестиции за време на владина презентација која ја нагласи посветеноста на земјата кон развојот на вештачка интелигенција.
29.06.2026
„Самсунг“ и „СК Хајникс“ ќе изградат две фабрики за чипови во вредност од 518 милијарди долари
Со инвестиции во чипови, меморија и ВИ-центри за податоци, Јужна Кореја почнува една од најголемите индустриски офанзиви за зајакнување на технолошкото лидерство.
29.06.2026
„СК Хајникс“ оди на Волстрит за да обезбеди 29 милијарди долари за ВИ експанзијата
„СК Хајникс“ влегува во трката за рекордно финансирање, со план преку американска котација да обезбеди речиси 30 милијарди долари.
24.06.2026
Зошто „Спејс екс“, „Самсунг“ и „СК Хајникс“ стануваат меме-акции
Феноменот на меме-акциите се пресели од маргините на берзата кон најголемите технолошки гиганти, каде што традиционалните правила за проценка на вредноста повеќе не важат.
20.06.2026
„ВИ-машините копнеат по мемориски пропусен опсег бидејќи овие модели се неверојатно огромни“, ми изјави поранешниот шеф на „Интел“ (Intel Corp.), Пет Гелсингер, во неодамнешно интервју.
Тоа значи дека ВИ-чиповите не го остваруваат својот целосен потенцијал, а тоа истовремено го ограничува и количеството на податоци што дури и најсофистицираните четботови можат да го запомнат. Моделот Фејбл 5 (Fable 5) на „Антропик“ (Anthropic), на пример, во својата работна меморија може да задржи текст со обем од само околу седум романи. Ако побарате од него да обработи повеќе, ќе мора да почне да го отфрла она што дошло претходно.
Креаторите на вештачката интелигенција со години се обидуваат да ги натераат своите модели да паметат многу поголеми количества информации, бидејќи тоа би им овозможило извршување пософистицирани, континуирани задачи во области како што се финансиите или корпоративните административни работи.
Но делумно ги ограничува физиката. Серверите, односно компјутерите во центрите за податоци што ги придвижуваат ВИ-системите, користат технологија наречена меморија со висок пропусен опсег (HBM). Идејата е основните компоненти на меморискиот чип да се редат една врз друга, со што се скратува растојанието што податоците мора да го поминат до процесорот (GPU) и назад.
Сепак, оваа техника има свои недостатоци. „HBM, онаква каква што денес ја познаваме и ја сакаме, е лоша меморија“, вели Гелсингер. Топлината останува заробена во долните слоеви на меморискиот чип, а зголемените температури го принудуваат процесорот да ја намали својата брзина.
Едно од решенијата е трите големи светски производители на мемориски чипови - „СК Хајникс“, „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.) и „Микрон“ (Micron Technology Inc.) - да ја вградат меморијата директно на самиот процесор. Наместо генијалниот научник да мора нешто да запишува, нотесот за пишување ефективно се наоѓа во неговата глава.
Тоа би ги направило ВИ-моделите повеќекратно помоќни, но истовремено значи дека овие три производители на мемориски чипови - чија вкупна пазарна вредност во изминатата година порасна за три билиони долари благодарение на огромната побарувачка - мора да го променат начинот на кој работат. Индустријата што отсекогаш произведувала стандардизирани чипови, кои можела да ги продава како стока за широка потрошувачка (т.н. commodity), сега мора да произведува производи по нарачка.
„Тоа е целосно нов деловен модел за нив“, вели Гелсингер, кој како генерален партнер во фондот за ризичен капитал ПГ (Playground Global) инвестира во стартапи фокусирани на спојување на меморијата и компјутерската моќ во исто парче силициум. Тој очекува уште најмалку две-три добри години за големата тројка пред нарушувањето да почне да зема замав, бидејќи дизајнирањето и масовното производство на нови приспособени чипови ќе траат со години.
Micron Technology / Bloomberg
„Енвидија“ на претстојните промени одговори со склучување договор за лиценцирање вреден 20 милијарди долари со калифорниската компанија „Грок“ (Groq Inc.), која вградува брза меморија директно на процесорот. Тоа претставува своевидна закана за „СК Хајникс“ и неговите конкуренти, кои во меѓувреме ќе мора да влезат во бизнисот на предвидување на идната продажба на „Енвидија“, „Интел“, „Гугл“ и други компании што произведуваат напредни процесори. Тие ќе мора да трошат прецизно одмерени износи на истражување, развој и производство на чипови за да ги задоволат нивните барања.
Со други зборови, повеќе не станува збор за производство на што е можно повеќе исти мемориски чипови, туку за донесување правилни облози за тоа кој победува, а кој губи на пазарот на компјутерски мозоци. Ако изберете правилно, ќе бидете наградени со клиент што можете да го врзете за себе со години; ако изберете погрешно, ќе останете со куп скапи чипови што никој не ги сака.
„СК Хајникс“ одлучи да ги обезбеди своите позиции во 2024 година со партнерство со ТСМЦ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co. / TSMC), која произведува чипови за речиси секоја голема технолошка компанија. Тоа на јужнокорејската компанија за меморија ќе ѝ овозможи продажба на повеќе конкурентски технолошки гиганти наместо да се обложува само на еден.
Засега, компанијата плови на бранот на пазарниот ентузијазам. Процутот на меморијата беше толку силен што ги натера инвеститорите да ги отфрлат акциите на „Енвидија“ во корист на „СК Хајникс“ и неговите конкуренти, додека тргувањето поврзано со ВИ се преместува во други области на изградба на инфраструктурата. (Акциите на „СК Хајникс“ пораснаа за 600 проценти во изминатите 12 месеци.) Тоа е вџашувачки пресврт за пазарот на стандардизирана стока, кој во претходните пет децении изгледаше многу здодевно.
„Меморијата никогаш во историјата не била толку возбудлива“, вели со ентузијазам Гелсингер. Но за компаниите и инвеститорите што вложуваат пари, „возбудливо“ би можело да биде само друг збор за „ризично“.