Кога во секојдневието се зборува за економија и бизнис, вообичаениот наратив најчесто се врти околу раст, инфлација, подем на трговијата и добри профити или околу повремени падови и рецесии, нивните причини, намалена трговија и загуби. Тоа е природна последица на гледањето на економијата како феномен што осцилира меѓу добри и лоши времиња, подеми и падови.
Кога има многу работа, кога економијата е во подем, луѓето лесно се вработуваат, работодавците нудат добри плати за да ги привлечат, а тие вработени прават производи и обезбедуваат услуги што се продаваат на пазарот и им се нудат на потрошувачите - истите работници што на овој начин ја трошат својата заработка. Ова е донекаде очекувано: за да се постигне економски раст, повеќе луѓе мора да работат понапорно. За да го направат тоа, треба да им се плати повеќе. А ако им се плати повеќе, тогаш финалниот производ што го произведуваат мора да се продава поскапо. Цените растат и се јавува инфлација.
Идилата е прекината со повремени рецесии, кои ја извртуваат приказната: помалку се троши, помалку се заработува, помалку се работи, производството се намалува, а министрите, премиерите и гувернерите со кисела насмевка ветуваат подобри денови и се колнат дека не се виновни за ситуацијата. Цените паѓаат или стагнираат.
Прочитај повеќе
Џејми Дајмон ги критикува централните банки поради погрешните прогнози
Главниот извршен директор на „ЏП Морган“ ја спореди денешната ситуација со онаа на глобалната економија во 1970-тите.
25.10.2023
Какви одлуки за каматните стапки ќе носат централните банки во светот?
Одлуките на Фед и ЕЦБ се очекува да бидат наговестени на годишниот симпозиум на Банката на федерални резерви на Канзас Сити
20.08.2023
„Голдман сакс“: Можна е мини стагфлација наместо рецесија во САД
САД може да избегне рецесија, но сепак се соочува со можност за „мини стагфлација“, велат од „Голдман сакс“
08.06.2023
Што би значела нова Студена војна за централните банки?
Битката против растот на цените е долга малку повеќе од година, а централните банки треба да се подготват за следниот голем предизвик.
25.04.2023
Се покажа дека во економијата, како и во природата, можни се и дожд и сонце во исто време. И додека во природата тоа резултира со прекрасен краткорочен спектар на бои на небото, на кој сите му се восхитуваат, во економијата резултира со долгорочен период без економски раст, со растечки цени што ги тераат сите да паничат, стравуваат и да ги „кубат косите“. Тој феномен е познат како стагфлација.
Што е стагфлација?
Стагфлацијата е состојба на економијата во која економскиот раст е бавен или непостоен, но е придружен со висока невработеност и инфлација. Самиот термин е создаден со комбинирање на зборовите стагнација и инфлација. Феноменот беше именуван дури во средината на шеесеттите години на минатиот век, бидејќи економистите долго време не веруваа дека е реално можен.
Како доаѓа до стагфлација?
Постојат неколку теории. Некои економисти тврдат дека тоа се случува кога цените на енергијата или храната нагло растат. Други тврдат дека таа е предизвикана од брзиот и силен раст на паричната маса. Трети, пак, ги обвинуваат високите даноци, прекумерната регулатива и државата маќеа што им овозможува на луѓето да преживеат без работа.
Како што е вообичаено во економијата, ако прашате четворица економисти, ќе добиете шест мислења. Сепак, изненадувачки, сите тие се согласуваат дека постои стагфлација.
Зошто стагфлацијата е лоша појава?
Се враќаме на фактот дека долго време економистите не верувале дека таа воопшто е можна. Како што објаснивме на почетокот, експанзијата и контракцијата на економијата во голема мера доаѓаат во согласност со очигледните движења што ги придружуваат. Економскиот раст е придружен со раст на БДП, цените и вработеноста. Падот е спротивност на тоа.
Стагфлацијата, од друга страна, се карактеризира со контрадикторни показатели. Зголемување на цените и намалување на вработеноста. На креаторите на економските политики оваа нерамнотежа им создава голем проблем, бидејќи ако се обидат да ја средат работата со класичен пристап од една страна, тогаш ќе ја влошат од друга.
Дали се очекува стагфлација?
Не, но никогаш не вели никогаш. Подеталното објаснување му го препуштаме на Иван Одрчиќ, шеф за макроекономија и анализа на пазарот на капитал во „Блумберг Адрија“.
„Иако многумина ги спомнуваат духовите на стагфлацијата од 70-тите години на минатиот век, моментално економските трендови во развиениот свет не можат да се класифицираат како доба на нова стагфлација. Иако самиот термин нема единствено значење, тој грубо може да се дефинира како (децениски) период на низок/стагнирачки економски раст со истовремено зголемени инфлациски притисоци. Сегашната ситуација (сè уште) не укажува на сличности со седумдесеттите години на 20 век (растот е задржан, а инфлацијата е во тренд на слабеење), освен во една област - енергентите. Денес, исто како и тогаш, живееме во период на среднорочно - долгорочни зголемени трошоци за енергија, делумно поради неодамна променетите геополитички односи, делумно поради зелената агенда на развиениот свет, преку која трошоците за енергија се зголемуваат побрзо од вообичаеното, со цел да се декарбонизираат развиените економии што е можно поскоро и со тоа да се намали нивното (негативно) влијание врз животната средина“.
„Кога зборуваме за стагфлацијата во 1970-тите, тогаш главниот фокус беше цената на суровата нафта (поради нејзиното разорно влијание, преку кое ги турна повеќето западни земји во рецесија), денес таа суровина не е толку важна бидејќи механизмите за амортизација се многу посилни, а исто така помага и тоа што голем дел најсилни западни економии значително го зголемија производството на нафта, пред сè од шкрилци. Тогашната одлука на ОПЕК да ги исклучи западните компании од регулацијата на цената на нафтата резултира со фактот дека во многу краток период цената на горивото за потрошувачите, првенствено во западниот свет, порасна неколкупати. Тоа доведе до нагло опаѓање на личната потрошувачка, невработеност, галопирачка инфлација и општа нестабилност на сите пазари. Овие проблеми, особено во САД, беа стабилизирани само со масовната дерегулација воведена од Роналд Реган во 1980-тите“.
„Може да се каже дека денес фокус кај енергентите стана природниот гас, но имајќи предвид дека ситуацијата со цената и недостигот (од гас) поради конфликтот во Европа е решена речиси во рекордно време (гледајќи од поширок историски контекст), не можеме целосно да направиме паралела со 1970-тите, исто како и со нафтата. Позитивната страна, во овие енергетски оптоварени времиња, е тоа што регионот или попрецизно Хрватска се позиционираше совршено, со изградбата на терминал за течен природен гас (ЛНГ) и понатамошна дистрибуција на овој енергетски извор на иднината во соседството. Фактот дека на европскиот континент еден од најважните инпути за реалниот раст на економиите ќе стане енергијата ѝ дава на Хрватска уникатна можност да се наметне како клучен геостратегиски играч во централноевропскиот и југоисточниот регион и со тоа да собере значителна дивиденда во времето што следува. Само врз основа на таквата позиција (заедно со неизбежниот прилив на средства од европските фондови), можеме да кажеме дека стагфлациско опкружување не е реално во следната деценија“.
Ете. Нема потреба да се грижите, но ѓаволот ни ора, ни копа...
Кои земји имале стагфлација?
Одрчиќ го спомна најпознатиот пример на САД во седумдесеттите и почетокот на осумдесеттите години на минатиот век. Некои економисти се осврнуваат и на јапонските „изгубени децении“. Тоа првенствено се однесува на деведесеттите години на минатиот век, но понекогаш се вклучуваат и две децении потоа.
Од 1991 до 2003 година, Јапонија забележа просечен раст од околу 1,1 отсто, што е далеку под просекот на индустријализираните земји. Во периодот од 1995 до 2007 година, БДП номинално се намали од 5,55 на 4,58 билиони долари, реалните приходи паднаа за пет проценти, а цените стагнираа. Како што споменавме, стагфлацијата не е еднозначна, туку се карактеризира со невообичаени промени во главните економски агрегати.
Зошто политичарите тешко се справуваат со стагфлацијата?
Во моментов не постои ефикасен метод за борба против стагфлацијата, кога таа ќе се појави. Меѓу економистите постои консензус дека продуктивноста треба да се зголеми за да се постигне посилен економски раст, но без создавање дополнителна инфлација. Тогаш монетарната политика би можела да влијае на инфлацијата.
Поедноставно, првиот чекор треба да биде да се натераат работниците да произведуваат повеќе, но тие не треба да се охрабруваат да го прават тоа со повисоки плати. Но, логично, тоа не е многу лесно, па засега економистите и политичарите се фокусираат да направат сè што можат за да се спречи стагфлацијата.
Како да се подготвите за стагфлација?
Не постои единствен рецепт. Проблемот со стагфлацијата е што таа не е веднаш видлива, ниту има јасни индикации дека ќе дојде, но е долготрајна. Долгорочното финансиско планирање е еден од начините за заштита од стагфлација, но долгорочното финансиско планирање е и здрав начин за управување со парите во животот воопшто.
Од друга страна, ретки се оние што го практикуваат.
Но, добрата страна е што ако користите основна логика и не живеете над вашите можности, стагфлацијата обично нема значително влијание врз вашиот секојдневен живот.
Колку долго трае стагфлацијата?
Долго. Претходните примери беа од по една деценија или повеќе. Затоа е проблематична. Растот и рецесиите доаѓаат и си одат. Стагфлацијата останува.
Што е со парите за време на стагфлација?
Се препорачува да не паничите и да не го продавате сопственото портфолио и да инвестирате во злато, уметност или некој друг необичен вид на имот. Стагфлацијата не е доволно добра причина целосно да се напуштат здравите инвестициски стратегии и планирања. Но, ако нечие портфолио е „поагресивно“ или не е диверзифицирано, добар потег би бил да се намали ризикот.
Стагфлацијата исто така може да биде добра причина за одложување големи набавки. Особено ако цените растат на локалниот пазар. Сепак, со нормалното редовно консумирање може да се продолжи со мирна совест, како и со вообичаените навики за штедење и/или вложување.
Можете ли да заработите пари во стагфлација?
Може, но само ако имате среќа. Изборот на инвестициска стратегија што би донела нешто посигурна заработка е исклучително тежок. Некои студии покажуваат дека историски т.н. дефанзивни средства, како златото, покажуваат подобри резултати од другите традиционални класи на инвестиции. Акциите се најлошиот избор, а обврзниците така-така.
Некои би препорачале и инвестициски стратегии во кои заработувате пари од падот на вредноста на акциите, што можеби е логично, но, повторно, не постои сектор што би можел да биде помалку ризична инвестиција од другите во оваа смисла. Поконкретно, можеби е можно да се заработат пари користејќи ги овие стратегии, но шансите се речиси исти како во периодите на експанзија.
Во што да се инвестира за време на стагфлација?
На ова нема прецизен одговор. На стагфлацијата ѝ недостига јасната насока што ја имаат економиите во експанзија или рецесија. Така, ризикот е поголем бидејќи стагфлацијата може да се карактеризира и со неодржливи зголемувања на цените на одредени видови средства, како нафта или недвижен имот.
Некои препорачуваат одложување на купувањето недвижен имот поради страв од можен неодржлив раст на цените, други сметаат дека поради ниската корелација на цените на недвижностите со цените на акциите, недвижниот имот сепак може да биде доволно добра инвестиција.
Златото се споменува како избор што нема да донесе профит, но може да послужи за зачувување на вредноста на парите.
Кои акции да се купат во услови на стагфлација?
Единственото нешто што би можело да има одреден успех е позајмување акции и нивна продажба, а потоа последователно купување по падот на цената (т.н. кратка продажба, анг. short-selling). Но ова е секогаш ризична стратегија и не се препорачува за никого освен за оние што лесно можат да се справат со губење на вложениот износ.
Добар избор може да бидат потценетите акции, оние чија цена е неразумно ниска за време на стагфлацијата и кои би можеле брзо да закрепнат кога економијата ќе се врати на експанзија. Но во ова, повторно, неопходно е да се внимава да не се изберат оние акции што се само навидум потценети.
Како влијае стагфлацијата на недвижниот имот?
Стагфлацијата може повремено да биде добра можност за купување недвижности. Ако нема преголема побарувачка на пазарот, бидејќи повеќето потрошувачи се фокусирани на секојдневните потреби, тогаш може да се најдат добри можности.
Но треба да се има предвид дека долгото траење на стагфлацијата може да влијае на можноста за отплата на кредитот, како и на помалиот потенцијал за заработка од евентуална закупнина, додека трошокот за одржување недвижен имот главно и натаму е присутен.