Прогнозите на НБРМ за економските параметри годинава се во линија со прогнозите што „Фајненс тинк“ ги имаше во септември, односно раст на македонскиот БДП од 1,7 отсто и инфлација од 9,7 отсто, посочува Благица Петрески, извршна директорка на „Фајненс тинк“, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Иако има позитивен тренд во смисла на забавување на стапката на инфлација, сепак постојат инфлаторни притисоци“, додава Петрески.
Таа смета дека ако претходно стапката на инфлација беше резултат пред сè на надворешни фактори, сега повеќе доминираат домашните фактори.
Петрески очекува дека високите каматни стапки ќе се задржат подолго време, пред сè во Македонија.
Во однос на предлог-буџетот за следната година, кој тежи 5,5 милијарди евра, Петрески појаснува дека е планиран раст на платите од 9,9 отсто, раст на пензиите од 7,6 отсто, раст на социјалните трансфери од 8,8 отсто.
„Ова се бројки споредени со ребалансот на буџетот, но доколку ги споредиме со иницијалниот план со 2023 година, ќе забележиме дека платите имаат фантастичен раст од 18 проценти“, вели Петрески.
Блумберг Адрија
Таа појаснува дека тука доаѓа до израз таа неконзистентност со намерата.
„Од една страна велиме дека имаме фискална консолидација, од друга страна креираме буџет каде што има раст на плати што е многу поголем во однос на вкупниот раст на расходи, кој е 5,8 проценти“, вели Петрески.
Таа смета дека во поглед на капиталните расходи, годинава се пореалистични во споредба со минатата година.
„Проекцијата на растот од 3,4 проценти на БДП и 3,6 проценти на стапката на инфлација се за нијанса пооптимистички од она што реално би се остварило. А тоа е многу значајно во која мера нам ќе ни бидат реализирани вкупните приходи“, вели Петрески.
Таа додава дека тука постојат ризици реализацијата на приходите да биде пониска од планираните, што на крајот ќе се одрази на вкупниот буџетски дефицит, кој може да биде повисок од она што иницијално сме планирале.
Извозот од ТИРЗ заклучно со октомври надмина 3,1 милијарди евра
Домашните компании апелираат дека се чувствуваат дискриминирано во својата држава.
„Тоа, за жал, е реалност“, вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, во интервју за „Блумберг Адрија“.
Тој додава дека вина за таквата состојба имаат и некои од државните институции.
Блумберг Адрија
„Ќе бидам малку критичен и ќе кажам дека имаме ситуација во која само една-две институции се обидуваат да истуркаат сериозна реформа, која е практично изедначување на домашните со странските компании“, вели Деспотовски.
Извозот од ТИРЗ заклучно со октомври ја надмина границата од 3,1 милијарди евра, што е за 3 отсто повеќе споредено со минатата година.
Компаниите во ТИРЗ од почетокот на годинава досега оствариле увоз од над 2,5 милијарди евра. Тоа е на речиси исто ниво споредено со истиот период лани.