text size
„Енвидија“ (Nvidia Corp.) е во напредни преговори за купување на стартапот за вештачка интелигенција „Хагинг фејс“ (Hugging Face) во трансакција што би можела да вреди околу 14 милијарди долари, според лица запознаени со ситуацијата.
„Енвидија“ би можела уште оваа недела да постигне договор за купување на „Хагинг фејс“ за 12,9 милијарди долари, изјави едно лице, кое побарало да остане анонимно бидејќи деталите се доверливи. Трансакцијата би можела да вклучува и пакет од една милијарда долари за задржување на вработените во „Хагинг фејс“, посочи лицето.
Конечен договор сè уште не е постигнат, а роковите и деталите и понатаму би можеле да се променат, според упатените. Претставници на „Енвидија“ и на „Хагинг фејс“ одбија да коментираат.
Прочитај повеќе
„Енвидија“ вложува 3,5 милијарди долари во тајвански производител на чипови
„Енвидија“ настојува да убеди што повеќе компании да развиваат чипови што ќе се вклопуваат во нејзиниот доминантен екосистем на центри за податоци.
31.08.2026
Акциите на „Енвидија“ за еден додадоа 442 милијарди долари - втор најголем раст на сите времиња
„Енвидија“ го оствари вториот најголем еднодневен раст во историјата, откако најави дека побарувачката за нејзините чипови за ВИ продолжува силно да расте.
28.08.2026
„Енвидија“ предвидува дека растот на продажбата поттикнат од ВИ ќе продолжи и во 2028 година
Приходите на „Енвидија“ се зголемија повеќе од двојно, на 96,2 милијарди долари, додека добивката достигна 2,22 долари по акција во вториот квартал.
27.08.2026
„Енвидија“ има удел од 21 милијарда долари во „Спејс екс“ и 30 милијарди долари во „Интел“
Ова е првпат „Енвидија“ да ја објави вредноста на својот удел во „Спејс екс“ откако инвестираше во стартапот за вештачка интелигенција на Маск, „Екс еј-ај“, кој на почетокот на годинава беше припоен кон „Спејс екс“ пред излегувањето на компанијата на берза.
15.08.2026
Купувањето на „Хагинг фејс“ би било досега најголемиот потег на извршниот директор Џенсен Хуанг во настојувањето да ја прошири примената на вештачката интелигенција (ВИ) и да го зголеми бројот на своите клиенти. Со тој договор „Енвидија“ би добила контрола врз една од клучните платформи на кои програмерите ги претставуваат и споделуваат ВИ-моделите.
Хуанг е посветен на поттикнување на развојот на таканаречените модели со отворен код, за да спречи со ВИ да завладеат неколку големи компании - токму оние што моментално му носат најголем дел од приходите, но истовремено забрзано развиваат и сопствени чипови.
„Енвидија“ веќе е инвеститор во „Хагинг фејс“, заедно со компаниите „Гугл“ (која работи во рамките на „Алфабет“), „Амазон“, „Интел“ и „Сејлсфорс“, меѓу другите.
Bloomberg
„Хагинг фејс“, основан во 2016 година, управува со платформа за споделување ВИ-модели што други можат слободно да ги користат. Вредноста на стартапот беше проценета на 4,5 милијарди долари во инвестициска рунда пред три години. За преговорите меѓу „Енвидија“ и компанијата претходно извести „Бизнис инсајдер“.
„Хагинг фејс“ развива софтвер за ВИ и им овозможува на други компании да го користат преку својата платформа, а беше во центарот на инцидент во областа на сајбер-безбедноста кога модел што го тестираше „Опен еј-ај“ (OpenAI) ненамерно изврши хакерски напад врз платформата. Инцидентот предизвика загриженост во врска со безбедноста на напредната ВИ-технологија.
„Опен еј-ај“ соопшти дека можел порано да реагира за да го спречи нападот врз системите на „Хагинг фејс“.
„Енвидија“ во текот на претходната година склучи неколку договори, вклучувајќи го и договорот за лиценца вреден шест милијарди долари со стартапот „Пулсајд“ (Poolside) во август, кој вклучуваше и понуди за работа за голем број вработени во таа компанија. „Енвидија“ исто така плати околу 20 милијарди долари за мнозински удел во компанијата „Грок“ (Groq), која развива чипови.
„Енвидија“, највредната компанија во светот, е водечки производител на акцелератори за ВИ, чипови што помагаат во обучувањето и работата на моделите. Компанијата постепено додаваше различни други технологии, вклучувајќи и софтвер, со цел да ја прошири економијата заснована на ВИ.
Компанијата со седиште во Санта Клара, Калифорнија, минатата недела објави изненадувачки силна прогноза за продажбата за фискалната 2028 година, наведувајќи дека приходите ќе пораснат за околу 70 отсто.