„Македонијатурист“ АД Скопје преку Македонската берза информираше дека е засновано заложно право – хипотека на недвижниот имот во сопственост нa компанијата кој се наоѓа во општина Карпош (хотел Карпош) заради обезбедување на кредитна рамка во износ од 5.000.000 евра. Износот преставува 8,33 проценти од капиталот на друштвото. Со оглед на тоа што компанијата во изминатиов период доживеа значителни промени во сопственичката структура, подолг период е во одлична финансиска кондиција, а располага со објекти кои подолг период не работат, се наметнува прашањето дали заемот ќе биде искористен за оживување на хотелите кои некогаш беа белег на главниот град.
Кои се новите сопственици?
„Блумберг Адрија“ во повеќе наврати пишуваше за промените во сопственичката структура на „Македонијатурист“ која започна во 2024 година откако еден од најголемите акционери и долгогодишен менаџер на компанијата Доне Таневски заедно со поврзаните лица решија да ги продадат акциите. Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност заклучно со 16 февруари годинава најголеми акционери во компанијата се „Скопски пазар“ со 19,9 проценти од вкупниот број акции, „МГФ Инвестмент“(15,53 проценти), „Промедика“(11,91 проценти), Јусуф Камбер (10,76 проценти), „Македонијатурист“ (10 проценти) и „Современ дом“ (5,09 проценти).
Прочитај повеќе
Кој е „тајниот“ адут на „Македонијатурист“?
„Македонијатурист“ останува единствена комбинација од стабилен хотелски бизнис и исклучително силен биланс на состојба чија ликвидност го надминува секторот и овозможува флексибилност.
17.02.2026
Јусуф Камбер купи 10,76 проценти од акциите во „Македонијатурист“
Акционерите Симеон Павлов и „Чезакомерц“ ги продадоа акциите од „Македонијатурист“.
07.10.2025
Продадени четири блока акции од „Македонијатурист“ за 16,5 милиони евра
Блоковите се истргуваа по цена од 13.142 денари по акција.
03.10.2025
Промената во сопственоста доведе и до промена на менаџерската структура, а членови на Управниот добор станаа Маја Николовска, Ацо Дудулоски (претседател) и Леонид Антиќ. Иако не е дел од менаџерската структура еден од главните актери во промената во „Македонијатурист“ посредно преку „Скопски пазар“ е бизнисменот Фатмир Етеми, кој заедно со Антиќ важат за големи градежни инвеститори во Македонија.
Што покажа анализата на „Блумберг Адрија“?
Силвана Милиќ, аналитичарка за корпоративни финансии во „Блумберг Адрија“ во анализа на „Македонитурист“ посочи дека станува збор за компанија што многу успешно го управува бизнисот и постигнува ветувачки профитни маржи.
„Цената на берзата го одразува тоа, односно растот на цените во последните три години се чини дека ги следи сите подобри деловни индикатори. Посилната волатилност што ја одбележа 2025 година е повеќе одраз на забавувањето на пазарот на капитал во Северна Македонија отколку на влошувањето на деловните индикатори на „Македонијатурист“ а.д.“, напиша Милиќ.
Таа укажа дека портфолиото на „Македонијатурист“ се состои од девет работни единици, од кои се чини дека оваа година во Скопје се достапни седум хотели, а за хотелот „Сарај“ нема информации. Според достапните податоци, најголем хотел е „Холидеј ин Скопје“ со 178 соби, по што следува хотелот „Карпош“ со 84 соби. Освен споменатиот хотел, за кој информации не се достапни на страницата на „Македонијатурист“, во 2024 година не работеле ниту „Водно“, „Јадран“ и „Бристол“.
„Сепак, предноста на ‚Македонијатурист‘ не е во успешниот туристички бизнис, туку во финансиските средства. Според последниот расположлив биланс, оној од 30.6.2025 година, акциите во инвестициските фондови сочинувале речиси една третина од средствата, додека речиси немало долг, односно капиталот сочинувал 98 проценти од билансот на состојба. Уште поинтересно е што немаше исплата на дивиденда во 2025 година, врз основа на остварената добивка во 2024 година“, наведе Милиќ.
Таа посочи дека станува збор за силна финансиска позиција, која инвестира многу бавно во реновирањето на хотелите и не им исплаќа на акционерите бидејќи се чини дека акционерите на тој начин имаат подобар принос.
„За 2024 година, со оглед на цените и дивидендата, би можеле да се согласиме со таков заклучок, но 2025 година сѐ уште треба да го оправда таквиот став“, напиша Милиќ.
Таа меѓудругото наведе дека „Македонијатурист“ останува единствена комбинација од стабилен хотелски бизнис и исклучително силен биланс на состојба чија ликвидност го надминува секторот и овозможува флексибилност.
„Сепак, бавната динамика на инвестициите во хотелите, високиот удел на финансиските приходи во вкупната добивка и отсуството на дивиденди во 2025 година отвораат важни прашања за долгорочната стратегија на компанијата и реалната одржливост на моменталното вреднување“, напиша Милиќ.
Целата анализа прочитајте ја ТУКА
Нашата аналитичарка заклучи дека иако оперативните резултати, маржите и пазарната позиција во Скопје го потврдуваат квалитетот на основната дејност, се чини дека најголемата вредност на „Македонијатурист“ сè уште е во нејзиниот биланс на состојба.
„Начинот на управување со таа вредност, преку идни инвестиции, плаќања кон акционерите или потенцијални корпоративни трансакции - ќе ги одреди насоката и привлечноста на акциите во наредниот период“, наведе Милиќ.