„Оилко“ КДА Скопје вчера преку Македонската берза соопшти дека има намера да дадe понуда за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од „Макпетрол“ АД Скопје, со што се официјализира постапката за преземање на најголемата компанија на пазарот на нафтени деривати во Македонија. „Оилко“ се обврзува да ги откупи сите обични акции со право на глас по цена од 67.001 денар за една акција. За таа постапка согласност треба да дадат акционерите на „Оилко“ на собранието закажано за 20 јануари следната година, на кое исто така ќе се решава и за предлогот за задолжување на компанијата кај две големи банки за да се обезбедат пари за финансирање на преземањето.
„Оилко“ ќе позајми 79 милиони евра
Имено, во предлог-одлуките за собранието на акционери на „Оилко“ се предвидува компанијата да се задолжи во „Комерцијална банка“ АД Скопје до максимален износ од 3.259.532.386 денари (53 милиони евра), за да обезбеди банкарска гаранција во корист на Централниот депозитар за хартии од вредност, а за навремено намирување на паричните обврски спрема сопствениците на обични акции со право на глас од „Макпетрол“, кои ќе ја прифатат понудата за преземање.
Прочитај повеќе
„ОИЛКО“ сака да го преземе „Макпетрол“
Собранието на акционери на ОИЛКО на седница зажана за 20 јанури ќе решава за предлог одлуката за преземање на „Макпетрол“
21.12.2023
Андреја Јосифовски повторно ја зголеми сопственоста во „Макпетрол“
Јосифовски фигурира како еден од поголемите акционери во „Оилко“ каде што поседува 14,98 проценти од акциите
31.08.2023
Андреја Јосифовски ја зголеми сопственоста во „Макпетрол“
Најголеми акционери во компанијата и понатаму се „Оилко“ и „Макпетрол“
20.07.2023
Промени во Управниот одбор на „Макпетрол“
За членови на Управниот одбор се именувани: Андреја Јосифовски, Марија Јосифовска Спасовска, Сашко Павловски, Михајло Борозанов и Сашо Бошковски
20.06.2023
Промени во Надзорниот одбор на „Макпетрол“
За членови на Надзорниот одбор се избрани: Александар Спасовски, Филип Чадиковски, Саша Лекиќ и Марина Веселинска
31.05.2023
Исто така се предвидува „Оилко“ за истата цел да се задолжи кај „Халк банка“ АД Скопје до максимален износ од 1.612.713.333,00 денари (26,2 милиони евра).
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека „,Макпетрол“ АД Скопје има издадено 112.382 обични акции со право на глас, од кои 11.238 се сопствени акции без право на глас, а 28.500 обични акции со право на глас се во сопственост на „Оилко„ КДА Скопје и физичките лица што дејствуваат заеднички со него.
Во понудата за преземање се утврдува праг на успешност од 50.000 обични акции со право на глас, што претставува 44,49 проценти од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од „Макпетрол“. Рокот за прифаќање на понудата треба да биде утврден на 28 дена, од денот на објавувањето на понудата за преземање, во согласност со можноста предвидена во Законот за преземање на акционерските друштва.
Инаку, меѓу акционерите што поседуваат над пет проценти во „Оилко“ е Андреја Јосифовски, прв човек на „Макпетрол“. Тој поседува 14,98 проценти од акциите во „Оилко“, каде што поголеми акционери се „Макпетрол“ (35,61 процент од акциите) и „Оилко“, која поседува 5,99 проценти од обичните акции.
Од друга страна, „Макпетрол“ поседува десет проценти од вкупниот број сопствени акции и, освен „Оилко,“ нема друг поголем акционер што има над пет проценти од акциите.
Колку вреди „Макпетрол“?
„Макпетрол“ е лидер во малопродажбата на нафтени деривати во Македонија меѓу трговците на големо и компанија што има најголема мрежа на бензински станици. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, заклучно со 2022 година во Македонија работеле 376 бензински пумпни станици, а најголем дел од нив (126) бил во сопственост на „Макпетрол“.
Оваа компанија е доминантен играч во продажбата на нафтени деривати преку бензински станици, со 45,02 проценти удел на пазарот, а по неа следуваат „Лукоил“ со 14,93 проценти, „Супертрејд“ со 10,61 проценти, „Дади оил“ со 11,31 проценти и уште неколку други компании што имаат под десет проценти учество на пазарот.
Како што може да се види на графиконот погоре, компанијата бележи раст на приходите во периодот 2020-2022 година и мал пад на добивката по оданочување во минатата година споредено со претходната година. Исто така може да се забележи пад на пазарната капитализација во минатата година и пад на нето-добивката по акција. Во изминативе три години „Макпетрол“ има континуиран пораст на дивидендата по акција, и тоа од 2.000 денари во 2020 на 3.300 денари во 2022 година.