Во време на дигитална ера социјалните мрежи станаа евтина алатка за маркетинг на компаните, за разлика од поранешните традиционални начини на рекламирање. Сепак, и тие се злоупотребуваат од нелегални трговци, кои без регистрирани фирми нудат и продаваат производи онлајн.
Колкав е ефектот од нелојалната конкуренција и колку тоа ги демотивира бизнисите дигитално да се трансформираат и да инвестираат во свои е-продавници?
Според Бобан Милосавлески легалниот пат и работење секогаш ќе предничи пред дивите трговци на долг рок, бидејќи, како што вели задоволниот купувач е најдобар маркетинг за една компанија.
„’Мангупи’ ќе постојат секогаш и ќе постојат луѓе или компании кои ќе сакаат на пократок пат да дојдат до посакуваната цел или да скратат одредени давачки кон останати сервиси или кон државата, но купувачите се тие кои ќе им пресудат на дивите трговци. Бидејќи вие како купувач ќе изберете да купите од место кое е проверено и потврдено и ви гарантира за одреден производ или пак, ќе се одлучите да купите од некое место кое можеби дава пониска цена, но никаква гаранција. Како што се развива електронската трговија, како што се повеќе луѓе пазарат онлајн така и стандардите и целата стандардизација ќе расте. Бидејќи само така може да постигнеме една здрава електронска заедница на е-трговци. Ќе има и понатаму луѓе ќе продаваат на Фејсбук, Инстаграм, како што има има диви пазарџии, но верувајте дека условите кои ќе им ги нудат компаните кои продаваат легитимно ќе бидат многу подобри и ќе им носат многу поголема вредност на купувачите, и тие секогаш ќе ги изберат првите во споредба со вторите“, вели Милосавлески.
Тој посочува дека се поголем е интересот за дигитална трансформација и инвестиции во е-продавници.
„Македонија иако подоцна се вклучи во овој процес, но добро е што има желба. Најчесто бизнисите се плашат да го направат првиот чекор, поради различни причини – страв од исплатливост на инвестиции, техничко непознавање на процесите итн...Сепак, гледаме позитивен тренд и се поголем интерес. Дигиталната трансформација денеска е клуч за успех на една компанија“, вели Милосавлески.
Најголем интерес за е-продавници е забележан кај компании нудат производи како облека, козметика, накит, но се забележува и се поголем интерес од занаетчии, производители на здрава и органска храна, вели тој.
„Се нудат и услуги, онлајн часови, курсови итн. Денес сме сите онлајн, па бизнисите го прифаќаат тоа и знаат каде да ги најдат своите купувачи“, вели Милосавлески.
Коосновачот на „Вендор“ ги посочува социјалните мрежи како клучни за маркетинг на компаниите. Нова ера во сферата на е-трговијата, секако носи и вештачката интелегенција.
„Дигиталниот маркетинг е многу важен, бидејќи продуктот или е-продавницата, колку сака нека е добра, ако нема кој да ја види – нема ни кој да ја купи. Затоа бизнисите мора да го прошират буџетот за оваа намена. Компаниите мора да инвестираат во добри содржини и од своите корисници да бараат содржини кои ќе ги пласираат, бидејќи на крајниот купувач му е важно да види дека не само што производот е проверен, туку е и добро оценет од други купувачи. Стратегиите треба да бидат фокусирани на повеќе сегменти и да се искористат сите социјални мрежи, бидејќи на крајот на денот тоа е ефтина алатка за да се дојде до купувачи. Штета е да не се искористат придобивките што ни ги нуди дигиталната ера, бидејќи трошоците се десеткратно скратени во споредба со традиционалниот маркетинг“, вели Милосавлески.