text size
Управниот одбор на компанијата „Енвидија“ (Nvidia) веќе се соочуваше со критики дека нема доволно авторитет и углед за да врши надзор над технолошкиот гигант кој го предводи развојот на чипови за вештачка интелигенција. Таквите критики беа изнесени и пред претседателот Доналд Трамп да одлучи да се вмеша во работата на одборот.
„Управниот одбор одлучи да го направи она што го сакавме“, изјави Трамп во понеделникот за „Си-ен-би-си“ (CNBC), откако „Енвидија“ објави дека го вратила Џенсен Хуанг на функцијата главен извршен директор, само 11 дена откако тој поднесе оставка по откритијата дека имал афера со жена за која постои сомневање дека е кинески шпион, како и со вработена која му била директно подредена. „Разговарав директно и индиректно со членовите на одборот и имав многу цврст став во врска со тоа.“
Според пишувањето на „Семафор“ (Semafor), повикувајќи се на неименувани извори запознаени со случајот, Трамп дури се вклучил и на една од седниците на управниот одбор на „Енвидија“ за да се заложи за враќањето на Хуанг. На прашањето дали Хуанг ќе беше вратен на функцијата и без негова интервенција, Трамп за „Си-ен-би-си“ одговори: „Верувам дека мојата интервенција беше многу важна.“
Прочитај повеќе
Зошто Џенсен Хуанг и „Енвидија“ се толку важни за берзите?
Зошто и како судбината на еден директор може да влијае врз целиот финансиски пазар?
пред 2 часа
Враќањето на Хуанг направи бум во тргувањето со акции поврзани со ВИ - преглед на пазарите
Враќањето на Џенсен Хуанг во „Енвидија“ поттикна бум на акциите поврзани со ВИ. Акциите на производителите на чипови во Тајван и Јужна Кореја нагло пораснаа.
пред 5 часа
Трамп притискал Хуанг да се врати во „Енвидија“, топ менаџментот не е консултиран
Планот за враќање на Хуанг – објавен непосредно пред отворањето на берзите во Њујорк во понеделникот – бил договорен за само неколку часа денот претходно.
пред 16 часа
Џенсен Хуанг се враќа на чело на „Енвидија“, пазарите збеснаа
Одборот на директори на компанијата „Енвидија“ повторно го назначи Џенсен Хуанг за претседател и главен извршен директор.
пред 20 часа
Клучната улога на претседателот во едно од најдраматичните враќања на чело на компанија во историјата покажува како Трамп, за време на вториот мандат, сè почесто ги заобиколува воспоставените правила што традиционално ги уредуваа односите меѓу Белата куќа и водечките луѓе на американската деловна заедница. Овој случај, исто така, покажува дека членовите на управниот одбор на една од највредните светски компании не успеаја да претставуваат позначајна противтежа на Хуанг и неговите моќни поддржувачи, што би можело да ги доведе во прашање и пошироките стандарди на корпоративно управување.
Bloomberg
Интервенциите на Трамп можат да влијаат врз работењето на компаниите подеднакво силно како и кој било економски фактор. Тоа го покажува неговата подготвеност со изјави да влијае врз движењата на пазарите, но и да бара државата да презема сопственички удели во јавните компании. Во последните месеци, тој посветува особено внимание на индустријата за вештачка интелигенција, која има огромно значење за националната безбедност и геополитиката.
„Ова целосно се вклопува во склоноста на администрацијата на Трамп директно да се меша во одлуките за управување со компаниите“, изјави Ен Липтон, професорка по право на Универзитетот во Колорадо во Болдер. „Нема сомнеж дека станува збор за истиот образец на дејствување.“
Овој образец на дејствување, кој професорот по право на Универзитетот Колумбија, Џефри Гордон, го нарекува „претседателско управување“, особено доаѓа до израз кога моќните директори ќе успеат да воспостават блиски односи со Трамп, како што му успеа на Хуанг, и на тој начин да се заштитат од надзорот на управниот одбор.
Хуанг (63) јавно побара од управниот одбор да го врати на функцијата, а неговото барање го поддржаа одредени вработени и истакнати личности од Силициумската долина. Управниот одбор, сепак, првично го одби неговиот предлог. Трамп набргу почна да ги фали способностите на генералниот директор, оценувајќи дека Хуанг веќе ја научил лекцијата. За време на викендот, претседателот уште погласно ја изрази својата поддршка, изјавувајќи дека се надева оти управниот одбор на „Енвидија“ повторно ќе го именува Хуанг.
Трамп во понеделникот на својата социјална мрежа го поздрави неговото враќање, порачувајќи дека управниот одбор донел „исправна и оправдана одлука“.
„Се чини дека имаме управен одбор со кој не управуваат неговите членови, туку Белата куќа“, изјави Џон Кофи, професор на Правниот факултет на Универзитетот Колумбија, специјализиран за прашања од областа на корпоративното управување.
Трамп веројатно ќе ги засили напорите за воспоставување блиски односи со деловните лидери, сега кога демократите ја презедоа контролата врз Конгресот, вели Теви Трој, историчар кој ги проучува претседателските функции. „Градењето односи со генералните директори и постигнувањето договори со нив е нешто што претседателот може да го прави самостојно, без потреба од одобрение од Конгресот“, нагласи тој.
Управниот одбор на „Енвидија“ во понеделникот соопшти дека одлучил да го врати Хуанг на функцијата откако „добил мислења и насоки од највисоките нивоа на американската влада“. Изненадувачката одлука за неговото повторно именување била донесена без консултации со највисоките раководители на компанијата, кои за планот биле известени во последен момент, изјавија извори запознаени со настаните.
Управниот одбор додаде дека враќањето на Хуанг „не претставува безбедносен ризик“. Таквата оценка, сепак, отвора прашања за тоа дали истрагата за можна кампања на кинеската разузнавачка служба насочена против Хуанг ќе биде доволно темелна.
„Ова не изгледа како темелен обид етичките прашања да се сфатат сериозно“, изјави Алисон Тејлор, професорка по деловна етика на Универзитетот во Њујорк.
Ако истрагата за шпионажа открие докази што би покажале дека Хуанг е вмешан, не е јасно дали управниот одбор повторно би го разрешил, изјави Р. Џ. Банистер, оперативен директор на компанијата ФА (Farient Advisors), која соработува со компании на програми за наградување и планирање на наследување на раководните функции. „Или неговото враќање значи дека расправата за тоа е завршена?“
Управниот одбор соопшти дека има „целосна доверба во Џенсен“, но не објасни како сега е уверен во неговиот кредибилитет, имајќи предвид дека претходно не бил отворен во однос на своите љубовни врски, вели Лусијан Бебчук, директор на Програмата за корпоративно управување на Правниот факултет на Универзитетот Харвард.
„Очигледно е дека управниот одбор се најде под голем притисок да го врати Џенсен Хуанг на функцијата. Тој притисок произлезе од наглиот пад на цената на акциите и поддршката што Хуанг ја доби од претседателот“, изјави Бебчук.
Трамп беше еден од бројните деловни и политички лидери кои сметаа дека Хуанг, кој ја трансформира „Енвидија“ од производител на графички картички во компанија вредна повеќе од пет билиони долари, е незаменлив. Хуанг воедно беше еден од најгласните поборници за развојот на вештачката интелигенција. Тој патуваше низ светот за да го промовира она што го нарекуваше нова индустриска револуција.
Сепак, секторот за вештачка интелигенција во последно време е под притисок поради големите инвестиции во инфраструктурата, како и стравувањата дека убедливата победа на демократите на изборите за Конгресот во САД би можела да ја забави изградбата на податочни центри.
Веста за враќањето на Хуанг предизвика историски раст на акциите на „Енвидија“. Нивната цена порасна и до 37 проценти, што е најголем дневен скок од декември 2000 година. Тоа придонесе за закрепнување на американскиот берзански пазар по падот од минатата недела. Пред овој пресврт во понеделникот, акциите на „Енвидија“ изгубија речиси половина од својата вредност во однос на рекордот забележан на почетокот на октомври.
Шели Палмер, консултант за вештачка интелигенција, меѓу чии клиенти е „Гугл“, компанија во состав на „Алфабет“, изјави дека администрацијата на Трамп сега, по интервенцијата, би можела да посака да има и некаква советодавна улога во „Енвидија“.
Таквиот договор не би бил без преседан. Според медиумските извештаи, кога јапонската компанија НС (Nippon Steel( минатата година ја презела компанијата „УС Стил“ (U. S. Steel), договорот вклучувал одредба со која на Трамп му се дава право на вето врз важни стратешки одлуки. Федералната влада, исто така, е голем акционер во „Интел“, а Белата куќа претходно го претстави тој аранжман како можен модел за договори со други компании.
На крајот на минатата година, по лобирањето на Хуанг, Трамп одлучи да ги ублажи ограничувањата за извоз на чипови и да ѝ дозволи на „Енвидија“ да го продава својот процесор H200 во Кина, иако тој модел сега веќе заостанува неколку генерации зад најновите чипови на компанијата.
Управниот одбор на „Енвидија“ во иднина ќе мора внимателно да постапува, изјави извор запознаен со раководството на компанијата, наведувајќи дека членовите на одборот би можеле да се најдат во незавидна положба доколку Хуанг одлучи да им возврати.
Таквиот однос на силите би можел да ја отежне подготовката на планот за избор на наследник на Хуанг, како и решавањето на пошироките проблеми во корпоративното управување, изјави изворот. Според неговата оценка, управниот одбор излегол значително ослабен од оваа епизода. Хуанг сè уште не го вратил целосно својот авторитет, но би можел да го стори тоа по завршувањето на истрагите, со што членовите на одборот би го изгубиле и преостанатото влијание.
Засега, управниот одбор презема одредени чекори за да го унапреди надзорот над работењето на компанијата. Компанијата во понеделникот соопшти дека ќе ангажира нов директор за усогласеност на работењето со прописите, додека одборот неодамна формирал и комитет задолжен за прашањата поврзани со националната безбедност и контролата на извозот.
Експертите, сепак, сметаат дека тоа не е доволно. Управниот одбор веќе не исполни една од своите основни одговорности - да пронајде наследник на Хуанг. Сега одеднаш одлучи дека наследникот може да биде само Хуанг.
„Ова е ужасен ден за корпоративното управување во САД. Членовите на управниот одбор треба да поднесат оставки од морални причини и поради интегритетот“, изјави Гордон.
Кофи од Правниот факултет на Универзитетот Колумбија вели дека на управниот одбор му е потребен „некој за кого не може да се каже дека е послушник, или кој барем сè уште не покажал дека е послушник“.
Bloomberg