Главните доставувачи на „Епл“ (Apple Inc.) од Тајван повторно забележаа двоцифрен пад на продажбата во август бидејќи слабата побарувачка на потрошувачите ја влече надолу пошироката електронска индустрија.
Вкупниот приход меѓу главните монтажери и производители на островот падна за 12,3 отсто во однос на истиот период минатата година, достигнувајќи 951,41 милијарда тајвански долари (29,6 милијарди американски долари), според податоците собрани од „Блумберг“. Тоа го продлабочи падот од девет проценти во однос на јули, што доведе до вкупен пад од 7,5 проценти оваа година, како одраз на продолжениот пад на продажбата на паметни телефони, лаптопи и други лични електронски уреди што продолжи од минатата година.
Напливот на побарувачка за хардвер за вештачка интелигенција го зголеми профитот на компаниите како што е „Куанта“ (Quanta Computer Inc.), која склопува сервери за центрите за податоци и забележа раст на цените на акциите на рекордно ниво ова лето. Како главен партнер на „Енвидјиа“ (Nvidia Corp.), „Куанта“ се смета за победник во продажбата на забрзувачи со вештачка интелигенција на американскиот производител на чипови, иако на тие растечки нарачки може да им треба одредено време за да се преточат во продажба. Се очекува продажбата на сервери за вештачка интелигенција да се удвои следната година.
„Тајван семикондуктор“ (Taiwan Semiconductor Co), најголемиот светски производител на чипови со договор, е ексклузивен снабдувач на чипови со вештачка интелигенција на „„Енвидјиа“ и приспособени силиконски процесори на „Епл“ (Apple) за „ајфон“ (iPhone), „ајпад“ (iPad) и за компјутерите „мек“ (Mac). Нејзините перформанси обично се следат како показател за побарувачката, иако компанијата рече дека се соочува со тесно грло во обезбедувањето чипови на „Енвидјиа“, кои бараат најнапредни техники за пакување.
Првите индикации околу пристигнувањето на најновата генерација телефони „ајфон“ покажуваат дека уредот сè уште е популарен, како и секогаш, што би можело да помогне да се оживее продажбата на компанијата со седиште во Купертино, Калифорнија, кон крајот на годината.